Архимандрит Јоаникиј (Балан)

На 5-ти сепрември 1944 г. се упокои романскиот благочестив подвижник, старецот Јоаникиј (Морој). Тој имал голема улога во животот на великиот Клеопа (Илие), т.е. го примил во својот манастир уште како младо момче, го воспитал, а пред смртта му го предал својот игуменски жезол. Романското старчество е бесценета страница во историјата на Православието, тоа е свет на верата која е прекрасна поради својата длабочина и сила, која не може да се скрши и посилна е од сè. Им предложуваме на читателите фрагмент од неповторливата книга „Романски патерик“ напишана од о. Јоаникиј (Балан), посветен на отецот Јоаникиј (Морој).

Joanikij.Moroj

Житие

          Овој подвижник бил најпознатиот игумен на манастирот Сихастрија во првата половина на XX век. Се родил во г. Зернешт во Брашовската област, се оженил и имал две деца. Во последната деценија од XIX век се подвизувал во еден од романските скитови на Света Гора. После тоа се вратил во татковината и две години бил во братството на Њамецкиот манастир.

Во 1909 г. бил назначен како игумен на скитот Сихастрија – послушание кое што тој достојно го носел во текот на 35 години. Обновувајќи го во потполност монашкиот живот во оваа пустина и собирајќи околу себе повеќе од 40 ученици, протосингелот Јоаникиј (Морој) се преселил во вечноста есента 1944 г.

Дела и поуки

1. Сакајќи да го земе на себе јаремот на монашкиот подвиг, младиот Јован Морој побарал совет од блажениот Георгиј Лазар, кој му бил духовен учител. А тој му одговорил: живеј една година во скитот Јаломичоареј и секој ден прочитувај го цел Псалтир. Ако ги поднесеш демонските искушенија и не бидеш измамен од нив, тогаш можеш да станеш монах. И така, една ноќ кога се молел во својата колиба на крајот на шумата, дошол кај него непознат монах и му рекол:

„Што правиш тука, брате Јоване, и зошто така се измачуваш?“

Joanikij.Moroj1

„Отче, јас сакам да станам монах“.

„Ти силно се лажеш. Ти не можеш да останеш во манастирот. Еве, твојата жена прима други мажи во својот дом и го расфрла твоето богатство“.

„Како ти го знаеш ова, светост твоја?“ – прашал збунетиот млад човек.

„Јас проживеав 40 години во Јорданската пустина и добив од Бога дар на прозорливост, така што ги знам дури и човечките мисли“.

„И што да правам сега, отче?“

„Врати се дома и раководи со својата жена и имот“.

Во истиот момент непознатиот монах скокнал во оган и исчезнал. Тоа бил ѓавол.

Обземен од бура на секакви мисли, младиот Јован Морој веднаш тргнал кон својот дом, надминувајќи многу искушенија по пат. Старецот Георгиј Лазар кога го видел, му рекол: „Ти сега не можеш да го носиш бремето на монаштвото. Биди некое време дома“.

2. Во 1890 г. младиот Јован Морој заедно со други поклоници тргнал на пат да се поклони на Светиот Господов Гроб. На Светата Земја, доаѓајќи до пештерата на преподобниот Ксенофонт, тој сретнал некој отшелник кој му рекол:

„Брате Јоване, ти си дошол овде да бараш свети луѓе? Никогаш немој да следиш и да се потчинуваш на човек, без разлика на неговата возможна светост. Зашто денес ти од него имаш полза, а утре можеш да се соблазниш. Сакаш да имаш наставник во својот живот? Читај го Светото Писмо и поуките на светите отци и колку што можеш живеј според нив, зашто од нив ти никогаш не можеш да се соблазниш. Знај дека ти ќе станеш монах на Света Гора, а по неколку години ќе се вратиш во татковината и ќе бидеш свештеник и наставник на браќата. А на крајот од твојот живот те чекаат големи искушенија, но ако ти се здобиеш со трпение, тогаш со помошта од Христос, сè ќе победиш и ќе се овенчаш со венецот на спасението“.

Ова претскажување во точност се исполнило во животот на протосингелот Јоаникиј (Морој).

