Д-р Дмитриј Авдеев е православен лекар-психијатар, психотерапевт, медицински психолог, доктор на медицински науки. Завршил постдипломски студии на Богословскиот факултет на универзитетот „Лукијан Благо“ (Романија), на тема „Пастирска психологија и психијатрија, православен приод кон психотерапијата и црковна помош на психички болни луѓе“. Од 1991 година активно работи во правец на формирање христијански однос кон психичките заболувања, т.е. на моделот на православната психотерапија. Ја разработува православно ориентираната програма за рехабилитација на лицата што страдаат од наркоманија и алкохолизам.
Член е на руски и на меѓународни професионални здруженија и асоцијации. Автор е на повеќе од 300 духовно-просветни, научни публикации и мултимедијални проекти, во кои спаѓаат над 60 книги и брошури, издадени освен на руски и на повеќе светски јазици во тираж од над милион примероци. Основач е и директор на Институтот за проблемите на формирањето христијански однос кон психичките заболувања, каде што е и редовен професор. Во текот на 20-те години работа врз развојот на православен духовен правец во психотерапијата им укажал помош на илјадници луѓе.

СОСТОЈБИ НА ЗАВИСНОСТ

Адиктивно однесување

Во психијатријата постои поимот „адиктивно (зависничко) однесување“ (од англ. addiction – погубна, штетна навика). Тоа вклучува различни типови однесување: наркозависност, алкохолизам, пушење, страст кон обилно јадење, страст кон хазардни игри, компјутерска и Интернет-зависност и др. На болестите на зависност им се својствени синдромот на психичка зависност (опсесивна склоност) и синдромот на физичка зависност [компулсивна склоност (од лат. compello – принудувам), губење контрола над себе].
Адиктивното однесување се карактеризира со насоченост на човекот вештачки да ја промени својата психичка состојба. Разликуваме хемиски и нехемиски адикции.
Во православното богословие нема таков поим „адиктивно однесување“. Но убеден сум дека на поимите „норма“ – „адикција“ им одговара познатата за православниот човек споредба „добродетел“ – „грев“.
Научниците опишале некои заеднички психолошки особености на лицата со адиктивни форми на однесување. Тоа е намалениот степен на поднесување на тешкотиите од секојдневниот живот, стравот од стабилни социјални контакти, лажливост, стремежот другите за сè да се обвинуваат, несакањето да се прифати одговорноста за преземените одлуки. 

