ArhStefanSOBOR14

Светлина на свеќник

Оној што „запалил свеќа“ е тој што доволно ја очистил енергијата на својот ум. Ова очистување се нарекува и прво гледање на несоздадената божествена светлина и се случува на првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите.

Тоа, дека запалената свеќа не се поклопува, значи дека - првото гледање на несоздадената светлина не треба да се употребува за судење и за осудување на ближниот. Судењето и осудувањето е грев, а гревот ја задушува очистувачката благодат, т.е. светлина.

Исто така, значи дека првата светлина не се употребува само за интелектуално надградување, туку за севкупно преобразување на сите душевни и телесни сили.

Кога, пак, „запалената свеќа“ се наместува на свеќник, тоа - на првиот степен од духовниот развој, значи дека - првата светлина се користи за согледување на сопствените гревови и нивно отстранување. На тој начин продолжува процесот на чистење на срцето од страстите.

Со континуирано продолжување на правилниот подвиг започнува да се чисти и суштината на умот, која е во срцето. Кога суштината на умот доволно ќе се очисти, се случува отворање на срцето, појавување на несоздадената благодат и молитвено симнување на енергијата на умот во него. Просветлувањето на умот се случува преку умно-срдечната молитва. Тоа е дар Божји.

Светлината на просветлениот ум веќе тешко може под одар да се стави - за тоа е потребно пад во голем грев; додека, потребата од интелектуално знаење на тој степен е безначајна.

И запаметете, Бог никогаш не ја пали оваа светлина за таа потоа да згасне, туку „ја наместува на свеќник, за да ја гледаат светлината оние што влегуваат“ во домот – во Црквата. Ова се случува на вториот степен од духовниот развој – просветлување на умот.

 

Митрополит Струмички Наум

 

 

++++++

Света Архиерејска Литургија по повод Денот на сите македонски светители, како и 40-годишнината од епископската хиротонија на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Архиепископ г. г. Стефан, Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар, Митрополит Струмички г. Наум, Митрополит Повардарски г. Агатангел, Митрополит Европски г. Пимен, Митрополит Брегалнички г. Иларион, Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Митрополит Кумановско-осоговски г. Григориј и Митрополит Дебарско-кичевски г. Георгиј, Епископ Дељадровско-илинденски г. Јоаким и Епископ Делчевско-каменички г. Марко.