3. Во 1909 г. удостојувајќи се со дарот на свештенство, отец Јоаникиј бил назначен за игумен на скитот Сихастрија, чиј монашки живот бил во опаѓање. Неговите ученици раскажувале како отец Јоаникиј 35 години издржувал секакви искушенија, лишувања, напади од бесови, закани од луѓе, болести и останати несреќи. Но, поради својата вера и трпение, со помошта од Мајката Божја, од наследениот зафрлен скит ја направил најдобрата монашка пустина на Романската земја.

4. Отците раскажувале дека тој уште од првиот ден вовел секојдневно служење на Литургијата и седум славословија[1], според уставот на Њамецкиот манастир. И никогаш не благословувал да се почне богослужението сè додека не се соберат сите браќа.

5. За него раскажувале и дека тој секогаш свештенодејствувал со строг пост, со вера и солзи. Уште повеќе, во текот на Великиот пост не јадел ништо, освен во саботите и неделите, а од понеделник до петок само се причестувал.

6. За овој старец уште раскажувале и дека во текот на 20 години, секој ден со огромна љубов служел Света Литургија Христа ради, зашто тој бил единствен свештеник и духовник во скитот.

7. Уставот (правила со кои се регулира животот на манастирот) во манастирот Сихастрија при игуменот Јоаникиј (Морој) бил следен:

– задолжително присуство на целото братство на утрената служба и на Литургијата; во случај ако некој не дојде во храм поради мрзливост, следниот ден го минувал во пост;

– сите монаси се исповедале секој петок;

– схимниците и болните се причестувале еднаш седмично (во сабота), а сите останати браќа еднаш во 3 недели;

– во манастирот сè било во заедничка сопственост, никој не можел да има лична сопственост; облеката, ќелијата и сè неопходно им било давано од манастирот;

– трпеза правеле во понеделник, среда и петок – еднаш на ден можеле да јадат, во 15 часот; а во останатите денови – два пати во денот; според уставот на свети Сава Освештени, никому не му било дозволено да јаде во ќелијата, освен на болните.

– на послушание оделе сите, заедно со игуменот на манастирот и секој бил должен да се труди во тишина (молчење), за да може да ја кажува Исусовата молитва;

– во ќелиите монасите читале Палтир, Старечник и житија на светиите, и никогаш не пропуштале да ги прочитаат седумте славословија и молитвеното правило.

8. Еднаш, во летниот период од годината, изворот во манастирот пресушил. Тогаш игуменот во храмот рекол:

„Отци, поради нашите гревови Бог ни ја одзеде водата од изворот. Ќе постиме и ќе се молиме три дена и три ноќи, додека Бог повторно не ни даде вода. Сите послушанија во манастирот се одложуваат“.

И навистина, после молитвите на отците, во третиот ден во изворот се појавила вода и од тој ден, по благословот на игуменот, изворот никогаш не пресушил.

9. Учениците говореле дека отец Јоаникиј ги подложувал на сериозни духовни испити сите оние кои сакале да се подвизуваат во неговиот манастир, со цел од нив да воспита добри монаси, предадени на Христос. Некои од нив поминувале 3 деноноќија во пост и молитва пред манастирските врати. На други често им давал молитвено правило и поклони, за да ги научи на смирение. На сите им советувал да не чуваат пари, да не излегуваат од манастирот и ги учел непрестајно да се молат со Исусовата молитва.

10. Некогаш, тој им говорел на своите ученици:

„Браќа, за овие две правила држете се во текот на целиот свој живот: отсекување на волјата и запазување на благословот. Зашто, кој ги нарушува овие заповеди, тој не може да биде монах и никогаш нема да види добро. Затоа што ние сме синови на благословот, а не на проклетството“.

11. Отците раскажувале дека ако некој го нарушувал зборот на игуменот, претрпувал многу искушенија, затоа што тој барал сè да се прави со благослов.

Така, двајца послушници се договориле да постат и да се молат во подрумот, скриени од сите. После една недела тие дошле кај игуменот и му рекле:

„Отче, ве молиме да нè исповедате, зашто утре сакаме да се причестиме“.

„А каде вие бевте досега?“

„Ние постевме и се молевме во подрумот“.

„Кој ви дал благослов за тоа?“

„А зарем за пост и молитва има потреба од благослов?“

„Јас нема да ве исповедам дури вие не се покаете за своето непослушание“ – рекол старецот.

Следниот ден двајцата послушници биле поразени од болест. Тогаш игуменот го собрал целото братство на молитва за нив, отслужиле над нив Свето Таинство Елеопомазание, и тие оздравеле. На овој начин двајцата послушници се избавиле од непослушанието.

12. Во друг случај, еден од манастирските послушнци настојувал да биде пострижан во монаштво. Но игуменот Јоаникиј, знаејќи го неговото срце, постојано одложувал. И така, еднаш, послушникот му рекол на игуменот:

„Јас сега ќе отидам до Тргу Њамц, ќе купам поштенски марки и листови за молбата за мојот постриг“.

„Не оди сега, затоа што е време на Великиот Пост и ние не треба да се шетаме по световните места“.

Но послушникот отишол, ама не успеал да помине ни километар, кога го сретнале седум зли духови во вид на страшни луѓе, и почнале да го бодат со стапови, велејќи: „Ајде да го фатиме него, зашто тој замина од манастирот без благословот на старецот!“

Послушникот со страв почнал да бега по шумата. На крај, дошол во манастирот со извици: „Не ме оставајте, ме бркаат седуммина!“

Отците, гледајќи дека е совладан од нечист дух, го одвеле во ќелијата и му кажале на игуменот. А старецот ја прочитал над него молитвата од свети Василиј, и рекол:

„Одврзете го и пуштете го“.

„А ако тој повторно избега?“

„Не плашете се. Ако Бог него го ослободил, врагот никогаш повеќе нема да има власт над него“.

На тој начин се исцелил послушникот. По овој случај, никој не го нарушувал благословот на игуменот.

13. Еднаш, некој од браќата не го затворил подрумот и ги замрзнал компирите. Следниот ден, старецот прашал за време на трпезата:

„Кој го оставил подрумот отворен? Го молам тој брат да ја исповеда својата грешка овде, пред сите“.

Но никој не признал. Тогаш старецот рекол:

„Ако виновникот не признае, тогаш Бог ќе го казни“.

Во истиот момент еден од браќата паднал на земјата, измачуван од нечист дух. Тој бил виновникот. И така, него веднаш го однеле во храмот, извршиле над него Таинство Елеопомазание и тој се исцелил затоа што протосингелот Јоаникиј имал дар од Бога да изгонува нечисти духови.

14. Еднаш, старецот претрпел некое искушение. Следниот ден, обличувајќи се себеси, тој рекол во храмот:

„Отци, јас не можам повеќе да бидам ваш игумен и духовен отец, зашто згрешив пред Бога. Барајте си друг наставник место мене“.

А отците со солзи му одговориле:

„Отче игумене, не нè оставај сираци, зашто никој не може да нè води по патот на спасението. Нека премине тој грев на нас, само не нè оставај сами“.

„Јас ќе останам игумен“, – им рекол старецот, „но само ако ветите дека ќе го исполните мојот збор“.

„Ние ќе направиме сè што ќе речеш“.

Тогаш старецот легнал на црковниот праг и рекол: „Нема да биде со Христос оној, кој нема да ме гази!“

И сите настапиле преку неговото тело. Старецот продолжил да управува со манастирот, а отците и браќата добиле голема полза од неговото смирение.

15. Поради своето смирение, протосингелот Јоаникиј се прославил во блиските краеви како молитвеник и духовник. Кај него за совет и исповед оделе многу отшелници кои се подвизувале во шумите, монаси, игумени, епископи и мирјани. Иако тој бил строг чувар на каноните, сепак за секого тој наоѓал слово на утеха и укрепување. Обично, тој давал како епитимија продолжителен пост, молитва (посебно од Псалтирот) и апсолутно послушание.

Приоѓале кај старецот и болни, за да изврши над нив Свето Таинство Елеопомазание и некои од нив се враќале дома исцелени.

16. Еднаш, дошол кај него некој од манастирските браќа, кој бил искушуван, а старецот го советувал:

„Немаш благослов да излезеш од манастирот, зашто ти си во недоумица. А умот кој е во таква состојба, не може правилно да суди и да прими решение согласно на волјата Божја“.

17. А своите духовни чеда често ги советувал:

„Отци, никогаш не ги заборавајте овие три дејства: имајте страв Божји, чувајте го својот ум во чистота и не заборавајте ја Исусовата молитва“.