Хемиски адикции: Наркоманија

Наркоманијата никаде во светот не умеат да ја лекуваат (излечени се – само 2-3% од пациентите). Тоа е така затоа што не се работи за телесна, туку за духовна болест. И, соодветно на тоа, процесот на лекување самиот по себе не е толку во употребата на медикаменти, туку во превоспитувањето, во самонадминувањето на себеси, во долгата и грижлива рехабилитација.
Според одредбата на Светската организација за здравствена заштита, „наркоманијата е состојба на периодична или хронична интоксикација, штетна за човекот и општеството, предизвикана со употреба на наркотик (од природно или синтетичко потекло)“.
Услови при кои човекот се смета за наркоман:
•    Ненадминлива склоност кон дрога;
•    Зголемување на толерантноста кон дрогата (зголемување на дозата);
•    Психичка и физичка зависност од дрогите.
Проблемот на наркоманијата има многу аспекти. Тој е и духовен, и медицински, и социјален, и правен. Страста кон наркотиците се развива веќе по 2-3 месеци од првата употреба. Неретко, човек станува роб на дрогата веќе по првата инјекција од подмолниот опијат. Просечно земено, од почетокот на употребата на наркотички средства, такви како хероинот, наркоманот живее 7 до 8 години, понекогаш 10 до 12, а потоа умира, но тоа и не е живот, туку бесконечна мака.  
Употребата на наркотици развива физичка и психичка зависност. Првата се препознава по тоа што наркотинскиот отров се прикрадува длабоко во механизмите на размена на материите и биохемиските процеси што се случуваат во организмот, па тие почнуваат да бараат регуларно следување дрога. Секои 10 до 12 часа наркоманот чувствува неодолива желба да ја земе својата доза, која од определен момент само се зголемува и зголемува.
Ако наркотикот од некои причини не се земе, наркоманот тешко страда. Го облева студена пот, се појавуваат мачнина и нагон за повраќање, болки во зглобовите, слабост, болки во стомакот, треска. Апстиненцијата обично ја придружуваат: депресија, внатрешна напрегнатост, вознемиреност. 
Психичката зависност е уште потешка манифестација на наркоманијата. Наркоманот, како што описно пишуваат за таа состојба нарколозите, доживува кон дрогата чувство на „љубов“: тој, исто како и заљубениот, цело време мисли на предметот на своите желби, постојано очекува средба со него и се стреми кон него, се радува пред самата средба со него, тагува и се нервира ако таа се одложува; подготвен е на сè, само да биде цело време со дрогата. Личноста на човекот-наркоман претрпува целосна промена.
Кратко ќе напоменам дека употребата на наркотици нанесува силна, неретко, непоправлива штета на здравјето на човекот. Тешко страда мозокот и целиот нервен систем, опаѓа имунитетот, се уништува црниот дроб, ослабува срцето. Во организмот на наркоманот не останува ниеден орган што не е оштетен. Околу 80% од наркоманите се заразени од вирусот на хепатит „В“ или „С“. Речиси со ист процент се среќава и инфекцијата од СИДА.  

Каде се корените на наркоманијата?

Која е главната причина за употребата на наркотички средства? Причината е во бездуховноста. Употребата на дрога е свесен грев, кој со текот на времето „обраснува“ со многу други гревови. „Насладување со наркотици“ – тоа е илузија, измама, која демонот му ја сугерира на човекот. Сластољубието и стомакоугодието, склоноста кон телесни наслади и безволноста, помножени со безверие и маловерност, со неразбирање за што и заради што човекот живее на Земјата – тоа се духовните корени на наркоманијата.
    Во голема мера се виновни и родителите, кои не ги научиле своите деца во верата Христова (затоа што и самите се наоѓале во безверие), не им всадиле љубов кон послушанието, не следеле како и со кого синот или ќерката го поминуваат времето. И резултатот од тоа брзо се покажал.
    Мораме да констатираме дека меѓу младите дрогата денес станува нешто како „бон-тон“. Да се зема дрога, значи да се биде возрасен, независен, современ. Така мислат, за жал, не само поединци.
    Значи, да запомниме, длабоката основа на наркоманијата се – гревот и страстите. А покрај нив и демоните, кои повикуваат да се земе шприцот или да се испие грст психотропни таблети. „Неизмерна е омразата на ѓаволот кон родот човечки – пишува Епископ Варнава (Белјаев) – кого тој го фрла во адот уште тука на земјата, наместо во ветениот рај, и големи се заблудите и неразумноста на луѓето, кои за таа измама плаќаат со сопствените неискажливи мачења и доброволно откажување од вечното и вистинско блаженство!“

Типични гревови, грешки и заблуди што се појавуваат  во текот на рехабилитацијата

1. Отсуство на реална борба со гревот поради мрзеливост, неработа, безгрижност. Несакање да се промени во подобра насока.
2. Надевање на самиот себе: „Јас сам“, „Самиот ќе се справам без секаква помош“ и слично на тоа.
3. Комуникација со пријатели што се наркозависници, често престојување во нивна средина.
4. Желба за брзи резултати (духовни, клинички и други) и разочарување ако тие не доаѓаат веднаш.
5. Лажење. Обид да се прикаже подобар отколу што тоа е навистина така. Криење на фактот дека зема дрога.
6. Барање потпора исклучиво во медицинските методи на лекување, иако медицинската помош во специфичната тежина на рехабилитациските мерки е незначителна и се ограничува само на локализирање на манифестациите на апстиненцијата.
7. „Целта ги оправдува средствата“ или лекување по која било цена. Под оваа девиза, тие што страдаат од наркоманија стануваат заробеници на разни окултисти, сектанти или, едноставно кажано, ја менуваат едната страст за друга (блуд, лакомство, коцкање и сл.). 


