markov.sv.Zlata1.jpg

Реч на проф. д-р Пламен Легкоступ,
ректор на Универзитетот „Св. св. Кирил и Методиј" во Велико Трново, Бугарија, по повод доделувањето на титулата почесен професор (professor honoris causa) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје Скопје, 19мај 2010

markov.sv.Zlata1.jpg
Почитувани членови на Сенатот,
Уважен господин ректор,
Драги декани, студенти и професори,
Колеги и гости,
Дами и господа,

Во предвечерјето сме на денот, кога православните христијани го чествуваат денот на светите рамноапостоли, сопокровители на Европа, патроните на Скопскиот и на Великотрновскиот универзитет - браќата Кирил и Методиј.
Пред повеќе од 1155 години тие ја создадоа словенската азбука. За тоа сведочи Црноризец Храбар во својот труд „О писменех". Во тоа дело, точно е посочен датумот на нејзиното создавање - 885 година по Христа, сметано по византискиот календар.
Творбата на светите браќа - глаголицата, е феноменална. И повеќе од тоа, зашто за секој звук има и знак - достоинство, кое азбуките на повеќето други јазици и до денес го немаат. Научниците кои се занимаваат со глаголицата, го откриваат нејзиното многустрано и заштитувачко словенство и совршенството на неговиот јазик. Таа азбука е едно послание, една молитва за духовност, писменост и просперитет. Подредувањето на буквените знаци има не само звучно, туку и бројчано и смисловно значење. Самиот знак на глаголицата „аз" има длабока филозофска смисла. И тој, како и сите знаци во глаголицата, носи боженствена сила и можности на самата буква. Но додека глаголицата како сакрално писмо е создадена за богослужбените книги, што било прва задача на двајцата браќа, таканаречената од Климент Охридски и од останатите ученици на Кирил и Методиј - кирилица, е граѓанско писмо, писмо за сеопшта употреба. Над се е нивната убеденост во силата на Христовото учење, нивната осознаена волја да се трудат за „спасението на словенскиот род", со кој се врзани по раѓањето.
Но, едно се знаците, коишто дејствуваат врз умот преку пораките поставени во нив, а сосема друго нешто е писменоста. Пораките во знаците се подложни на заборав. А писменоста го надминува заборавот. Во неа се изразува не само јазикот, туку и самобитноста, достоинството, политиката, независноста на еден народ.
Истото важи и за уметноста. Преку знаците, кодирани во творбите, ние судиме за белезите кои еден народ ги остава во времето и по кои судиме за тоа што се случило со векови наназад. Нашиот современик, на пример, тешко би го разбрал посланието, кое го носи сликата на средовековниот уметник. Именувањето на сликата означува нешто, но тоа е сврзано само со предметите. Тајниот јазик на творбата, разбирлив само за уметникот и неговите современици, често пати останува неслушнат. Што означуваат некои знаци, зошто во реката се превртува делфин, зошто, пак, е тука тоа барде или таа врата, или тој бисер остава загатка и започнува да те мачи мислата дека нешто останало неразбрано? Многу симболи, знаци и значења од минатото денес се или неповратно загубени или заборавени.
Имено, тука на помош ни доаѓа познавањето на уметноста. Како што не можеме да читаме без да ја знаеме азбуката на светите браќа, така сме и неуки без познавањето на знаците и симболите на уметноста. Преку интегративните врски на ликовната уметност се изградува вредносен однос кон резултатите од уметничката дејност. Се создава систем од критериуми и знаења за да се искажат аргументирани естетски судови, со што се полагаат основите на оценувачкиот однос кон околниот свет и естетскиот вкус, а тоа доведува до стимулирање на интелектуалниот развиток на индивидуата. Постоењето на интегративните врски меѓу уметностите го развива восприемањето на естетските чувства, форми, естетскиот однос кон реалноста и се дава стимул за творечко и индивидуално изградување на човекот.
Словенството го чува и го развива делото на покровителите на Европа, св. Кирил и Методиј. Тоа им дало вдахновение на многу писатели, научници, уметници и интелектуалци, и на нивните творечки истражувања. Можеме да се гордееме со тоа што нашата писменост постои повеќе од едно илјадалетие и денес е една од официјалните азбуки на обединета Европа.
Ќе си дозволам да цитирам некои мисли, мисли од упатствата на патријархот Фотиј, познат енциклопедист и реторичар, ректор на прочуената Магнаурска школа во Цариград и учител на св. Кирил, кој ја благословил мисијата на светите браќа: „Многу пати словото отстапувало пред копјето. Но, и силата на словото во многу случаи ја затапувала острината на војната и го сопирала пробивот на големите војски. Оттука, силата соединета со словото е двоен споменик на победата. Надежта ги засилува делата, а од последните се раѓа надежта. Но, ти кога ќе го умилостивиш Бога, не пренебрегнувај ништо од тоа што треба да го направиш и ќе ожнееш добри и големи надежи".
Дозволете ми да се надевам дека по денешниот чин, силата на нашите два универзитета ќе се удвои, за да можеме уште поуспешно да дефилираме во заедничкиот европски, а зошто да не и во светскиот образовен простор.
Од се срце ви благодарам на сите вам, кои ја удостоивте мојата скромна личност со доделувањето на високото звање почесен професор на Скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј". Ја примам таа чест како признание не само за моите усилби во областа на ликовната уметност, туку и како почит кон универзитетот што го претставувам.
Ви благодарам за вниманието.

 Друго:

Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ го одбележува патрониот ден - 24 Мај