Скопје, 27 мај 2010 (МИА) - Зачувување на изворните вредности на климентовиот Универзитет преку пракса и теоретски предавања од страна на професионалци е целта на двете работилници кои се одржаа минатиот и овој месец во рамки на проектот „Млад Светиклиментов универзитет“.

Досега, во Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ се одржале работилници за ученици од Скопје наменети за рачно изработување на еколошка хартија и за запознавање со културно-историските вредности на глаголицата.

- Училиштата од Скопје покажаа голем интерес за овие работилници кои во иднина планираме да се спроведуваат и за возрасни лица. Ја постигнавме целта, а на есен предвидовме уште три работилници за теорија и пракса за резбарството, фреското сликарство и макетарството, рече на денешната прес-конференција директорот на НУБ „Св.Климент Охридски“ Миле Бошески.

На учениците кои успешно ги поминале работилниците денеска ќе им бидат доделени дипломи наречени „Светиклиментов наследник“. лѓ/дма/13:28