Излезе од печат третата стихозбирка Богољубива поезија од циклусот Манастирски води - Убавина, под псевдоним на Кипријан Слепченски.

Рецензенти за оваа книга се проф. д-р. Владимир Мартиновски, академик Катица Ќулавкова и познатиот македонски поет и писател Раде Силјан.

 

Информации за продажба на книгата „Манастирски води - Лебедот“

може да ги добиете на сајтот на манастирот и преку:

Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. или тел. 078 384 867

во Струмица:  тел. 075 490 655
во Скопје: тел.  070 276 721

СВЕТ СПАСЕН СО УБАВИНА

(Кон Убавина од Кипријан Слепчански, 2018)

Честопати сме ја чуле или прочитале една од најутешните мисли на големиот романсиер и мислител Фјодор М. Достоевски: „Убавината ќе го спаси светот“. Таа топла, светла и длабоко човечна мисла многупати ни се наметнува и додека ги читаме песните и стиховите од стихозбирката Убавина, која е нова (веќе трета) заедничка поетска рожба на монашкото сестринство од манастирот „Свети Атанасиј Велики“ во Демирхисарско Журче. Доследно надоврзувајќи се на претходните извонредни поетски низи, песните од книгата Убавина ја потврдуваат ретката симбиоза на религиското, духовното и поетското искуство.


Уметничко-мисловниот строеж на ракописот, како и надградбата во однос на претходните поетски збирки, е најавен уште со првата песна „Духот на вистината“, која е една од лајт-мотивите на комплексната поетска структура на серијата поетски книги, а со поднасловот (дванесесетта мисла) сме потсетени дека оваа песна има свои „претходници“ во претходните книги. Во песните поместени меѓу кориците на Убавина поетскиот потстрек е пред сѐ и над сѐ духовен повик, така што лирскиот глас од оваа уводна песна, со инвокациска интонација вели: Ме туркаш, / бараш од мене да собирам, да собирам семе ме тераш / дали ќе умеам да го најдам, се прашувам.


Метафората на собирање и култивирање семе не само што ефектно (нѐ) упатува на една од Евангелските параболи туку и го сублимира еден од можните пристапи кон разгатнување на поетската вокација, сфатена како макотрпна на пред сѐ обединувачка активност. Впрочем, како асоцијацијата на светите мошти, која се наметнува од поетските слики на оваа песна, поетскиот чин подразбира (пре)познавање на драгоценото и светото и обединување преку Песната: Расфрлено по сите краишта на земјата / сите влакна изброени, / разделени коски заради намената, / вистини твои посведочени. Дека во поетскиот чин се гледа и облик на зачувување/паметење сведочат и стиховите: вистина за незаборавеност да посведочам.


Една од клучните мисловно-философски нишки на овој поетски ракопис, како што посочува и насловот, е токму проживувањето, промислувањето и доловувањето на Убавото и Убавината преку поетската реч. Во непоматената поетска оптика, низ овие песни Убавината не е изолиран концепт за мудрување, ами нешто што може да се живее и доживее. Убавината се засведочува со секој стих. Во секоја нова песна убавината се проникнува со некое конкретно животно духовно искуство. Така, во песната „Милост“, по серијата древни библиски симболи, песната уверливо посочува на неискажливата убавина на милоста и проштевањето, како манифестации на сепроникнувачката Љубов: Постои само простување / за Љубовта Божја ликување, / за паднатоста човечка исправување, / за рајските порти отворање.


Песните од книгата Убавина се сведоштва за духобната борба и нејзината убавина на патот на смирението. Во песната „Мир мирови“ е тематизирана токму потребата од смирување, будност и отвореност, наспрема суетата која, се чини, најнеосетно но најсигурно го одалечува човек од духовниот Мир и од Небесната Убавина. Во песната „Не зборувам“ како да е обелоденето поетичкото кредо на оваа стихозбирка, молитвено барајќи ја суштинската врска меѓу писмото и мислата, говорот и напишаното, дејствувањето и љубењето, та лирскиот субјек посакува: Да говорам како што пишувам, / да пишувам како што слушам, / да слушам како што делувам / но да љубам како што постојам.


Во песната „Одговор“ се нуди поетски одговор на можеби клучното прашање кое се наметнува поврзано со Убавината – на што таа се темели и која е нејзината смисла? Одговорот во оваа песна, но и во долгата низа песни, се бара во сферата на Божјата Љубов: Љубовта Своја под сѐ ја подметнуваш, / вага да биде за нашите недела, / да се преумиме, / на Тебе да се сетиме, / та Ти сѐ носиш и одржуваш / од смирено срце не се откажуваш. Токму смиреното срце и успокоената душа како досегливи идеали, се посочени како клучни духовни предуслови за „траење“ на Љубовта и во песнта „Патување (прво)“: Добро е да пребиваш во Љубовта, / но таа во неспремен не се задржува, / нестрплив не истрпува, / од несмирен се оддалечува.


