Ладно срце

TVITer105
Замислете, сѐ нешто си има своја форма и суштина, само што, кога се работи за светот, ако нешто нема своја суштина - релативно брзо пропаѓа, а кога се работи за Црквата, ако и само формата се држи – таа си трае. На пример, ако некој води некаква политика или бизнис без суштина, т.е. без квалитет, без програма, без цел и слично, таквиот набрзо ќе пропадне, но ако некои водат Црква без да се за тоа подготвени, т.е. само формално, Црквата си трае; иако можеби со доста проблеми или со друг географски распоред. Суштина на Црквата е Богочовекот Исус Христос и нејзе вратите на пеколот нема да ја надвладеат; сѐ друго, дури и суштина да има – ќе помине.
Православен христијанин, без свесно да влезе во првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите, само формално – по име, е христијанин. Презвитер, без просветленост на умот – која произлегува од умно-срдечната молитва, само формално е презвитер; благодатта делува преку него – како воздухот низ трубата што поминува и произведува звук, но тој самиот не се осветува. Епископ, без обоженост, е само формално епископ; исто како и презвитерот.


Значи, сите оние што не ја активирале благодатта на Крштението во своето срце, односно, не го активирале царското и есхатолошко свештенство во себе, т.е. го немаат дарот на умно-срдечната молитва, само по име се тоа што се, а во суштина – не се: „имаш име дека си жив, а мртов си“. Лошо е, што тоа не го велам јас, туку Светото Евангелие и Светите отци на Црквата.


Да ги објаснам претходниве три пасуси и со пример. Некогаш, Блискиот Исток, Северна Африка и Мала Азија биле извор и процвет на христијанството, а денес христијанството таму е сведено на мали групички – овде, онде. Денес, таканаречениот Балкан е претежно христијански, но за неколку децении, ќе видиме што ќе биде. Некогаш, Северна Америка беше претежно протестантска и католичка, а денес велат дека Православието се шири; не ми се верува – со така организирана дијаспора, ама Господ си знае. Битно е, колку ние духовно паѓаме, толку сите останати телесно се шират – изборот е наш.


Затоа, деца, кога ви велам – не се причестувајте со Христос, без лично некому да помогнете помеѓу две причестувања – послушајте ме! Значи, нагласувам – лично, не само преку разни хуманитарни организации – тоа е безлично; секако - подобро и така, отколку никако. И не служете Литургија и не се причестувајте без да ме прочитате што сум напишал, оти тоа е исто како да сакаш да се причестиш на Литургија, а не сакаш да го слушаш Евангелието, т.е. не сакаш да се причестиш со Словото Божјо. И ако до сега не сте го знаеле ова, духовниците имаат дополнителна должност да ви го пренесат, како и оние што служат во информативната дејност. Значи, кога ви ги кажувам овие работи, сфатете ги сериозно, оти нема друга власт што може да ве ослободи од заповеданото, а последиците – ги чувте.


Кога говорам и за разните „првенства“, тие, без првенство на духовен авторитет, се само првенства со административно значење. И административното значење не е без значење во овој свет, затоа што има сила колку толку да го одржува единството на Црквата, но во други географски услови – како што веќе објаснив. Ниту едно од разните „првенства“, без првенство по духовен авторитет, не може да се активира, но затоа, и најобичниот лаик или монах, кој го има првенството на духовен авторитет, може да биде таен носител на кое било првенство, односно, сите тие првенства некако да функционираат, затоа што таквиот постои.


Деца, ни фали покајание – и тоа многу покајание; најпрво на мене. Ни фали живо и топло срце, срце со постојани внатрешни движења. Срце, кое реагира соодветно – евангелски, на секоја внатрешна и надворешна дразба. Срце од кое постојано извира молитва за сите. Срце, преку кое се одвива целиот наш внатрешен и надворешен живот, како и комуникацијата со Бог и со ближните. И што говорам – „наш“, туку, ни фали толку широко срце, на кое содржината на животот на сите останати луѓе, станува содржина на неговиот живот. Не – ладно, бесчувствително и мртво срце.


Пресвета Богородице, спаси нас!


Митрополит Струмички Наум 

 

Juli 2026