17. Јули 2007
Crown Point, Indiana, USA


Животот во нашата црква „Св.Петар и Павле“ во Crown Point, Indiana,  покрај вршењето на редовните активности (извршување на светите богослужби и други црковни треби), е исполнет и со многу други духовни и културно-национални содржини. Така е секојдневно, а така беше и по повод одбележувањето на нашата црковна слава, што се одржа на 14 и 15 јули оваа година. Всушност прославите започнаа уште на 11 јули со светата Вечерна богослужба и завршија со Светата Литургија во неделата на 15 јули. Така со целокупните наши активности и црковно живеење станавме вистински апостоли на Црквата Македонска и името македонско.


 
Прославата по повод патрониот ден беше втор Велигден за Православните македонци во Crown point и околината. Храмот беше претесен да ги прими сите верници кои постојано доаѓаа и како река врвеа палејќи свеќи и молејќи се на Севишниот Бог и Неговите најпрославени апостоли Петар и Павле. Тоа ни зборува дека во пет- децениското постоење на нашата црква култот на овие Христови светила високо е издигнат и свети во срцата на сите верници.

На Литургијата на празникот чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митроплит Американско-канадски Господин Методиј, а во сослужение на парохискиот свештеник прота-ставрофор Томе Стаматов, ѓаконот Стеван Барјактаров, при што Негово Високопреосвештенство произнесе поучно слово за празникот.


Покрај редовните богослужби во саботата на 14, беше одржан и свечен банкет во банкетната сала при нашата црква. Убаво украсената сала беше до последното место исполнета.


Најпво, претседателот на црковниот одбор г. Борис Веловски со пригодни зборови и празнични желби ги поздрави присутните. Меѓу другото тој рече: “Ви го честитам овој голем и свечен ден со желби идната година, по повод 50-годишниот јубилеј од формирањето на Иницијативниот одбор за организирање на нашата црква, како и 45 – години од осветувањето на истата, да биде уште посвечен и порадосен. Нема да биде нескромно ако речам дека ние тоа и го заслужуваме бидејќи сме прва црква која се закитивме со знамето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија веднаш по нејзиното осамостојување во далечната 1958 година. Ние бевме првите иницијатори не само за изградба на оваа црква туку и за сите Македонски Православни Цркви во оваа епархија кои што се изградија и сеуште се градат. Ние го понесовме барјакот на афтокефалната Македонска Православна Црква на овие простори. Со тоа треба да се гордееме сите. Во таа прилика ќе им дадеме посебна чест и признание на сите кои допринесоа за оваа наша македонска духовна победа. На многу години!“, рече Борис Веловски.

Потоа  парохискиот свештеник, прота-ставрофор Томе Стаматов ги поздрави и благослови присутните, како и оние кои од било кои причини не се со нас. Честитајќи им го празникот посака идната година свечено да ги прославиме нашите јубилеи.

Со пригодни зборови се обрати и прота Митко Попоски велејќи дека е почестен со присуството на прославата на храмовата слава на црквата при тоа заблагодарувајќи се на поканата и гостопимството.


 
Посебен белег на прославата даде настапот на ансаблот “ОТЕКС“ од Охрид, кои беа гости на црквата. Нивниот настап беше на највисоко ниво и ги пленија душите и срцата на сите присутни. Прославата продолжи во песни и ора до доцна во ноќта.


Утредента, во неделата, на Литургијата чиноначалствуваше парохискиот свештеник прота-ставрофор Томе Стаматов, во сослужение на прота Митко Попоски и ѓакон Стеван Бајрактаров. На Литургијата одговараше црковниот хор. Храмот беше преполн.

Прославата продолжи во попладневните часови со пикник и македонска музика.



Од управниот одбор

Посети: {moshits}