СВЕТИ ПЕТАР И ПАВЛЕ - ПЕТРОВДЕН (12.07.2014)



„Господи, на Твојата Црква си и дал тврдина: Петровата цврстина и Павловиот разум и светла мудрост, и вистинската проповед и на двајцата, која ја прогонува елинската измама. Затоа, тајно водени и од двајцата, Те воспеваме, сесилен Исусе, Спасителу на душите наши“ (стихира на Господи повикав... на Мала вечерна на светите Петар и Павле).

Да ги восфалиме денеска светите првоврховни апостоли Петар и Павле, зашто иако во тело, тие ги надминаа и ангелите, зашто Христос им вети дека ќе седат со Него во денот на Неговото славно доаѓање. За нивните подвизи, пак, Црквата пее: Која темница не те имаше тебе за затвореник! Која, пак, Црква не те имаше за проповедник!... Петре камену на верата! Павле, похвало на вселената, дојдете и утврдете нé!

И ние денеска, на 12.07.2014 година, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, ги воспеавме светите славни и сефални апостоли Петар и Павле, со најголемата пофалба и жртва – светата Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј Стевчо Тошевски, свештеник Никола Христоски и протоѓакон Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј го поучи верното стадо со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.




Митрополит Тимотеј


 





 



Во името на Отецот и Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!         

 

Дивен Бог во свјатих Своих, Бог Израилев (Пс. 67,35)


Ние оваа вистина, ја гледаме во овие двајца Божји угодници. Во нив светата Црква го зачувала за нас, како најголема скапоценост, пројавувањето и манифестацијата на Славата Божја. Како што знаеме, современите луѓе можат да ни поставуваат разни прашања за овие двајца апостоли. Кого прославувате вие? Отстапникот или предавникот на својот Учител и силниот гонител на Црквата Христова? Сето ова и слично можат да го поставуваат луѓе кои не се добронамерни за Црквата Христова.

Ако ние можеме да зборуваме за нив како луѓе, тогаш ќе зборуваме само според нашето човечко разбирање. Но Бог, ги избра и се всели во нив, и Кој се вселува во секој еден од нас, кога искрено се стремиме кон Христа и постанувајќи вистински членови на Црквата Христова.  Бог ги прави овие двајца луѓе Свои ученици, Свои чеда, и сè што било претходно им го простува, односно останува во минатото. Благодатта ги менува и ги прави христијани и тие засветлуваат со таа Божја благодат. Ние од св. Евангелие знаеме за гревот на св. ап. Петар, односно дека тој три пати се откажал од Господа Исуса Христа. Но исто така знаеме од црковното Предание, дека тој цел живот се каел за овој направен грев и секогаш плачел кога ќе слушнел пеење на петел, и ние не се сомневаме дека цел негов живот го поминал во каење. Потоа, Господ Исус Христос три пати го прашува: Дали Ме љубиш? И како одговор му заповедува: Паси ги овците Мои. Господ Исус Христос, Кој му го враќа апостолското достоинство и го прави да биде по волја на Својот Отец Небесен, повторно го поставува на таа голема служба во Неговата света Црква. Ние денеска имаме голема чест да бидеме во храм, кој е посветен на овие двајца првоврховни апостоли Петар и Павле.

За вториот пак, многумина можат да ни речат дека тој бил најсуров гонител на Христовата црква, односно на Христовите следбеници. Тој ги чувал дури и алиштата на оние кои го каменуваа првиот маченик за Црквата Христова, светиот архиѓакон Стефан. Не е спорно дека Савле, пред да биде Павле, бил ревносен фарисеј и строг исполнител на Мојсеевиот закон, и како таков бил непријател на Христа и на Неговите следбеници. Но сето тоа е во еден период кога Савле немал директен контакт или средба со Господ Исус Христос. Но одејќи на пат за Дамаск, во Сирија, и ќе Го сретне Господа Исуса Христа, и кој од средбата ќе ослепи, односно од сјајот и од блесокот на Славата Божја пројавена преку Господа Исуса Христа, тогаш Господ Христос ќе му го врати видот и кога Савле ќе Го праша: Кој си ти? Христос му одговара: Јас Сум Оној што Го гониш Исус Христос. Во тој момент, Савле ќе се преобрати во Павле и ќе постане најревносен сејач на словото Божјо, помеѓу незнабожечките народи. Тој себеси повеќе пати ќе се нарече недоносче и најмал слуга Христов, и покрај тоа што ќе претрпи страдања, тепања, затворања, сè заради Христа. Целокупното негово делување во ширењето на Христовата наука, ги надминува сите останати апостоли со својот труд, со својата интелектуална и духовна подготвеност да поднесе подвизи во ширењето на Христовата наука. Затоа и Господ Христос го прима во бројот на дванаесетте апостоли и му ги простува сите негови престапи, пред да Го запознае Христа. Овој апостол, како избран сад Божји, ќе направи три мисионерски патувања во тогашниот познат свет. На сите тие патувања ќе претрпи многубројни страдања. Тој ќе напише повеќе посланија, утврдувајќи ја верата Христова кај оние цркви, кои тој ги основал.

Но како кулминација на севкупната нивна припадност, и ап. Петар и ап. Павле ќе го запечатат нивниот живот со маченичка смрт и тоа во Рим. Првиот, ап. Петар, ќе биде осуден на смрт со распнување, но тој ќе замоли да не биде распнат со главата нагоре, како неговиот Учител Господ Исус Христос, туку како Негов недостоен слуга, со главата надолу. Додека пак ап. Павле ќе биде маченик, но како римски граѓанин, со отсекување на главата.

И ние денеска, кои го прославуваме нивниот свет спомен, да им се обратиме со искрена молитва, Тие да ја умножат нашата вера и Бог да ни даде разум духовен Христов, за да може секој еден од нас да види, дека сме повикани да Му служиме на Господа Исуса Христа и на Неговата света Црква. Да испросиме милост Божја, да ни дадат секаква помош душевна и телесна, за да можеме да живееме според волјата Божја, за да го наследиме Царството Небесно. Свети апостоли Петар и Павле, молете Го Бога за нас.

 

Св. ап. Петар и Павле
12. 07. 2014 година
храм „Свети Петар и Павле“ - Кичево

 

 

 

Повеќе; Дебарско-кичевска епархија