Бројот на соработници на онлајн енциклопедијата полека опаѓа а загубените уредници речиси и да не се заменуваат со нови.


Непрофитабилната компанија која го одржува сајтот се обидува да ги поедностави комплицираните уредувачки процедури, за да им ја олесни работата на новите доброволци, објаснил основачот на Википедија, Џими Велс.

"Не станува збор за некаква сериозна криза, но сметам дека тоа што се случува е многу важно", изјавил тој за Асошиејтед Прес.

Велс се пожалил дека типичниот соработник на Википедија е 26-годишен маж бубалица, кој по некое време се префрла на други проекти и ја напушта енциклопедијата. Другите уредници си заминуваат, затоа што 10 години по лансирањето на сајтот, нема уште што многу да се додаде.

Википедија е меѓу првите 10 најпосетувани интернет страни во светот, која често пати се смета за порелевантна од повеќето конвенционални енциклопедии. Но, голема штета и причинуваат субјективните податоци и невкусни шеги.

 http://on.net.mk/

До март годинава, Википедија имала 19 милиони статии а само 90.000 активни соработници. Со цел да добие уште 5.000 нови уредници до јуни следната година, Фондацијата Викимедија ја проширува програмата за убедување на универзитетските професори да ги вклучат своите студенти во дополнувањето на енциклопедијата, особено во Индија, Бразил, Канада, Германија и Британија.

Интернет страната воведе и нова опција наречена ВикиЛав, која има слична функција како like на Фејсбук а која треба да претставува еден вид поттик и признание за соработниците.