Песните од сихозбирката Убавина неизоставно се поврзани со монашкиот етос и подвиг. Внатрешната, постојана и нелесно видлива духовна борба е духот што ги движи поетските слики и мисловните дијапазони на песните. И во најдраматичните мигови, како протагонистот од фолклорно интонираната балада „Едно“, лирските субјекти не ја губат надежта: Жив е Бог и жива Љубовта, / Он секого го послушува, / гласот Негов човека го прилепува, / од вистина не го одалечува. Оттука, во песните голем број строфи добиваат молитвена конотација:  Срце мое очисти, / од страст која се удоми, / умот да се просветли, / слуга Твој војник небесен да постани. И во пеесната „Неизвесност“ се моли за Божја поткрепа: Ајде Ти Велики, / подај ми стега светлосна, / да соберам време во дисаги, / неизвесност да стане мирна. Во песната „Носталгија“ молитвената желба гласи: Љубов да гледам преку Тебе, / очи со простување исполнети, / сага за снага да напишам, / постоење да си сфатам.


Ако молитвената поезија е еден од начините да се „сфати постоењето“, тогаш песните од стихозбирката Убавина се подеднакво значајни како и за авторите обединети околу името Кипријан Слепчански, така и за читателите на оваа книга. Во песната „Пак и пак“ е акрикулирана следнава молитва:

Еве пак кон Тебе приоѓам,
веќе што добивам –
нема да нагаѓам,
само тоа теба да го умножам –
кога со другите го споделам.

Од едно – десет,
од пет – пет илјади,
и така во недглед
се умножува благодат која Ти ја подари.  
 
Имајќи предвид дека во книгата Убавина, поезијата е начин на споделување и умножување на благодатта и убавината, воопшто не е изненадување што токму во песната „Убавина“, Љубовта и Добрината е неразделни од поимањето и живеењето на Убавината, како во стиховите: Добар е – круната / која ја краси убавината, / Добар е – тишината / од која се раѓа душата. Во оваа антологиска песна, источникот на Убавината се бара во „Неговата добрина“. Поетската интуиција го воскреснува кредото дека убавината не е само перцептибилна и надворешна одлика, ниту субјективно чувство (и не е „творба на мечтаењето“), ами суштествено „внатрешен“, духовен квалитет на човекот: убавина во себе носиме / само да ја ослободиме.


На едно место во оваа книга се предупредува дека досегањето на таа внатрешна убавина не е лесен и механички чин, ами плод на трпелива духовна работа: Златен рудник / злато не раѓа, / за да се употреби, / да се прочисти треба – многупати. Низ оваа визура, особено се потресни и впечатливи стиховите од завршната строфа на песната „Убавина“: Добар си, / таков остани, / вечно Ти Кој постоиш, / пред да се спуштат моите клепки, / со чистота ме обдари – / Убавина подари. Оваа песна, како и голем број други поетски творби од стихозбирката, скромно, едноставно и неусилено нѐ уверуваат дека внатрешната Убавина постојано го спасува светот.

проф. д-р Владимир Мартиновски

 

 Сакрална убавина

(кон книгата Манастирски води: Убавина, на Кипријан Слепченски, 2018)


Пред нас е третиот том од поетската трилогија (можеби ќе биде полилогија!) Манастирски води на Кипријан Слепченски, со под-наслов Убавина. Првиот том има наслов „Духот на Вистината“, а вториот Лебедот. Сите се објавуваат во издание на манастирот „Свети Атанасиј Велики“ од Журче, Демир Хисар (2017), во библиотеката ’Небесни цветови’, едиција „Поезија“.


Насловот „Убавина“ на третиот том упатува на една посебна тематска целина, сосредоточена врз сакралната убавина, сфатена како „зрачење на Светиот Дух“ и како „учество во вечноста“, како што сугерира самиот Автор на книгата. Значи, и овој тематски круг, посветен и осветен од поимот Убавина, е рефлексија на Духот на Вистината, јас би рекла на Вистината сфатена во една виша, христијанска и православна смисла. Песните за убавината се врамени во концептот на Вистината над којшто бдее окото на Светиот Дух.