НЕХЕМИСКИ АДИКЦИИ

Компјутерска зависност

Сите ги знаеме масовните убијци чие детство било исполнето со бескрајни часови на компјутерски „игри-стрелци“, и знаеме дека овој вид технологија го тренира умот на луѓето да уживаат во напливот на моќ што го чувствуваат кога владеат и ги уништуваат другите. Не се запрашуваме дали е во ред вака да ги тренираме умовите на децата, само продолжуваме да создаваме уште пореалистични и понасилни игри.
Ова не е ништо ново. Веќе сме доста свесни дека дигиталната доба нуди технологија што може да послужи како алатка за ширење на верата или може да стане безумие што го цица убавиот живот на луѓето на земјата. Бог ни дава толку многу години да се покаеме и да пораснеме, а ние може да ги поминеме целосно потонати во технологија, потполно промашувајќи ја можноста што Бог ја создал за нас. (Преподобен Паисиј Светогорец)

Основните клинички манифестации на компјутерската зависност ги имаат опишано психотерапевтите Н.И. Алухов и К.Ј. Галкин. Тоа се:
•    Промена на психичката состојба (појава на еуфорија) при контакт или пред самиот контакт со компјутерот.
•    Губење на чувството за време при работа со компјутерот.
•    Тенденција да се зголеми времето на меѓусебна поврзаност со компјутерот.
•    Психолошка неудобност (раздразнетост, потиштеност, чувство на „празнина“) при неможноста да се работи со компјутерот.
•    Користење на компјутерот за подобрување на расположението, премин на други теми што немаат врска со животните проблеми, за вештачка промена на својата психичка состојба.
•    Појавување на проблеми во меѓуличните односи во микросоцијалните групи. 

Многу пасивниот начин на живот покрај мониторот води до заболувања, поврзани со ’рбетот (дископатија), желудникот (гастрит), органите за дишење, до влошување на видот и до тунелски синдром (вклештување на нервот во каналот на коренот на дланката). Влијанието на електромагнетното зрачење, штетната јонизација на воздухот придонесуваат за опаѓање на имунитетот, главоболки, несоница, умор. Зависникот може да доживува стрес, депресија и други нервни нарушувања. Тоа доведува до неможност да се следи наставата (се пропуштаат часови), до конфликт на работа (отсуство од работа). Настапува омалаксаност, влошување на помнењето и способноста за учење. Комуникацијата со луѓето се сведува на минимум. 
Уште пораспространет вид компјутерска адикција е Интернет-зависноста, која најдобро ја имаат опишано В.А. Бурова и В.И. Есаулов. Меѓу основните причини за напуштање на реалноста со помош на Интернет, според мислењето на истражувачите, спаѓаат: анонимното општење со луѓето; реализацијата на фантазии кои се недостижни во реалниот живот; можноста да се биде тоа што си, без морална и етичка контрола; поистоветување со посакувани личности; неограничениот избор на собеседници и нивна брза промена во секој крај од светот; неограничениот пристап до која било информација, чувството на сопствена моќ.
Предвесници за Интернет-зависноста се: нападна потреба постојано да се проверува електронската пошта, зголемување на времето поминато во Мрежата, еуфоричната состојба пред почетокот на следната „онлајн-сеанса“. Другите манифестации на Интернет-зависноста се опишани вака:

