Помагајќи им на другите луѓе да изгледаат среќно, Фејсбук не прави тажни

Дали Фејсбук не прави очајни? Постојат безброј начини да се онерасположите. Најновото истражување открива уште еден. Треба да претпоставите дека единствено вие сте несреќни

6ука - Сараево

7 февруари 2011

„Не сте само вие несреќни, како што мислите“, тврди истражувањето објавено во јануарското издание на журналот „Личност и општествена психологија“. Во прашање се серија студии кои се занимаваат со тоа како студентите го гледаат сопственото расположение и расположението на своите врсници. Истражувањето го водел Алекс Џордан, кој во тоа време бил на докторски студии на отсек за психологија на Станфорд. Откриено е дека испитаниците константно потценуваат колку другите се тажни и често како последица на тоа, самите се чувствуваат уште потажно.

Идејата за истражување Џордан ја добил по набљудувањето на реакциите на своите пријатели на Фејсбук: Забележал дека тие имале посебно лошо мислење за себе, по нивното приклучување на страницата и гледањето на атрактивните фотографии на другите, нивните успешни биографии и весели статуси на профилите. „Тие се убедени дека сите други имаат совршен живот“.

Човечката склоност за проценување на туѓата среќа не е ништо ново, секако. Џордан го цитира Монтескје: „Кога само би сакале да бидеме среќни, тоа би било лесно; но ние сакаме да бидеме посреќни од другите“. Социјалното вмрежување може да ја влоши оваа состојба. Истражувањето на Џордан не се бави само со Фејсбук, но ако неговите заклучоци се точни, од тоа произлегува дека оваа страница има посебна моќ да не прави тажни и осамени.

Прикажувајќи ги најсмешните, најсреќните инсерти од животот на луѓето, Фејсбук не наведува на постојано споредување со другите, при што често себеси се гледаме како губитници. Фејсбук така ја погоди ахиловата пета на човечката природа. Со оглед дека жените во последно време се посебно несреќни, тие се можеби и најподложни на желбата да достигнат „туѓа среќа“.

Во една од студиите од Станфорд, Џордан и неговите колеги прашале 80 студенти на прва година дали тие или нивните врсници во последно време искусиле различни негативни и позитивни емоционални доживувања. Испитаниците повторно потцениле колку негативни искуства имале нивните врсници – тешки караници, биле тажни бидејќи им недостигале луѓе. Исто така прецениле, колку тие исти врсници се забавувале – излегувале со пријатели, оделе на забави.

Во друга студија, каде биле анкетирани 140 станфордски студенти, истражувачите откриле дека студентите не ја процениле точно среќата на другите, дури и кога го оценувале расположението на нивни блиски пријатели, цимери и девојки или момчиња со кои се забавувале. Во трета студија истражувачите откриле дека студентите кои повеќе се жалат се чувствуваат осамено и мислат за сопствената несреќа, склони да ги потценат негативните емоции кај другите.

Меѓутоа, во ова треба да се види корелација, а не причинско-последична врска. Можно е испитаниците кои станале нерасположени да замислуваат дека на сите други им оди добро, а не обратно. Но, чувството дека сте осамени во лошо расположение може уште повеќе да ја влоши состојбата.

Како и идејата дека фејсбук може да ја влоши оваа тенденција. На крајот на краиштата, Фејсбук е карактеристичен по многу јавно изнесени лични успеси во вид на пријатели, слики, биографски податоци, длабокоумни коментари, дури и книгите кои ги сакаме. Погледнете како испековме убави колачиња. Си играме со новото куче. Се смееме на сликите (или ако сме нерасположени, ние даваме посебен смисол на тоа чувство). Обичноста не е доволна, а со некои исклучоци, тажните работи исто така не ги задоволуваат поставените стандарди.

