Мoнaштвo ☦️

Несоздадената Светлина не ја гледаме сите. Меѓутоа тие што ја гледаат не утешуваат. Свети Симеон Нов Богослов, свети Григориј Палама и целиот хор на исихастите, блаженоупокоениот Старец Софрониј Сахаров, за да се ограничам само на тие што богословствувале од личен опит за тоа. Тие се врвот. Но врвот не може да постои без основата, која е Православното Монаштво. Монасите имајќи го опитот на Живиот и Вистински Христос биле и се особено чувствителни при секој обид за искривување на верата. Секако, учители на верата се Епископите и пастирите во светот. Монасите се истакнуваат како исповедници на верата, секогаш кога верата е во опасност. Господ ги повикува сите верници да ја исповедаат верата: "Секој кој ќе Ме исповеда пред луѓето, и Јас ќе го исповедам него пред Мојот Отец Небесен" (Мат. 10, 32).

Заветот на големите пустински отци кон монасите најпрво ги содржи чувањето и исповедањето на Православната вера. Црковната Историја ни предава многу начини на кои монасите ја пројавиле својата грижа за неповреденоста на Православната Вера.

Прво. Пустинските монаси привремено го напуштале тихувањето и доаѓале во светот за да го исповедаат Православието и да ги утврдат Православните во вистинската вера. Така свети Антониј Велики дојде во Александрија за да ја објави својата спротивставеност кон догмите на Аријанците.

Второ. Монасите одбивале да се причестат со декларираните еретици. Преподобните отци наши Сава Осветен и Теодосиј Општежителник изјавиле дека претпочитаат да ги видат Светите Места како се предаваат на оган отколку да прифатат црковно општење со северијанците монофизити.

Трето. Кога тоа го барал случајот монасите ја исповедале Православната вера пред цареви, со последица да трпат сурови казни и да се истакнат како исповедници и маченици. На сите им е познат преподобниот Максим Исповедник, кој заради неговите борби против монотелитите и заради неговото непоколебливо исповедање два пати бил прогонет и му го отсекле јазикот. Меѓутоа мноштво монаси претрпеле слични страдања, како што се, на пример, учениците на преподобниот Антониј, кои биле затворени, прогонети, работеле во рудници, бидејќи не потклекнале под притисоците на Аријанците да ги прифатат нивните еретички догми. Секако попознати се прогоните на монасите во годините на Иконоборството. Но и потоа мачеништвото на Светогорските преподобномаченици заради нивното спротивставување на лажната Лионска унија во времето на Век, како и мачеништвото на преподобните Мелетиј и Галактион Галијски.

Четврто. Игумените на манастирите, заради Православната вера го претпочитале разурнувањето на нивните манастири наместо да им се потчинат на царевите еретици. Класични примери се преподобниот Теодор Студит, светиот преподобномаченик Стефан Нови и преподобните Григориј, Прокопиј и Василиј Декаполити.

Петто. Монасите се ставаат на страната на Православните епископи за да ја поткрепат нивната борба против ересите. Така преподобниот Сава и Палестинските монаси го засилиле Православниот архиепископ Ерусалимски Илија во неговата борба против монофизитот Севир. Исто така саможртвено се спротивставиле на намерата на императорот Анастасиј (приврзаник на монофизитите) да интронизира епископ монофизит на Ерусалимскиот престол. Во периодот на Иконоборството преподобниот Јоаникиј го поддржувал светиот Методиј.

Шесто. Активно учествувале во свикувањето Собори, како на пример преподобниот Максим Исповедник за составувањето на соборите на Запад против монотелитите. Понекогаш нивното лично мислење играло одлучувачка улога во одлуката на императорите и на епископите за време на Вселенските Собори. Така, преподобниот Авксентиј, со тоа што го слушнал и се согласил со одредбата на Четвртиот Вселенски Собор, најмногу придонел за одлуката на императорот Маркијан да ги потврди одлуките на Соборот. Понекогаш се барала нивната интервенција за да бидат осудени мислењата на различни еретици. Во одлуките на Соборите постојат осврти од страна на десетици игумени на манастири преку кои се докажувало дека дотичниот еретик е навистина таков.

Седмо. На одредени Собори зеле учество и монасите. На соборот за време на Мартин учествувале 35 игумени и монаси од Исток. Исто така учествувале и на Шестиот Вселенски Собор и на подоцнежните собори на Црквата. На Седмиот Вселенски Собор земаат учество и во дискусиите , како на пример игуменот на Студискиот манастир Сава. Секако, на соборите од 14. век монасите учествуваат и ја имаат главната улога. Осмо. Многубројни се антиеретичките списи на монасите, што најчесто преставувале основа за осудата на ересите. Ги наведувам списите на преподобниот Максим Исповедник, на преподобниот Теодор Студит, на преподобниот Јован Дамаскин и подоцна на светиот Григориј Палама, на Јосиф Вриениј, на Генадиј Схолариј, а во годините на турското владеење антилатинските списи на светите Атанасиј Пароски и Никодим Светогорец. Православниот монах Го исповеда Христа не само поддржувајќи ги Православните догми кога тие се напаѓани, туку и со целиот негов живот. Монахот кој живее во покајание станува пример за покајание. Според 23. Канон на Шестиот Вселенски Собор, го врежува во целата Црква животот на покајанието. Без длабоко покајание монахот не би го имал духот на покајанието. Добродетелни монаси по долгогодишни подвизи чувствуваат дека ништо добро не направиле. Духот на покајанието монасите им го предаваат на посетителите на манастирите. Затоа мнозина посетители бараат да се исповедаат и тоа за прв пат во својот живот. Јеромонаси духовници биваат повикувани од страна на епископите да исповедаат во светот, како помош на добрите духовници кои во светот се служители на светата тајна на Покајанието. Смирениот монах со печален изглед, изглед на покајание, и само кога е гледан повикува на покајание и на радоснотворен плач. Бројаницата на монахот исто така за мнозина станува скала што издига на Небесата. Не е случајно тоа што многу Христијани денес држат бројаници и се трудат да се молат со Исусовата молитва. Молитвата "Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот" е и исповедање на верата во Богочовекот и во Света Троица, но е и израз на покајание. Блаженоупокоениот Русин светогорец и духовник Тихон настојуваше секогаш да ја кажуваме молитвата надополнета со зборот "грешниот". Некои го сметаат распространувањето на бројаницата - дури и на рацете на световни млади луѓе - како некоја мода. Макар и некои да ја употребуваат формално и како имитирање, сепак тоа покажува нешто подлабоко: потребата на човечката душа за молитва. Кругот на оние кои се молат, монаси и световни луѓе кои се поврзуваат со манастирите, се повеќе се проширува. Тоа е многу значајно. Колку повеќе монаси и лаици Го повикуваат најпосакуваното и најслаткото име на Господа Исуса Христа, толку повеќе се оддалечува праведниот гнев Божји и се привлекува Неговата милост. Нашата благословена татковина секој ден се осквернува од многу, богомрски и одвратни гревови, во кои неодамна се додао и хулењата на еден познат писател. Колку непобожните излегуваат од колосек, толку ние да ја повикуваме милоста на Богочовекот. Блаженоупокоениот отец Паисиј велеше едноставно:


"Доаѓа време што од една страна ќе бидат козите со бузуки, а од другата ќе бидат јагнињата со бденија и молитви". Секој Православен манастир е центар на молитва и епицентар на круговите на верниците кои се молат. Тоа не е нешто ново. Тоа е преданието на нашата Православна Црква. На пример, знаеме дека во епохата на светиот Григориј Палама во Солун имало исихастички кругови од монаси и лаици кои се молеле со умствената молитва. Тие го поканиле јеромонахот Григориј Палама да излезе од Света Гора и да ја преземе борбата против еретикот Варлаам. Помеѓу нив особено се издвојувал монахот Исидор, кој подоцна станал Вселенски Патријарх. Двете бели дробови со кои диши секоја помесна Црква се Парохиите и Манастирите. Ако некој од двете дробови е болен, тогаш Црквата не е здрава духовно. Навистина манастирите кои се молат и бдеат се сила за секоја помесна Црква. Дури и само еден благочестив монах да има во некое тихувалиште кој се подвизува и се моли со својата бројаница, ќе биде магнет што ја привлекува Божјата милост. Верувам дека секој смирен Православен монах кој се подвизува и се моли е столб на Православната вера. Навистина колку сиромашна би била Црквата без нејзиното монаштво! Ги нагласувам зборовите "нејзиното монаштво", затоа што монаштвото не е институт натрапник во Црквата, туку е плот од нејзината плот, израз на нејзиниот особен аскетски менталитет. Монаштвото е света установа што за извор ги има Христовото Евангелие и светата утроба на Црквата.

Затоа Црквата го прифатила како возвратен дар и го усвоила сето она што Монаштвото во Светиот Дух го принесе, во нејзиното богослужение, во нејзината Теологија, во нејзиното благочестие. Монаштвото не и ги наметнало на Црквата во светот своите литургиски типици, ниту црната мантија за клириците во светот. Нив ги прифатила Црквата од монасите поради нејзината голема почит кон нив. И денес се повторува историјата. Многу благочестиви клирици и лаици кои гледаат како монасите Му служат на Бога на Света Гора и на други места, се обидуваат да ги пренесат и во светот, колку што е можно, тие типици. На пример, во последно време под монашко влијание се распространија бденијата и по парохиите. Но и одредбата да се земаат епископите од редовите на монасите, поради тоа е востановена. Богослужението, какво што се врши во манастирите, без бура од светлини и без мегафони, дејствува умилително врз душите. Еден веќе блаженоупокоен монах ми кажа што го привлекло да стане монах. На возраст од околу 18 години посетил еден манастир на Крит и влегол во Соборниот храм во моментот на Шестопсалмието што го читал игуменот со својот умилителен глас, додека сите монаси исправени и неподвижни се молеле во мракот. Му изгледало дека тие луѓе зборувале со Бога. Тоа искуство направило подоцна тој да стане монах. Едно девојче од 5 - 6 години ме праша еднаш : "Вие сте тие што зборувате со Бога?". А едно момче од речиси истата возраст, што ми го донесе мајка му за да му прочитам молитва затоа што било многу немирно, ме праша: "Вие сте браќата Христови?". Кога се вратив на Света Гора им кажав на отците дека двете најзначајни вистини за монаштвото ги изразија две мали деца. Мисија на монасите е да зборуваат со Бога и да бидат браќа Христови.

Архимандрит Георгиј Игумен на манастирот на Преподобен Григориј Света Гора

 

Избор од фб профил на

Vesna Smilkova