solunac

Солунчев за „Фактор“: Македонското образование создава полтрони и гастарбајтери!
Sep
9
by Професорски пленум   

Образованието не подлежи на импровизации и концептуални збрки. Супстанцијално образованието не треба да биде реперкусија на политичкиот систем, а уште помалку, чекор во некаква  политичка програма на која било политичка партија, оти на тој начин тоа е само еден запчаник на механизмот на власта, и има комплетно пресвртена онтологија,  не произведува индивидуалитети, што е негова основна цел, ами, дури и напротив, ги укинува – вели за Фактор, доц. д-р Ристо Солунчев од Институтот по философија на Филозофскиот факултет.

“Дисперзираните студии само покажаа дека популизмот во образованието е знак за тотална игноранција и дилетантизам. Илузијата дека некој селанец во исто време може да сади зелка во претпладневните часови а попладне да оди на предавање и полага испити, да се продава како концепт на развој е симулакрум кој ниту естетски дразни и покрај новоста во светски рамки. Сиот тој метеж на факултети и професорски патувања од едно село до друго направија крајна девалвација на квалитетот на процесот, а отворија простор партискиот џган да се фалсификува како високо образован кадар”-потенцира Солунчев.

Пропагандата дека еден вид науки вредат повеќе од други, според него е создадена од партиски чиновници кои никогаш сериозно не се занимавале со наука,  а имаат како што вели  месијански комплекс. Техничко-технолошкиот развој вели е битен за едно општество, но тој е една консеквенца на занимавањето со наука, а не причина која ја условува сета реалност на научното знаење.

Не постои еден метакритериум врз основа на кој би можело да се направи градација и хиерархизација на науките. Интересот за општествените и хуманистичките науки е сосем природен и исходи од целината на човечкиот свет. Технологијата произлегува од тој свет, и не може наеднаш да стане негова причина. Не може во последицата да има еминентно повеќе одошто има во причината на таа последица. И студентите, но и учениците, за жал, се упатени кон симулација на образование, кон процес на нивно деиндивидуализирање, нивно втопување во системот на капиталот, репресија и сублимација на нивното креативно несвесно во служба на моларните организации како што Делез ги нарекува”-додава Солунчев.

Минатата академска година студентите подржани од професорите покажаа дека  сакаат да бидат вклучени во креирањето на образовните политики за сосема нов Закон за високо образование со конципирање на најдобрите решенија кои ќе бидат уставно и компаративно засновани. Но според досегашната праксаи начинот на кој се водеа “преговорите”, останува отворено прашањето дали постои можност за сериозен дијалог?!

“Ако сакам да произведам жито, не одам кај банкарски чиновник или професор по философија (и покрај можноста философот да знае!) за да ми направи програма за процесот на производство на жито,  ами одам кај оној што постојано со тоа произведување се занимава, и кај стручни, писмени луѓе кои врз праксата на претходниот теоретски се надградиле. Ако сакате да зборувате за образованието и да го надградувате мора да ги прашате оние што постојано се вклучени во тој процес. Номотехниката за законот понатаму се процесира во последователни инстанци. Сериозен дијалог не постои, само концептуална збрка кај чиновниците и препишувачите на закони. Владата никогаш нема да стане стручна за да креира концепт на образование, па колку себеси и митски да се дефинира и дивинизира. Сервисот на едно општество (владата) кое никогаш нема апсолутен легитимитет, поради самата демократска природа на легалитетот, станува единствен газда кој апстрактно сета полнота на општественото ја сведува на држава и механизам на манифестирање на моќ, а таа апстракција после ја конкретизира во ничкосана и лажна слика на држава како нечија лична приватна фирма, приврзок на партијата. Не верувам во искрен дијалог помеѓу инстанците на образованието и која било власт, сегашна или идна”-нагласува Солунчев.

Образованието и државата според него треба да се  спротивставени системи, а обидот за воспоставување на нивна коегзистенција, па и единствен процес, е само илузија. Во општествено-политички услови кога младите се почесто гледаат можност за вработување по “партиски клуч”, а други експресно заминуваат надвор,  се соочуваме со сериозен и реален  проблем со  губење на вистинските вредности и квалитетот.

“Ние повеќе во Македонија не се занимаваме со вредности. Важноста е ствар на тоа која толпа дошла на власт па сега ги формира системите на метеж и симулација. Но толпата не произведува вредност. Универзитетската диплома можеби ја губи важноста, но никогаш не ја губи вредноста. Партиското вработување е еден таков метеж на духот на една нација која внатрешно изумира, а создава лажна слика дека сега допрва се раѓа. Тоа е една схизофренија, и квази бесконечност на една несреќна свест. Создавате само полтрони и/или гастербајтери, а никако да почнете да создавате. Оти создавањето е ствар на духот а не на инерцијата на материјата. Почнуваме да создаваме уште од домовите и детските градинки” – вели  Солунчев.

Оттука тој порачува: Да се постави прашањето како да се отклучи оваа инерција, и да се сфати лудото инсистирање на Киркегор на гробот да му пишува само едно: Тој беше индивидуа!

С.Б.

Врска до оригиналниот документ

Преземено од: https://profesorskiplenum.wordpress.com/2015/09/09/%D1%81%D0%BE%D0%BB%D1%83%D0%BD%D1%87%D0%B5%D0%B2-%D0%B7%D0%B0-%D1%84%D0%B0%D0%BA%D1%82%D0%BE%D1%80-%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%BE%D1%82%D0%BE-%D0%BE/