Милоста и состраданието ќе нѐ направат слични на Христос, а не некаква праведност. Оној што згрешил нема право да зборува за правда, не може да дели правда.

Слушнете како Христос ја завршува параболата: „Така и Мојот Отец Небесен ќе направи со вас, ако секој од вас не му ги прости од срце гревовите на брата си“ (Матеј 18, 35). Тоа е праведноста за којашто ќе се држи Бог на судниот ден, не за тоа колку сме биле „праведни“, колку сме постеле, колку метании сме правеле итн. „Со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери“, со какви очи гледате на братот свој, со такво око ќе гледа Судијата во последниот ден (види: Матеј 7, 2).

Е, сега, гледајте дали ќе барате правда или ќе пројавите милост. Поимот правда не треба да се спомнува меѓу нас, не треба да се повикуваме на такво нешто во меѓусебните односи. Еве, сите вие кога дојдовте првпат на исповед, вашиот духовен отец кон вас пројави правда или милост!? Ви прочита разрешителна молитва и ви кажа дека Бог ги љуби грешниците што се каат, или пак, за правда ви зборуваше!? Тогаш, кој ве научи во Црквата да делите и да зборувате за правда!? Таа власт Му припаѓа единствено на Бог. 

 Јас воопшто не зборувам за надворешните, за луѓето надвор од Црквата, на кои Евангелието не им значи ништо. Зборувам за сите нас што претендираме да станеме сведоци Христови во овој свет. Ние ги судиме политичарите, ги судиме епископите, ги судиме свештениците, се осудуваме еден со друг, а многу често таа дрскост и тој демонски менталитет произлегуваат оттаму што си мислиме дека ние одиме во црква, Христови сме, па знаеме што е праведно, а што не е, што е добро, а што не. Нема поантихристовски дух во Црквата од духот на осудувањето и на делење на некоја наша правда. Зошто велам, нема поантихристовски дух!? Поради тоа што власта да суди и да дели правда Му припаѓа единствено на Христос, а единствено антихристот тежнее во овој свет да се зацари и да седне на местото Христово.

 

(Извадок од беседата на Викарен Епископ Јаков Стобиски: Братот мој е мојот живот)