Топлиот културен бран ќе зафати 21 македонска општина


Меѓу поатрактивните случувања се најавуваат настапите на Танецц, Влатко Стефановски, Сашо Гигов - Гиш, групите Баклава, Љубојна, Фолтин, а ќе бидат одиграни и бројни театарски претстави и прикажани култните македонски филмови. Сите настани ќе бидат бесплатни за посетителите


Повеќе од 110 културни настани ќе се случуваат во 21 македонска општина во текот на јули и август. Министерството за култура вчера го најави четвртото издание на манифестацијата "Топол културен бран", а Неготино, Берово, Велес, Кавадарци, Пехчево и Валандово се само дел од општините во кои од 20 до 31 јули и од 20 до 31 август ќе се случуваат бројни концерти, настапи на културно уметнички друштва, изложби, театарски претстави и перформанси...

И ова лето ќе имаме динамична, атрактивна и квалитетна културна програма, која ќе претставува вистинско уживање за сите граѓани и посетители на нашата држава. Проектот Топол културен бран" има за цел културата и актуелните културни содржини што ги финансира Министерството за култура да станат достапни до сите граѓани на Македонија. Наш приоритет е поттикнувањето на локалниот културен развој", изјави меѓу другото министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска на вчерашната прес-конференција на која присуствуваа и дел од градоначалниците во чии општини ќе се одвиваат културните настани.

Манифестацијата ќе започне паралелно во 8 општини, а граѓаните ќе имаат можност да уживаат во богатата културна програма. Меѓу поатрактивните настани кои се најавуваат се настапот на "Танец", концерти на солистите на Македонската опера и балет, на нашиот гитарист Влатко Стефановски, на групите Баклава, Љубојна, Фолтин и пејачот Сашо Гигов - Гиш. Љубителите на театарската уметност, пак, ќе можат да ги проследат претставите во изведба на македонските театри, а ќе бидат прикажани и култните македонски играни филмови. Предвидена е и програма за најмладите кои ќе имаат можност да го проследат Фестивалот на детски песни, како и театарската претстава од Македонски народни приказни. Сите изведби во рамките на манифестацијата којашто ќе заврши на 31 август со поп-рок концерт на велешките музички ѕвезди од 70-тите години на минатиот век, ќе бидат бесплатни за посетителите.

Резултатите од минатогодишното издание на "Топлиот културен бран" потврдија дека ја постигнавме целта и дека дисперзирањето на внимателно програмски селектираните културни настани, создаде силен културен импулс, што е потврдено со масовна посетеност на настаните", истакна Канческа - Милевска, додавајќи дека учеството на уметниците на манифестацијата е без паричен надомест. Присутните градоначалници, пак, ја поздравија иницијативата за културната дисперзија, која, како што велат, овозможи и жителите од помалите општини да ги проследат актуелните настани од македонската култура.


(Д.Т.)
Фото:Н.Батев