Тие рамки не се само концептуални и идејни, туку и емоционални и религиски, затоа што се облеани и прегрнати од едно длабоко чувство на вера и на православниот вероисповеден идентитет. Верската пасија, промислена и вдахновена со мудрост, се обликува во поетска слика/визија на свет. Таа поетска слика/визија на свет е, оттаму, емоционална, па дури и страсна (страста сфатена како пасија, и провидение, и страдание!). Светот е посматран од еден агол кој е уверен дека е возможно и добро да ја има убавината како свое средиште. Убавината е средиште на првично (иницијално) посматрање/набљудение, таа е предмет на опевање затоа што е предмет на боготворење, но прераснува во точка во којашто се вкрстуваат личните со верските/религиските проекции на светот.


Таа точка на вкрстување, тоа испишување на крстот во бескрајниот круг или во кругот на бесконечноста, концептуално се стреми да биде отслик на Битието, отаде времето и просторот, отаде историјата и егзистенцијата. Па сепак, токму во таа точка на вкрстување се огледаат и некои сенки на личното егзистенцијално распетие. Така, колку и да се работи за една рамовна, апстрактна, поимска и девствена контекстуализација на убавината, песните од оваа книга зрачат со фрагментарни одблесоци на некои овоземни сетилни доживувања на природата (првенствено визуелни, но и аудитивни, олфакторни, тактилни).


Поезијата, како естетски говор, како жива реч на сетилниот израз (естезис), налага, заправо генерира слики/одрази/образи на невидливото во видливото, на оностраното во овостраното. Тоа значи и дека поетската реч допушта да се отсликуваат својства на овоземното во небесното. Тоа е тој духовен и јазичен круг кој допушта динамични, но и двојни огледувања и препознавања („како на небо, така на земја“, но и „како на земја, така на небо“). Во таа смисла, духовната убавина не можеме да ја поимаме надвор од естетската. Тоа поимање е интуитивно (претчувства, визии), сетилно (глетки, допири, мириси, звуци, ритам, чувства) и идејно (поимски, ментално, интелектуално, филозофски).


Поетската книга Манастирски води: Убавина на Кипријан Слепченски е составена од седум циклуси (Таинството на животот, Трагање, Согледување, Подвиг, Плачот на срцето и Утеха, плус врзивните или рамковни песни за/на Духот на Вистината - на почетокот, на средината и на крајот на книгата). Веќе самите наслови на циклусите го потврдуваат кажаното. Тие упатуваат на животот, на траги, на глетки, на плач и срце/чувства. Такви слични проекции наоѓаме и во насловите на песните. Ќе наведам само некои, покарактеристични: носталгија, очи тажни (срна), порив, посакувам, ладно, трепет, очи наведнати, срце оснежено, опуштање, и други.
Лексиката на песните исто така упатува на една сензибилна имажинерија: пеперутка, лилјан, темјан, крик, птици, оган, вода, поле, молња, камин... Од друга страна, реториката е сродна на онаа наследена од духовната поезија, а таа пак е сродна на библиските и теозофските жанрови (Бог и љубовта божја, Премудриот, Светиот Дух, Вистината, девствената, ангелите, архангелите, прошка, грев, воскресение...). Интонацијата на песните е елегична, формата сонетна, иако без претензии да биде совршена реплика на образецот на класичниот сонет.


На пример, дури и во уводната песна „Духот на Вистината“ се наѕира трага од страдание поради сомневањето во немоќта/моќта на човекот да одговори на барањата на Светиот Дух и на совршенството на Битието. Вклештени меѓу совршеното и несовршеното, меѓу светото и профаното, луѓето се изложени на искушенија, на заканите на стравот и на мечот на сопствената сушност. Дали ќе успеат да се ослободат од стереотипите на моќта и немоќта? Тука единката, особено креативната единка, поетот, посега по исконската моќ на јазикот да одухотворува, да вдахновува, да воспева, да утешува, да ја води душата од незнаење кон знаење, од темнина кон светлина. Тука, во таков контекст, започнува и се води дијалогот со Оној чиешто име не мора да се спомне, но се распознава како врховно начело, вредност, копнеж, како мера на безмерното (Оној, Тебе, Ти, Тој). Овде ќе наведам и еден пример од друга песна:


„Намали носталгија по Тебе,
Да го разберам времето,
Да не ме лаже земното,
Сиромав да се гледам дење.“ („Носталгија“)

Но, бидејќи човекот има своја сушност на постоењето, тој се одѕива на предизвикот на говорот и на поетската реч:

„Зошто зборови предизвикуваш
Кога мисли сакам да загушам?“ („Патување, прво“)

Така, љубовта спрема Бога одблеснува во љубовта спрема поетската реч, и обратно - љубовта спрема поетската реч се изразува како љубов спрема Бога. Тоа е таа потрага по совршенството. Не крај на патот, напросто патување.


