Литургија во манастирот Успение на Пресвета Богородица

На 28.8.2023 година, на празникот Успение на Пресвета Богородица, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан богослужеше и проповедаше на Светата Литургија во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, Матка.
На Литургијата во ѓаконски чин беше ракоположен чтецот Антонио Јосифоски.

 Arh.Stefan.Matka

За време на Богослужбата, Архиепископот го произнесе следново слово:

БОГОРОДИЧНОТО ‒ ВЕЛИЧИЕ И НА ЖЕНАТА

На нас, луѓето, вродено ни е да славиме, да му оддаваме почит на сè што е значајно, на сè што е убаво и на сè што е добро за човекот. Ги славиме познатите личности во историјата: државници, воини, револуционери, им оддаваме почит на книжевниците, научниците, уметниците и на сите што се истакнале и направиле добро за својот и за другите народи и за сечовечкиот род. Но ние, православните христијани, најмногу го почитуваме и прославуваме она што е свето; најдлабоки чувства имаме кон светителите, кон оние кои, благодарение на својата праведност и богоугодност, се удостоиле пред Господа да бидат прославени за својот подвиг овде на земјата и да бидат наградени со вечен спомен за своето богољубие и човекољубие.

Во изминативе 20 столетија, многубројни се личностите на кои светоста им стана основна и единствена карактеристика. Од најраните следбеници и маченици за Христа, до подвижниците и богоугодниците од нашево време ‒ сите тие сведоци за вистината на нашата вера нè привлекуваат најмногу со своите свети животи и дела. За бројни светители од календарот на Светата Црква и не знаеме многу, но сме ја почувствувале нивната светост и ги празнуваме нивните спомени.

Arh.Stefan.Matka1

         А среде огромното множество на знајни и незнајни светии, особено место зазема, Мајката Божја – Пресвета Богородица! Таа има исклучително место во најзначајниот настан во постоењето на човечкиот род и светот, има неповторлива улога во раѓањето на Бога како човек и во обожувањето на човекот. Таа е онаа скала преку која Бог слезе на земјата, а човекот се искачува на небото. Таа е онаа благословена Девојка што најде милост пред Господа и на која ѝ беше соопштено дека таа ќе Го роди Спасителот на светот; таа е онаа од која изгреа Сонцето на правдата, која е почеток на нашето спасение и на која ѝ пееме дека и по успението не го оставила светот…

Пресвета Богородица е најголемиот сведок за сето она што Бог го направи за спасението на човекот, за она што се случуваше со Господа Христа од Витлеем до Голгота, за она како се роди Црквата, како продолжи да се шири Евангелието, како ги гонеа Христовите ученици и следбеници. Мајката Божја е меѓу оние богоизбрани личности коишто продолжија да ја сведочат вистината за Бога, во овие 2000 години, а така ќе биде и во сите времиња.

А Пресвета Богородица е најголемиот сведок на верата христијанска и меѓу нашиот народ. Тоа се потврдува со почитта што Пресвета Богородица ја има по сета македонска земја. Па, речиси и да нема крај, да нема град или село во Македонија, а во него да нема изградено храм или манастир во нејзина чест.

Па, ако размислуваме за денешниов празник, за денот на нејзиното Успение, треба да се истакне дека истиот се чествува од најрани времиња, а и денес меѓу сите христијански народи е еден од најуважуваните црковни настани. И токму таквото чествување на овој Богородичен празник, но и воопшто на сите најзначајни моменти од животот на Пресветата Дева, односно нејзините: Рождество, Воведение и Благовештение е спротивно на денеска зачестеното во некои кругови, искучително погрешно мислење дека жената во Црквата има подредена улога во споредба со мажот.

