ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ  

Тропар на светиот
Архангел Гаврил
13 јули / 26 јули

Водачу на небесните војски,
ние недостојните секогаш те молиме,
со твоите молитви да нѐ оградиш
под кровот на крилјата
на твојата слава бестелесна,
пазејќи нѐ нас,
кои грижливо ти се приклонуваме и повикуваме:
Од неволји избави нѐ,
како началник на вишните сили.

 Извор МПЦ – ОА

 

arh.Gavril.S.jpg

Кондак, глас 2.

На небесата гледајќи ја Божјата слава, а на земјата давајќи благодат од висините, началнику на ангелите, мудри Гаврииле, на Боќјата слава служителу, и на светото божествен бранителу, спасувај и чувај ги оние што ти викаат: Самиот три биди ни помошник, и никој ништо не ни може.

 Светиот Архангел Гавриил   

arhangel.Gavril.S.N.jpg

 

Овој голем Божји архангел се празнува на 26 март. На денешен ден пак, се слават и чествуваат неговите чуда и јавувања низ целата историја на човечкото спасение. Се смета дека оваа слава е востановена најпрво на Света Гора во 9 век, за време на царевите Василиј и Константин Порфирородните и на патријархот Никола Хрисоверг, а по повод јавувањето на овој архангел во една келија близу до Кареја, каде што со прст на камен ја испиша песната кон Пресвета Богородица „Достојно ест“. Заради овој настан таа келија и денес се нарекува келијата „Достојно ест“.

Во оваа прилика се приспомнуваат и останатите јавувања на архангелот Гавриил: кога му се јави на Мојсеј кој во свое време го чуваше стадото Јоторово, а нему архангелот како на Божји избраник му соопшти како е создаден светот, кое Мојсеј подоцна и го запиша во Книгата на Постанокот; кога му се јави на пророкот Даниил и му ја објави тајната за идните царства и за доаѓањето на Спасителот; јавувањето на Света Ана кога ѝ благовестеше со ветувањето дека ќе Ја роди преблагословената и Пречиста Дева Марија; многукратното јавување на Пресветата Дева додека Таа пребиваше во храмот ерусалимски; кога му се јави на првосвештеникот Захариј и го извести за раѓањето на Св. Јован Предвесник и за казната на немост што ќе го постигне Свети Захариј затоа што не им поверува на зборовите на архангелот; кога повторно ѝ се јави на Пресветата Дева во Назарет и Ѝ благовестеше за зачнувањето и раѓањето на Господ Исус Христос; јавувањето на праведниот Јосиф; јавувањето на пастирите кај Витлеем; Му се јави и на Самиот Господ во Гетсиманската градина, кога Господ како човек беше поткрепуван од овој архангел пред страдањето; кога им се јави на жените Мироносици итн.

 

 

 

Друго:

Празнување на чудотворната икона Достојно ест

На 11/24 јуни се празнува иконата “Достојно ест” заради чудото кое се случило пред неа во времето на патријархот Никола Хрисоверг (983-996). Во близина на светогорскиот манастир Пантократор се наоѓа голема долина и во неа разни келии. Во една од тие келии, посветена на Успението на Пресвета Богородица, живеел еден доблесен јеромонах- старец со својот послушник. Бидејќи во блискиот Скит Протат, на Кареја, секоја недела се служило бдение. Една сабота старецот, одејќи на бдение, му рекол на својот ученик: Чедо, јас одам на бдение, а ти потруди се да го направиш своето правило. Кога паднало ноќ, некој затропал на вратата од келијата. Братот ја отворил вратата, и видел еден непознат монах, кој влегол и останал во келијата таа ноќ. А кога дошло време за утрена, обајцата се подготвиле да ја пеат утрената. Кога требало да ја испеат Честњејшују, монахот послушник ја отпеал до крај “Честњејшују херувим…” – старата пофална песна кон Богородица од свети Козма Песнописец. А оној непознат монах додал друг почеток на песната, и отпел вака: ”Достојно јест јако воистину блажити Тја Богородицу, присноблаженују и пренепорочнују, и Матер Бога нашего” (грчки: Άξιον εστίν ως αληθώς μακαρίζειν σε την Θεοτόκον, την αειμακάριστον και παναμώμητον και μητέρα του Θεού ημών); a потоа го додал: “Честњејшују херувим…” сè до крајот.

Слушајќи, монахот послушник се зачудил и му рекол на странецот: Ние пееме само “Честњејшују…”, а “Достојно јест” никогаш не сме ја чуле. Туку, те молам, напиши ми ја таа песна, па и јас да Ѝ ја пејам на Богородица. – Монахот странец рекол: Донеси ми мастило и хартија, да ти ја напишам. – Немам ни мастило, ниту хартија, одговорил послушникот. – Тогаш донеси ми една плоча, рекол странецот. Монахот отрчал, нашол плоча и ја донел. Непознатиот монах ја зел и со прст ,како по најмек восок, ја испишал на плочата песната: “Достојно ест”. Потоа странецот рекол: Отсега па понтаму така ќе пеете вие и сите православни и станал невидлив. А тоа бил свети Архангел Гавриил, испратен од Бога да ја објави ова Ангелска песна, најдостоинствена за Пресветата Божја Мајка. Кога старецот се вратил од бдението во келијата, послушникот му ја отпеал “Достојно ест”, како што му наредил Ангелот, и му ја покажал на старецот плочата, испишана со ангелска рака. Тогашните отци, празнувајќи го споменот на ова чудо, секоја година вршеле богослужби и Света Литургија во споменатата келији, во исто време честувајќи и славејќи го светиот Архангел Гавриил, кој од почетокот до крајот, останал боговдахнат славословец на Пресвета Богородица, и Нејзин радосен служител и благовесник. Оттогаш оваа Ангелска песна се разнесла по целиот свет, за сите православни христијани да И ја пеат на Пресветата Богомајка. А светата икона на Пречистата Богородица, која се наоѓала во црквата на онаа келија и пред која се случило ова чудо, била пренесена во велелепната црква на Протатот, каде и денес се наоѓа. Отаму келијата го добила називот “Достојно ест”.

 

Гаврил значи „сила Божја“, поради што и неговото јавување на Благовештението има и симболично значење, укажува на силата на тој што ќе се роди од Пресвета Дева Марија, дека тој ќе биде силен, семоќен, односно дека тој ќе биде Бог Спасител.


Архангел Гаврил, заедно со Архангел Михаил го имаат чинот на серафимите, а серафимите имаат највисок ангелски чин поради што стоеле најблиску до Бога. Кога му се јавил на Захарија му рекол: „Јас сум Гаврил кој стои пред Бога…“ (Лука 1/19)

Значи Гаврил е еден од седумте најблиски до Господа серафими чии имиња се: Михаил, Гаврил, Рафаил, Урил, Селатил, Ехудил, Варахил. Некои кон овие го додаваат и Јеремил. Сите имаат иста чест или исто ниво на значење, но имаат различни служби.


На иконите, светиот Архангел Гаврил е претставен или со крин при Благовештението на Пресвета Богородица, или со рајска гранка при Успението на Прeсвета Богородица.

 П.П.