Одамна не се плашам од ништо
и си го барам, со огин што гори
и не изгорува
одамна не му верувам на умот
кој е бесно куче што лае
и не може да престане
одамна памтам и го знам дека лаже
толку пати ме излажал што веќе
нема шанси да му дадам да ме води
далеку од места и предели
што не му се познати
тој е невиден зихераш
копиле гладно и жедно
по моќ и груби задоволства
пријател ми е стомакот
тој е искрен и прост
и не знае да лаже
гладен е непогрешлив
а кога е сит му се повраќа
ми вели да ги одбегнувам
оние чие присуство
му создава тежина и тегобност
и да се држам до оние
од кои му е весело и лесно
или скокотливо
не се битни кажаните зборови
ниту искажаната намера
лагата е одвратна
во ласкавецот има сотона
што ти ја мерка душата
и сака да пие црна крв
и да ја меша со својата
бегај од човек што
ти прави цигла во стомакот
и ти го мрачи денот
не давај умот да те лаже
дека циглата си ти, не си
држи се до пеперутките

Тихомир Јанчовски