На 08.10.2017 година, Недела осумнаеста по Педесетница, Неговото високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужување со Митрополитот Европски г. Пимен и Митрополитот Кумановско-осоговски г. д-р Јосиф, извршија осветување на манастирскат црква „Св. Георгиј Победоносец“ во с. Мала Речица – Тетовско. По осветувањето и литургијата иницијативниот одбор организираше братско - сестринска трпеза на љубовта, и беше емитуван краткометражен документарен филм со историјат за манастирот. На литургијата проповедаше Митрополитот Тетовско-Гостиварски г. Јосиф,

г. Јосиф, митрополит Тетовско – гостиварски 08.10.2017 г. Мала Речица
    Воскресение од пепел


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
                           Домот Мој е дом за молитва...
                                                                                                                 (Лука 19,46)
Драги браќа и сестри,
Со овие поучни евангелски зборови со кои Бога и Спасителот наш Исуса Христа им се обратил на присутните во Ерусалимскиот храм и јас денес со неизмерна радост го започнувам моето слово кон Вас, нашите верници, кои дојдовте и зедовте учество во еден од најрадосните чинови, во чинот на осветувањето на овој новообновен манастирски храм во Мала Речица, кој е посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец.
Најпрво да појасниме какво знаечење има храмот Божји за сите христијани. Храмот, возљубени, е место одредено за заедничко богослужение, за општа молитва. Тој уште се нарекува и дом Господов, свето место, каде се пројавува благодатната сила Божја. Нашиот Спасител често одел во храмот Ерусалимски за молитва и за да поучува. Зашто црковниот амвон е една катедра од каде што се проповедаат божествените вистини. Во светите храмови се собира Божјиот народ – живата црква, на која ѝ се благовестуваат Божјите заповеди за верата, братољубието, правдата и моралните начела или чистота. Секако дека овие божествени заповеди можат да се проповедаат и на друго место, но тие навлегуваат подлабоко во срцето кога се говорат и слушаат во храмот, кој е дом Божји, живеалиште на Божјата слава.
Знаејќи го големото значење на храмот, побудени од својата длабока вера, нашите верници од овој крај започнаа да го обновуваат овој манастирски велелепен храм, чии темели според историско – археолошките истражувања датираат од крајот на 13-от и почетокот на 14-от век. Низ текот на годините овој храм создал богата историја. Тој повторно сега, во годината кога го празнуваме големиот јубилеј на нашата мајка Црква: „50 години од прогласувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква“, воскреснувајќи како феникс – почнува да испишува нова историја. Ете Бог денес преку нас свештенослужителите и преку Вашите молитви го благослови делото на Вашите раце – овој манастирски храм, кој на дело ја покажува Вашата искрена вера, Вашите бројни подвизи и сиот труд, кој неизмерно го вложивте во неговата обнова, која верувам дека во Вас уште повеќе ја разбуди носталгијата и љубовта кон родниот крај. Возобновувајќи ја ова манастирска црква, всушност ги возобновивме нашите корени. Докажавме дека на овие простори не имало одсекогаш и ќе не има засекогаш со Божја помош, како верни чеда на Единиот Троичен Бог и на нашата Светоклиментова МПЦ – ОА.
Вака собрани денес заедно, драги браќа и сестри – најубаво сведочиме за што служат манастирските храмови. Тие служат за да ние се собираме во нив на заедничка молитва, а молитвите се од Бога дадени и ние се соеднинуваме со Бога преку молитвите. Исто така, од храмот треба да ги слушаме и да ги исполнуваме евангелските поуки, кои на секоја Литургија се проповедаат од ова место. Денешното евангелие, пак ни пренесе значителни пораки: Да ги љубиме непријателите свои и да им правиме добро, на заем да даваме, не очекувајќи ништо. И ако тоа го правиме – ќе биде голема нашата награда на небесата.
Исто така особено важно е да се трудиме што повеќе да присуствуваме во овој храм, да го посетуваме редовно, да се однесуваме примерно во храмот, бидејќи тој не е само Божји дом, туку и наш дом. Оние кои веруваат се собираат во храмот, како членови на едно семејство, како деца на Единиот и Ист Отец Небесен. Овде сите се чувствуваме како браќа. Сите најважни случувања на верните се сврзани токму со самиот храм. Сите сме во храм крстени, т.е духовно родени, па затоа храмот во духовна смисла претставува наша родна куќа; во храмот сме миропомазани и духовно израснати, некои го добиле благословот за монашки живот во него, други го добиле благословот за својот брачен сојуз; тука сите ние преку светата Евхаристија доаѓаме до најживо општење со својот Спасител Господ Исус Христос; и најпосле, повторно тука, за последен пат, ќе бидеме донесени како упокоени, за Мајката Црква да се помоли за заминувањето од овој земен кон небесниот живот. Што значи целиот наш живот овде на земјата е поврзан со храмот. Затоа да го чуваме ова место како наше најголемо богатство.
На крајот, почитувани мои, како надлежен Архиереј на оваа епархија, чувствувам потреба секако од свое и од ваше име, да ја изразам својата благодарност, но пред сѐ на Бога, затоа што на самиот почеток нѐ возљуби и нѐ повика да бидеме членови на Црквата Божја. Особена благодарност и до членовите на Иницијативниот одбор за возобновување на манастирот, кои со Божја помош вложија надчовечки напори за сите ние денес да се радуваме на оваа црковна убавина и верувам дека и понатака ќе останат во свето послушание. Секако голема благодарност и до моите собраќа на нивата Господова, Високопреосветените митрополити: Европски г. Пимен и Кумановско – осоговски г. Јосиф, кои со своето присуство и со заедничкото сослужување го збогатија овој настан.
Останувајќи во оваа радост, да се помолиме на Господа, Бога и Спасителот наш Исуса Христа, на Неговата Пресвета Мајка, на светите апостоли и отци наши и на светиот великомаченик Георгиј Победоносец, на кој е посветен овој манастирски храм – да ни дадат духовна сила и мудрост за преуспевање и умножување на секое наше полезно дело.
Нека е честит денешниот ден посветен на светата преподобна Ефросинија и на преподобниот Сергиј Радоњешки и честито осветувањето на овој свет храм. За многу години!
Амин и слава на Бога!

 

 

 

 

 

 

 

 

 Извор: http://tge.mk/story/477/