Катица ЌУЛАВКОВА
Скопје, мај 2018

 

 

 ЗАВЕТНИ ПЕСНИ ЗА МАНАСТИРСКИТЕ ВОДИ И ЗА УБАВИНАТА




    „Манастирски води / Убавина“ е колективен поетски труд, во кој се преплетуваат теми преточени во песни со позитивна промисла за духовноста, добрината и среќата. Во овие слова, завештани под закрилата на светецот Кипријан Слепченски, се чувствува духот на вистината и вербата во Божјата благодат. Низ молитвениот веј, како заветни сказни за убавината и за надежта се ткае една лирска нишка, преку која ненаметливо и спонтано се бележат доживеаните мигови на среќата и радоста, на искрениот глас на земните патешествија и на небесните возбуди. Овие лирски записи се засновани врз народната традиција, која е неисцрпен извор за целокупната македонска поезија. Спорeд својата продуховеност, тие пополнуваат одредена празнина и оставаат траги во манастирскиот простор, населен со тишина, со волшебен мир и со спокојство. Во нив е опфатен широк спектар на мотиви, опеани како мигновени настани, како искрени творечки побуди за доживеаното и почувствуваното во времето и во просторот. Оттука и впечатокот дека ова не е поезија за личен престиж, за индивидуална афирмација или за самофалба. Ова е поезија за колективна самосвест, која по многу свои елементи е оттргната од едноличниот шум на секојдневието.


    Во стиховите се слави животот, се воспева гордоста на човекот и низ ткаежот на едноставните зборови се воспева убавината. Со добра мисла се поставуваат мноштво прашања, за кои се нудат едноставни решенија и прецизни одговори. Всушност, преку лирските пораки се допираат земните низини и небесните височини. Во богатиот спектар од теми и мотиви проблеснуваат мудри сентенции и лирски медалјони, во кои читателот ќе препознае еден свет близок на човечките сетила, но поразличен од сè она што ја крие баналноста, која често нè опркужува. Во книгава се застапени творби со заумни мисли и искрени пораки. Тие прилегаат на пресликано време, видено со детски очи и осмислено од чедни души.


    Кога ги читаме овие лирски записи го чувствуваме духовното спокојство, скриено во пазувите на питомите планински предели. Во таа прегратка на нежности, често се населува мислата-олесница, како и призивот на тишината и на пладневното рамновесие. Меѓутоа, ова се и песни-досетки за доживеаното во денот и ноќта, песни-молитви за темнината и светлината, за болката и тагата, за сонот и јавето, за животот и вербата во утрешниот ден. Тие се напишани во еден здив, без додавки и украси, без лажни и свечени изливи на восхит. Всушност, тие се оттргнати од прегратката на срцето, та затоа прилегаат на записи во кои се преобликуваат со едноставни зборови времето и просторот. За убавите народни песни на македонскиот гениј се вели дека тие сајбија немаат, па така и за овие едноставни и поучни песни ние можеме да кажеме дека ја имаат судбината на колективната порака, остварена со човечки порив, задлабочен во широките пространства на духот.


    По овој повод ние ќе се потсетиме на една лирска песна на анонимен автор од демирсхисарските од Бога благословени предели. Тој поетски запис е напишан во 1398 година во ракописен Апостол од Слепченскиот манастир. Ќе ја цитираме оваа творба во препев на современ македонски јазик на Илија Велев, колку за да докажеме дека не сме дрво без корен, односно дека песните застапени во книгата „Манастирски води / Убавина“, имаат и свој предглас во овој средновековен лирски медалјон насловен како „Поетски запис“. Во него анонимниот автор пее:

... Блуди, блуди, самотниче,
блуди, блуди, брате.
И повторно Ти велам -
блуди!

Тоа што се посакува на небото
да е знамение,
на земјата е
мака паганска.

Да се бориш со крстот,
не било можно
никогаш.

Раѓањето во недела,
свети Петар
во петок.

Блуди!
Прва месечино,
прво сонце!

Духот на авторот на овие стихови, кој тлеел во манастирската тишина и во небесното синевило, по многу векови како да ги пробудил искрените чувства и пориви, та низ чедни зборови се населил во овие прилежни песни, кои во себе кријат божја радост, чедност и убавина. Во тоа име читателите ќе ги доживеат поетските пораки, како искрен призив на времето минато, но и како голема љубов кон времето денешно и утрешно.

Раде СИЛЈАН
Скопје, март, 2018 година

 

 21.08.2018 лето Господово

ПП

Друго: