За Црквата

1.    Црквата е болница и фабрика за светост

Архимандрит Јасон Кесен

Мнозинството од народот смета дека добар поп е оној кој прави милосрдни дела. Некои ќе го ублажуваат попот кој се труди во добрите дела, иако потоа ќе го споредуваат со некој друг кој не прави, или на крајот од краиштата, не ги покажува.
„Работата“ на попот не е да го храни народот, ниту да им ги плаќа сметките на оние кои не можат да си ги платат.

„Работата“ на попот е да служи Божествена Литургија и да го проповеда Евангелието. Останатото, човекољубивите дела, се средства за пренесување на Евангелието: како би можел да проповедам а да не извршувам?
Човекољубивите дела не се самоцел на нашето служење. Во Делата на апостолите, кога народот гладуваше, а апостолите се грижеа да ги нахранат, видоа дека тоа ги назадува во пренесувањето на Словото. Така, апостолите им го доверија ова значајно служење на седумте ѓакони, така што да продолжат самите тие неуморно да проповедаат.

Денес народот смета дека Црквата е корисна во општеството бидејќи врши социјални дела. Тоа дело е важно, но останува споредно дело.
Народот ја смета единствено корисна во ова, бидејќи суди врз основа на тоа што го гледа. Во Црквата го живееме она што не се гледа: невидливите, мистичните, наднебесните, кои човечкиот ум не може да ги собере.
Ако останевме на милосрдието, тогаш ќе бевме нешто како министерство за социјални грижи.

Црквата е болница и фабрика за светост. Ако останеме во милосрдните дела, тогаш ја губиме нашата цел, која не е ништо друго, освен светиот Путир (причестувањето). Значи, светињата е за светите. Воздишка од земјата која оди кон небесата.

2.    Не ја осудувај Црквата

Архимандрит Павлос Пападопулос

Црквата често пати соблазнува бидејќи има луѓе кои не се совршени, херои, беспрекорни, туку грешни, неморални, острастени.

Тоа е исто како да одиме во една болница и да се соблазнуваме, бидејќи во болницата постојат болни луѓе. Па токму затоа се наоѓаат болните во болницата, за да бидат излечени.
Да не забораваме никогаш, дека Христос не очекува од нас безгрешност, бидејќи знае дека тоа е неостварливо. Она што ни го вели Христос е, да ја препознаеме нашата болест, нашето несовршенство, и да побараме помош од Него, да го следиме Неговиот начин на исцеление.

Се разбира, луѓето кои сакаат да Го напаѓаат Христос, бидејќи не наоѓаат ништо лошо во Него, ги изложуваат грешките, страстите на христијаните. Но тоа е повторно грешка.
Не ја гледаат Црквата, туку некои членови на Црквата, кои можеби направиле гревови и грешки, и водат живот кој не е својствен за нивното христијанство. Но грешка е да се осудува целата Црква и да се дискредитира, дискредитирајќи Го Самиот Спасител Христос. Тоа е како да се обидувам да ја осудувам болницата, бидејќи постојат многу болести општо во светот.
Мислам дека многу луѓе ја осудуваат Црквата и ја отфрлаат бидејќи се плашат. Се плашат затоа што таа може да ја зборува Вистината, дека може да ја има Вистината. Но, бидејќи Вистината не им е по волја, подобро да ја анатемисаат, отколку да ја следат.

И бидејќи не можат да ѝ најдат кусур на Вистината, им наоѓаат кусур на оние кои веруваат во Вистината така што да се убедат „самите себеси и другите“ дека оправдано не веруваат.
Не можат да разберат дека нашите кусури, нашите гревови, не нѐ лишуваат од Вистината. Од Вистината се лишуваме кога не ги признаваме нашите кусури, нашите гревови.
Христос во неговиот земен живот не беше во друштво на совршени луѓе, туку со луѓе кои имаат кусури и слабости. Учениците станаа апостоли, не затоа што беа совршени, туку бидејќи имаа едноставност и смирение.
Ако ги видиме житијата на Црквата, полни се со бунтовници, неморални, грешни, острастени луѓе кои се покајаа, кои се бореа со демоните и со Бога.

Потребно е едно мало семе на себеукорување, за да се закопа во мракот-пеколот на нашето его, за да ја плодоноси слободата - рајот на покајанието.

Превод од грчки јазик:
Свештеник Јани Мулев

Sample Image
https://drive.google.com/file/d/1UfYxeYD4gnE2lkrJ-J7iLQh4DE0m4PPz/view