Прокимен, псалм 7, глас 6: Господи, Боже мој, на Тебе се
надевам, спаси ме. Стих: Од сите што ме гонат, избави ме.

Од книгата Битие, читање (1,14-23):


Потоа рече Бог: „Нека се појават светила на сводот небески, што ќе ја осветлуваат земјата за да го делат денот од ноќта, и да бидат знаци и за времињата и за деновите и за годините; и нека светат на сводот небески за да ја осветлуваат земјата!" И би така. И создаде Бог две големи светила: светило поголемо да управува со денот и светило помало да управува со ноќта, и ѕвезди; и ги постави Бог на сводот небески да ја осветлуваат земјата и да управуваат со денот и ноќта, и да ја одделуваат светлината од темнината.

И виде Бог дека е добро. И би вечер и би утро - ден четврти.

Потоа рече Бог: „Нека произведе водата лазачи, живи суштества, и птици да полетаат над земјата, под сводот небески"! И би така. И создаде Бог големи риби и секаков вид животни влекачи, а кои ги произведе водата, според нивниот род, како и секаков вид крилати птици, според родот нивни.

И виде Бог добро. И ги благослови Бог, велејќи: Плодете се и множете се, и наполнете ја водата во морињата, и птиците нека се множат на земјата. И би вечер, и би утро - ден петти.

 

Извор. ПОСЕН ТРИОД