
„Голема грешка е да мислиш дека со сопствен труд можеш да промениш некого. Никогаш. Можеш со својот живот. Со труд, со зборови, со спротивставување и со сето тоа – речиси никогаш. Промената ќе се случи кога ќе дојде Божјото време.
Ако се промениш себеси и станеш жив пример за она што сакаш да го промениш, негов идеал, и тој те види среќен, тогаш ќе се промени.
Кога некој се моли за одредена личност, тоа е добро. Но кога се обидува да ја промени – не. Тоа е само во Божји раце.
Бог има Свој план за животот на секого од нас. За секого. Ние сме слободни. Но не знаеме дека Тој знае што ќе направиме. Тој знае сè. Го знае нашиот пат до последниот миг од животот. Ние тоа не го знаеме.
И ако, чедо мое, се обидеме самите што повеќе да се соединиме со Бога, тогаш нема да мораме ништо да правиме. Зашто автоматски ќе станеме пример за оние што би сакале да ги видиме на Неговиот пат.
Сепак, природно е, особено со твојата младост и со љубовта што Бог ја ставил во твоето срце, на почетокот да не можеш да го разбереш тоа и да бидеш разочаран и да кажеш:
„Каква е оваа ситуација? Толку труд, а тој сè уште е ист?“
Но знаеш ли? Бог истото ни го кажува и нам:
„Толку пати простив. Толку пати бев трпелив. Сè уште ли е истиот?“
А потоа продолжението ќе биде во молитвата, исто како што и почетокот е во молитвата. Без осудување на другиот.
Еднаш, кога веќе сфатив дека молитвата е сè, видов две мали деца на улица, во својот бес, како жестоко се тепаат. Не отидов да ги разделам, како што би направил порано, туку веднаш го применив во пракса она во што верував.
Го свртев погледот на другата страна и реков:
„Господи, стави го Твојот мир меѓу овие двајца.“
И кога се свртев повторно да ги погледнам, тие повторно се смееја и си играа...
Тоа беше одговор од Бога.
Знај го ова, чедо мое: нашиот мир и спокој, како и начинот на кој живееме, покажуваат колку навистина веруваме.
Затоа човек може да ни ги каже најдобрите лекции. Но ако го видиме вознемирен, немирен и колеблив, не можеме да веруваме во она што ни го зборува.
Доколку сакаме да им помогнеме на другите, целта на нашиот живот треба да биде што повеќе да се приближиме до Примерот – до Господа.
Моето искуство ме научи дека никој не може да му помогне на друг, без оглед на целата своја волја и љубов. Помошта доаѓа само кога ќе дојде Божјиот Час, од Господа.
.— Света Гаврилија од Лерос
Подготви Симеон Стефковски
21.09.2026