- периодите на работа на Мрежата стануваат сè подолги и/или почести отколку што начелно се планирало;
- постојана ненадминлива желба и безуспешен обид да се ограничи работата на Интернет;
 - прекинување и нагло скратување на другите видови дејности (семејни, службени итн.); 
- продолжување со работа на Мрежата и покрај манифестациите на социјално-психолошки проблеми (недостиг од сон, проблеми во семејството, пренебрегнување на службените обврски и сл.); 

Посебно ќе ја одвоиме детската компјутерска зависност. За неа може да се зборува во оној случај кога детето или момчето останува да игра игри на компјутер повеќе од два часа на ден. Многу почесто тоа се машки деца. Кај девојчињата ваквата зависност се забележува поретко. Момчињата често ги интересира воената тематика, севозможни „пукања“. Токму тоа го искористиле оние што по светот ги рашириле комјпутерските игри. Американскиот воен психолог Дејвид Гросман изјави дека компјутерските „игри-стрелци“, кои ги играат нашите деца, не се создадени за деца, ниту за возрасни, туку за војниците што се подготвувале да учествуваат во борбени дејства. Сега, тие „тренинзи“ за војници се најдоа кај нашите деца. Сега ги учиме децата да убиваат, поткрепувајќи го тоа со чувство на задоволство. Уште ги учиме да ликуваат и да се потсмеваат гледајќи реални претставувања на смрт и човечки страдања. Од гледна точка на психологијата, да им се даде на децата таков тренинг, е исто што и да му се даде на секое дете во раката автомат или пиштол. Смислата на најголемиот број игри е убиството. Лажи, предавај, прави прељуби, имај идол, укради – тоа се вредносните ориентации на идеологијата што се шири преку нив.

Според податоците на психолозите, на голема жал, игрите што содржат насилство и разни вулгарни содржини се особено популарни меѓу децата на возраст од 8 до 15 години. Насилствата во игрите вкоренуваат во децата „вкус и навика кон убиство“. Кога детето играјќи, убива, тоа ги доживува истите чувства и истото влијание на психата како војникот или офицерот во борбени услови.  Мноштво научни испитувања потврдуваат дека компјутерските игри се една од причините за престапничкото поведение на младите. Најголемиот број достапни игри (85%) содржат насилство, злодело, убиство. Многу родители приговараат: „Не се сите компјутерски игри штетни, има и полезни едукативни игри, кои учат на нешто“. Да, има. Но, ако детето веќе страда од компјутерска зависност, родителите никогаш нема да можат до толку да го контролираат за тоа да може да игра само едукативни игри. Освен тоа, многу едукативни игри можат да се играат и без компјутер. Да не заборавиме за штетните зрачења на мониторот, за уморувањето на очите, за неподвижната поза и за другите непријатни придружници на седењето покрај компјутерот. Компјутерските игри често го фиксираат вниманието на детето на самото себе, на сопственото „его“. Или, ја туркаат душата на детето во униние, апатија или дури и очај, зашто реалниот живот се разликува од виртуелниот. Сосема е точно дека детето што е зависно од компјутерски игри станува некомуникативно. Му се влошуваат успехот и здравјето. 

ДУХОВНИ И ПСИХОЛОШКИ ПРЕПОРАКИ – ПОМОШ БОЖЈА

Важно е да се знае следното: таблети и инјекции против нехемиските (исто како и од хемиските) зависности нема! Таа духовна болест, чиј назив е – гревовна страст, многу векови наназад подробно ја опишале православните светители. Тие и го дале рецептот за исцелување. Страста се победува не само со својата, човечка сила, туку со Божја помош. Потребните услови за исцелување се: освестување на својата гревовност; вразумување на тој што се нашол во мрежите на ѓаволот; искрено покајание со дејствително поправање. А помошта е во благодатта Божја, која човек ја добива во Тајните Исповед и Света Причест.

превод од руски: Оливера Павловиќ

5-ти февруари 2016 г.

Извор: ПРЕМИН