Одговори на Вашите прашања

Одговара: отец Горан Стојчевски

 

Прашање од Ана: Зошто крстот е христијански знак?

 

Одговор:

На Крстот на Кој е распнат Нашиот Спасите Господ Исус Христос е извршено помирувањето на човекот и Бог и повторно ни е дадена можноста за живот вечен и единство со Него во царството Божјо, што беше прекинато во рајот со гревот на нашите прародители, по кој влезе и смртта. Токму на Крстот, Спасителот го распна стариот човек, стариот Адам, ги зеде на Себе гревовите на светот и човекот, ги рашири Своите раце за до го приведе кон спасение сиот свет и сите народи. Заради Богочовекот Христос Крстот ја има животворната сила на спасение, затоа самиот Христотс вели, секој да го земе својот крст и да Ме следи, односно да го отпочне својот духовен подвиг кон спасение, пат тесен, со страдања и маки, но пат спасителен, ако го распенеме на крстот и ние нашиот живот преку постојаното покајание, пост, молитва, тогаш се сораспнуваме со Христос, но ако со Него се распнеме со Него ќе воскреснеме, христијанскиот подвиг е пат од крст кон воскресение, умирање за гревот и воскресение за живот вечен. Пред Христос, крстот беше предмет на проколнување бидејќи Римјаните на него ја извршувале најстаршната смртна казна за некој претапник, но Христос во Кого немаше грев доброволно според Домостројот на спасението прифати да биде распнат на крст, за да ги искупи човекот и светот од гревот, смртта и ѓаволот и да ги победи со Своето Воскресение.