18. Почнувајќи од 1941 г. многу искушенија и напасти се нафрлиле врз манастирот Сихастрија. Во почетокот изгорела црквата со сите манастирски згради. После тоа, разбојници неколку пати ја ограбувале светата обител, претепувајќи го старецот и на крај ослепувајќи го. Затоа дел од монасите преминале во други манастири. Тогаш отец Јоаникиј се сетил на зборовите од великиот старец Георгиј Лазар, кои му биле кажани пред 30 години: „Нема да ти ветам добри работи што си дошол на ова место, зашто на крајот од животот тебе те чекаат многу искушенија“.

Joanikij.Moroj2

19. Старецот им раскажувал на своите ученици, дека еднаш ноќе, кога тој лежел болен, во неговата ќелија влегла Пресвета Богородица, облечена благолепно, и доаѓајќи до него му рекла:

„Немој да тагуваш отец Јоаникиј. Отсега Ние ќе се грижиме за оваа обител!“

Пресвета Богородица била покровителка на тој смирен монашки скит. И навистина, почнувајќи од 1942 г. над манастирот Сихастрија секогаш бил покровот и благословот на Мајката Божја.

20. Еднаш, во ќелијата на старецот се собрало целото братство за да добие благослов и поучно слово. А старецот им рекол на сите:

„Отци, не очајувајте поради тоа што изгоре манастирот. Затоа што тој изгоре и поради нашите гревови, и поради тоа да се возобноват нашите благотворители. Ваши светости, трпете ги сите искушенија, и не оставајте го ова место кое е осветено со молитвите и солзите на оние кои биле овде пред нас. Непоколебливо чувајте го уставот на овој манастир. Зашто кој не го почитува уставот на ова место, истото тоа место ќе го избрка нарушителот.

Во 1909 г., кога јас бев ракоположен во јеромонах, дојде кај мене еден стар монах од Њамецкиот манастир и ми рече: „Знај, отче Јоаникиј, дека во манастирот Сихастрија ќе можат да живеат само оние кои ќе го почитуваат тамошниот схимнички устав, односно, никој да не поседува ништо, но сè да биде заедничко; да не се прават плотски гревови и да не јадат месо во манастирот. Ако некој не може да го испочитува овој распоред, тогаш тој не може да живее во тоа место. Затоа што тоа место е покриено со неразрушливата заклетва на седумте монаси – исихасти од Њамецкиот манастир, кои го основале Сихастрија во 1655 г.“.

21. На крајот од своето слово, игуменот ги додал и овие зборови:

„Цврсто придржувајте се до монашките правила и ни ден не пропуштајте без служење на Божествената Литургија и седумте славословија. Зашто, ако правите така, и ако имате чист живот, и имате љубов меѓу себе, тогаш знајте дека Божјата Мајка ќе ја издигне оваа обител од пепелта, и вие ќе најдете мир и спасение на ова место. А ако не се држите свето за ова правило, постот и своите монашки завети, тогаш знајте дека повторно оваа обител ќе стане пуста. Зашто на Бога му е поугодно пусто место, но чисто, отколку полно со многу, но разединети монаси“.

22. По две години телесни страдања, старецот Јоаникиј еднаш ноќе му рекол на својот ученик, јеромонахот Јоил:

„Во вторник јас ќе отидам кај Отецот! Во вторник јас ќе отидам кај Отецот!“

И навистина, на 5-ти септември 1944 г. протосингелот Јоаникиј (Морој) ја предаде својата душа во Божјите раце, оставајќи после себе братство од 40 монаси.

Така се подвизуваше и се упокои великиот романски старец.

Превод од руски јазик: Александар Ѓорѓиевски, дипл. теолог

Православна светлина бр. 38

 

https://crkvaveles.mk/%d0%bf%d1%80%d0%be%d1%82%d0%be%d1%81%d0%b8%d0%bd%d0%b3%d0%b5%d0%bb-%d1%98%d0%be%d0%b0%d0%bd%d0%b8%d0%ba%d0%b8%d1%98-%d0%bc%d0%be%d1%80%d0%be%d1%98-%d1%81%d0%b8%d1%85%d0%b0%d1%81%d1%82%d1%80%d0%b8/?fbclid=IwY2xjawMnjw1leHRuA2FlbQIxMQBicmlkETFSRDh5RkdjYXJSNGN6MElYAR7MXiLpk8HAOSJsil_cZpMdfBlZ6Hou7TidU2Bw5bHjlqYhn_kj7szTlUuJjg_aem_DlEwIZEkP9OARCENew7Raw