Самиот дизајн на страницата – присуството на опцијата лајк, без опција хејт од другата страна, го поддржува тој вид на позитивно прикажување на работите. (Никој нема да го лајкува вашиот статус ако објавите дека новото куче ви умрело, но можеби ќе им се допадне ако објавите дека се е во ред со кутрето). Секој родител кој поставил фотографии или го видел своето дете на Фејсбук и тоа како е свесен за отстапките од реалноста. Начинот на кој го документираме родителството на Фејсбук раскажува приказна за симпатично неправилно изговорени зборови, преслатки шеширчиња, танц, испраќање на бакнежи, итн.

Нападите на плач, изливи на гнев, ретко се пишуваат, како и периодите на чиста убиствена досада. Ние на овој начин се заштитуваме себе и своите деца, бидејќи за разлика од среќата која е безлична, болката е лична. Но во тој процес ние придонесуваме за создавање на илузија дека воспитувањето на децата е само радост, дека воопшто не постои мака.

Фејсбук е како да глумите во претстава и измислувате свој лик - еден тинејџер рекол на професорката Шери Туркли од МИТ во нејзината најнова книга за технолигија „Заедно сами“. Туркли пишува за исцрпеноста која тинејџерите ја чувствуваат додека константно ги дотеруваат своите профили за да бидат максимално цоол. Таа тоа го нарекува грижа за самопрезентација и сугерира дека постојаното изложување себеси на страницата ги прави луѓето оттуѓени од самите себе. (Пошироката теза на книгата е дека технологијата, наспроти ветената друштвена поврзаност, всушност не прави осамени спречувајќи ја вистинската интимност).

Натпреварувачкиот дух кој го поттикнува Фејсбук посебно може да има импликации кај жените. Како што забележува Меган О’Рурк во својот натпис објавен во книгата, нивото на среќата кај жените последните години е константно ниско. О’Рурк и двајца економисти од универзитетот во Пенсилванија кои го проучувале јазот меѓу машката и женската среќа, тврдат дека женското колективно незадоволство можеби е последица од преголемиот избор и склоност кон преиспитување на одлуките и сомнежот во нивната исправност, што посебно еволуира во текот на последниот половина век. Економистите велат дека зголемените можности за успех можеби довеле и до веројатноста дека веруваме дека не сме успешни.

Ако веќе сте склони да ги споредувате сопствените одлуки со одлуките на другите жени и своите да ги сметате за лоши, верувајќи дека другите се посреќни со својот избор од што навистина се, тоа веројатно ќе го зголеми вашето чувство дека не сте успешни. А жените можат посебно да бидат подложни на илузиите кои ги создава Фејсбук. Како прво, на страницата има повеќе жени корисници од мажи, а и жените корисници се многу поактивни на страницата, според пишувањето на Форбс.

Според неодамнешно истражување од Универзитетот во Тексас, Аустин, мажите ја користат страницата да поделат работи како што се вести или тековни настани, а жените повеќе ја користат за лични работи (поставување на фотографии, размена на содржини во врска со семејството и пријателите).

Поради тоа на жените може посебно да им биде тешко да го избегнат споредувањето поради кое стануваат нерасположени (минатата есен на пример Вашингтон Пост објави натпис за тоа дека жените кои не можат да забременат, тешко се заштитуваат од фалбите на бремените пријателки на Фејсбук).

Џордан, кој сега е на постдокторски студии по социјална психологија, сугерира дека Фејсбук профилите треба да се сфатат како нешто слично на ретуширани фотографии на насловните страни на женските списанија. Не, никогаш нема да имате таква задница, бидејќи никој нема таква задница. Никогаш нема да бидете секогаш среќни како вашите Фејсбук пријатели, бидејќи никој не е среќен постојано. Сетете се што рекол Монтескје, а ако сте многу нерасположени, користете го Фејсбук за најдобри цели: најдете фотографии на своето поранешно момче, кој во меѓувреме многу се здебелил. вз/

 

Извор: МИА

 http://www.mia.com.mk/default.aspx?vId=80873645&lId=1&pmId=