Секој што живее во Црквата, секој што го знае црковниот став кон жената знае колку невистинито и колку жално е таквото тврдење! Жената, во учењето и во животот на Црквата, не само што не е непочитувана, туку напротив, токму таа, преку Светата Богородица, во својата утроба Го сместува Оној што ни сета вселена не може да го вмести. Токму таа во Своите раце Го држи Оној што ја одржува во постоење сета вселена ‒ семоќниот Бог. Токму таа на Своите гради Го храни како мало дете Оној што дава храна на секое тело[1]. Токму жената, и особено жената мајка, ја дава надежта на светот ‒љубовта. А љубовта секогаш е несебична, жртвено себепринесувачка, и токму поради тоа, во нашата претстава, жената е икона на љубовта, и затоа, да не дозволиме мајчинството да биде осквернето со ничии новоисковани поими.

Воспоставувајќи почит кон Мајката Божја, Црквата уште повеќе ја истакнала улогата и местото на жената, посебно нејзината духвна и морална убавина, нејзината љубов, оддаденост, трпение и саможртва. А со зборовите „почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите“, Црквата ја прославува Мајката Божја како повозвишена од ангелите, како онаа која со чистотата надминува сѐ што може да се замисли.

Па тогаш, врз што ги темелат своите ставови оние коишто Црквата и христијанството ги сметаат за понижувачи на жената, за институција во која жената е сметана за пониско суштество од мажот? – Така можат да говорат само оние коишто не го виделе местото што ѝ е дадено на Пресветата Богомајка на иконостасите и во олтарските апсиди; така можат да говорат и да ја третираат Црквата само оние коишто не ги слушнале зборовите кои за Пресветата Богородица се изречени како кон личност со сепобедлива љубов: „Радувај се ти од која ќе се роди најголемата Радост; радувај се примателко на радоста!“ Таквото почитување на Пресветата Богородица го потврдува местото на жената во Црквата и во христијанството, воопшто.

Оттаму, сите загрижени за третманот и за правата на жената, всушност, се непознавачи на вистинското место на жената во христијанството. А во тоа особено се истакнуваат таканаречените „борци за правата на жените“, кои, со своите ставови ја навредуваат природата на жената и нејзиното природно право на мајчинство. Па до каде ќе стигне светот со истополовите бракови и со хируршката промена на полови? Вистинско време е современите самопрогласени „борци за правата на жените“ да се запрашаат како ќе се раѓаат и воспитуваат идните поколенија!

Пресветата Богородица била и останува да биде идеал за мајка, и со покажаната љубов, и со трпението и подготвеноста за страдање и саможртва. Низ изминативе 20 столетија, Мајката Божја служела за пример кого го следеле многубројни жени, кои, кога било потребно, поднесувале и најтешки страдања во име на вистината и правдата. Во календарот на Светата Црква секојдневно се спомнуваат имиња на жени кои во многу случаи биле похрабри и од мажите и поподготвени да се жртвуваат за верата и Црквата. Од жените мироносици, до бројните маченички и исповеднички, па сѐ до светлите имиња на жени и во нашите времиња, сите тие жени се потврда дека жените имаат свое рамноправно место во животот на Светата Црква.

Arh.Stefan.Matka2

Затоа, на овој голем празник на Мајката Божја и ден на сите мајки, апелираме до нашите мајки: продолжете да бидете достојни на благодатта со која сте дарувани ‒ да раѓате и воспитувате, да создавате и подигнувате достојни чеда за верата и за Црквата, за родот и за Татковината. Помогнете во младите семејства да се зголемат рожбите, а родените насочувајте ги на вистинскиот пат. Света, возвишена и незаменлива е улогата на жената и на мајката!

Мајката Божја да ја имаме секогаш за пример: и за почитта и послушанието кон Бога, и за трпеливоста и приврзаноста кон вистинските вредности.

Да се помолиме Пресветата Богородица да се застапува за оваа свештена обител, за мајката старешинка и за сестринството во него, за нашиот град, за нашата земја и за сиот свет! Амин!

 

https://mpc-spe.mk/arhiepiskop/aktivnosti/uspenie-2023/