логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Свети Јован Шангајски е роден на 17 јуни, 1896 година, во Адамовка, Харковска губернија, со крстено име Михаил - по светиот Архангел. Како дете често одеше во блискиот манастир, каде што почиваа чудотворните мошти на свет архиепископ кој за време на животот бил почитуван заради своето исклучително подвижништво - често останувајќи без сон и одмор, поминувајќи ги ноќите неподвижно, во молитва.

Свети Јован стана ист таков голем подвижник; немаше спиено во кревет од моментот кога ги даде монашките завети па сè до своето упокојување 40 години подоцна. Јадеше само еднаш дневно, еден час пред полноќ. За време на првата и последната седмица од Великиот пост воопшто не земаше храна, а во останатото време од Постот се поткрепуваше само со просфора од олтарот.

Често одеше бос дури и во најстудените денови. По Октомвриската револуција, заедно со семејството најде засолниште во Белград, каде што се запиша на Богословскиот факултет. Во 1926, една година по дипломирањето, прими монашки потстриг, добивајќи име по неговиот далечен роднина свети Јован Тоболски. Во ноември истата година го ракоположија за јеромонах. Наскоро почна да работи како професор во Православната семинарија „Свети Јован Богослов“ во Битола. Не еднаш тогашниот Битолски владика ќе рече: „Сакате ли да видите жив светија - одете кај отец Јован“. Неговите ученици беа првите на кои им беше откриено големото подвижништво на Владиката. Ноќе забележаа дека тој станува, ги обиколува спалните и се моли над заспаните ученици. „Најпосле се откри дека тој скоро и да не спие, и тоа никогаш во кревет, дозволувајќи си секоја ноќ само час-два неудобен одмор во седечка поза или преклонет на подот, во молитва пред иконите.“ Остана во овој подвиг до крајот на својот живот, „поробувајќи си го телото“ - според зборовите на Апостолот (1 Кор. 9, 27).

На 38-годишна возраст беше воздигнат во епископски чин на 10 јуни, 1934 година, од митрополитот Антониј Храповицки (првиот поглавар на Руската Задгранична Црква). Во своето смирение, свети Јован сè до последниот момент беше сигурен дека по грешка го викнале, дека сигурно бараат некој друг јеромонах Јован, зашто тој имајќи говорна мана сметаше дека не може да служи. „И великиот пророк Мојсеј пелтечеше“ - му одговорија.

Беше назначен за надлежен архиереј на Шангајската епархија, Кина. Таму работеше на возобнова на единството меѓу локалните верници од различна националност, како и на изградба на соборен храм и многубројни други цркви и болници. Ги посетуваше болните и оние во затвор, и одеше кај секој тешко болен во кое било време од ноќта и денот за да се помоли крај неговата постела - многумина известуваа за чудотворни исцелувања. Собираше дечиња болни и во неволји од улиците на Шангај и се грижеше за нив во сиропиталиштето што самиот го основа. Го имаше дарот да проѕира во иднината, совршувајќи служби за луѓе што се навидум со одлично здравје, а за кои тој знаеше дека им претстои скора смрт. Тој се појави крај постелата на верник пред умирање кој се молеше Владиката да дојде, иако болничкиот персонал одби да го повика. Причести со Светите Христови Тајни една жена што умираше од беснило, а таа веднаш потоа доби напад, устата ѝ се запени и ги поврати Светите Дарови. Знаејќи дека тие не смеат да се фрлат, свети Јован веднаш ги зеде и ги голтна, иако беснилото е многу заразно и смртоносно. Тој рече: „Нема ништо да се случи; ова се Свети Дарови!“ - и ја кажа вистината.

Секогаш носеше облека од најевтин кинески материјал и често одеше бос, понекогаш давајќи си ги сандалите на некој сиромашен. Владиката служеше Божествена Литургија и се причестуваше со Светите Тајни секојдневно, сè до крајот на својот живот. Свети Јован служеше и на Филипините кога Русите мораа да ја напуштат Кина. Еден Русин во разговор со Филипинци спомна страв од тајфун, а тие му одговорија дека нема причина за загриженост, бидејќи „вашиот свет човек ви го благословува кампот од сите четири страни секоја ноќ“ - а ова се однесуваше на Владиката, зашто ниту еден тајфун не го погоди островот додека тој беше таму.

Подоцна живееше и во Париз. Во една од католичките цркви во Париз, свештеникот вака се обидуваше да ги вдахнови младите: „Барате докази, велите дека денес нема ниту чуда ниту светители. Зошто да ви давам теоретски докази, кога денес по улиците на Париз чекори еден светител - свети Јован Босиот (Saint Jean Nus Pieds)“. Најпосле служеше во Сан Франциско. Неговите последни години беа исполнети со многу страдања, судири и клевети; Владиката дури мораше да сведочи на суд, но на крајот вистината победи.

Ги претскажа времето и местото на својата смрт, и на 2 јули 1966 година, крај чудотворна Икона на Богородица, тој се упокои во Господ. Многумина известија дека им се јавил на сон или во видение, исполнет со радост и сиот во светлина. Во 1994 година црковната комисија на Руската Задгранична Црква откри дека моштите му се нетлени. Многу верници, молејќи се пред неговите мошти, добиваат исцелување и утеха. Свети Јован Шангајски се слави на 2 јули.

Извор:

ФБ на Аргирета Атев



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 842
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…