ДЕН НА МАКЕДОНСКОТО ЦРКОВНО ВОСКРЕСЕНИЕ[1]

 Stefan.tv

Еве, Бог ни даде ден да се зарадуваме и да се возвеселиме во него, ни дарува ден во кој дочекавме да ја слушнеме одамна посакуваната, но очекувана одлука. Затоа, Ваша Светост, Вам и на членовите на Светиот архијерејски собор на Српската Православна Црква Ви благодариме од името на јерархијата, на монаштвото и на верниот народ на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и овде, во Татковината, и насекаде по светот. Ви благодариме што во овој празничен ден го  дочекавме конечното македонско црковно воскресение, што со овој ден започнува новата историја на нашата Света Црква!

Стоејќи трепетно во овој величествен момент пред овој свештен собор „на избраниот народ, на царското свештенство и народот свет“[2], во мене одѕвонуваат зборовите на премудриот Соломон, кој пророчки го опишува и навестува односот на Христос и Црквата, велејќи: Целата си убава, мила моја, и дамка нема на тебе![3]

Обземен од возвишени чувства, во ова торжествено собитие ја гледам токму убавината на Црквата и длабоко ги разбирам зборовите на апостолот на народите, кој вдахновено вели дека Христос е глава на телото, односно на Црквата[4], а ние сме членови на Неговото Тело[5]. Затоа, фалејќи Го Бога за неговиот дар – за Црквата, од длабочината на душата воскликнувам:  Постојано Те величаме Тебе, Христе, Којшто неискажливо ги соедини небесното и земното и ја создаде единствената Црква на ангелите и на луѓето. Еве, нам, и денес ни се нуди таа најсовршена заедница, која е чиста и непорочна, чија чистота со ништо не се осквернува и на која ништо не може да ѝ се одземе, која е од едниот до другиот крај на вселената – Црквата Божја во целата нејзина полнота!

Колку Бог нè учи на снисходливост и на љубов! Тој сам ги понесе гревовите на светот, и осамен одеше по Голгота, за повторно сам да виси на крстот, а, сепак, целата радост на Воскресението ја сподели со сите: на жените им се јави како жив, со учениците патуваше како патник и со пламена љубов ги исполни срцата нивни, со Петар јадеше риба на брегот, на Тома му ги понуди раниte и ребрата Свои, за сите да ги собере во едно, со една вера и надеж во воскресението и вечниот живот. – Верата ја постави како услов, а љубовта како критериум, не уморувајќи се постојано пред сите да се покажува како вистински Бог.

Затоа, како да го разбереме ова денешно собрание, ако не со настаните по Воскресението? Имено, ова свештено собрание, каде што во совршена заедница ни се нуди целиот и сам Христос, е и патот од Ерусалим до Емаус, е и горната одаја каде Христос преку Тома ни се нуди на сите нас, за да се допреме до Него и никогаш да не посакаме повторно да се оддалечиме или посомневаме колку е добар и совршен.

Овој денешен свет ден е и бањата Витезда, зашто ни пристапи човек – таткото на православните, Сесветиот Вселенски Патријарх, кој нè спушти во водата, бидејќи не 38, туку 55 години седевме чекајќи во тремот и не наоѓајќи некој да се погрижи за нас! Потоа ни пристапи и друг човек, нашиот собрат и денешен сослужител, Неговата Светост, Српскиот Патријарх. И, еве,  сега имаме и кој да ни нацрпи вода од кладенецот на Јаков; сега и сите ќе видат колку е нашата нива плодна и дека посеаното стигнало за жетва; сега целосно ги гледаме сите убавини на Рајот, затоа што имаме со кого да ги споделиме, и не тагуваме веќе како Адам, туку се радуваме како апостолите на денот на Педесетницата, опиени од слаткиот пијалак на заедницата и на братската љубов.

Зашто, само вака подготвени, можеме со радост да го чекаме и денот на Духот Свети, оти љубовта, кога се споделува – се преумножува!

Возљубени,

Ние, православните, исповедаме дека Црквата е соборна,  затоа што не се ограничува од никакво место, ниту време, ниту народ, туку во себе ги содржи оние што правилно и вистински веруваат на сите места, во сите времиња и меѓу сите народи.

Црквата не е некаква федерација од помесни цркви, туку отсекогаш била, е и ќе биде една и единствена, обединета од Духот Свет, како едно единствено тело на целото човештво, осветено и обожено од Словото Божјо. Нејзина цел е да го обедини човекот во себеси и да го освети. Навистина, Црквата се дели на помали географски целини, кои се совпаѓаат со политичките граници, кои овој свет ги исцртува, но, тоа е така само за да биде нејзиното раководење полесно.

И нашата осумдесетгодишна заложба за самостојна Црква никогаш немала и нема за цел да нè оддели од Телото Христово, туку да ни дозволи и ние, како некогаш, подобно на другите православни народи, слободно да можеме да ја извршуваме својата мисија меѓу својот народ, овде, во Татковината и насекаде по светот, до каде што нè има.

Овој историски период кој сите ние го минуваме е празник за сите христијани во Македонија, без разлика на националното потекло, кои се внуци на оние што сонуваа да ја видат обновена својата Охридска Архиепископија, да ја видат автокефална, или се правнуци на сите оние кои некогаш живееле обединети под едниот омофор на Охридскиот Архиепископ. Тие наши предци сега од небесната Црква се радуваат заедно со нас, гледајќи ги нашата радост и нашето единство. И јас верувам дека деновиве конечно е радосен и Арсениј, последниот Охридски Архиепископ, како и Архиепископот Доситеј и Патријархот Герман и сите коишто искрено сакаа да ја видат возобновена Охридската Архиепископија!

А кога некој ја чита историјата на Охридската Црква, се соочува со една Црква која не поставува граници, со Црква која и денес не ја користи својата самостојност за да се изолира од другите, туку напротив, да стане уште поблиска и обединета со другите. Да биде тоа што се и другите: неоткинлив и суштински дел од Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.   

Возљубени,

Неодамна, во градот на двете реки – во Белград, под оној велелепен свод на Светосавскиот храм, воскликна радоста на народот Божји, и од Македонија и од Србија, та како гласно да се слушна воздишката на олеснување и на нашите предци и на сите нас. И таа радост на братското помирување, која произлезе од мајчинската иницијатива на Мајката Црква – Вселенската Патријаршија и на Неговата Сесветост, а од која произлезе и снисходливоста, полна со љубов и разбирање од сестринската Српска Патријаршија, се случи токму во најрадосниот период од годината – во  времето на благословената Педесетница. А, еве, и вториот литургиски празник на сослужение, кога Бог ни даде, „со една уста и едно срце“ да Го прославивме Неговото пречесно и великолепно име, повторно промислителски го славиме во значаен момент – на празникот на светите сесловенски просветители Кирил и Методиј.  Тие, по духот, ни припаѓаат на сите, зашто сите оние коишто се управуваат по Духот Божји, се синови Божји[6].

Па да Му благодариме на Бога, по нивните молитви, како и по молитвите на светите Климент и Наум Охридски и на светиот Сава Српски, што и во период на нагласени поделби и видливо неединство меѓу народите, а за жал и во Црквата, ни даде сили и разум да покажеме дека и во ова и вакво време возможни се и проштевања, и помирувања, и градење на единство, зашто, ако љубов имаме, љубов во Христа и кон Црквата, ќе најдеме љубов за сè!

Еве, и во навечерието на ова торжество на љубовта, ни пристигна уште една радост – блага вест од Цариград: примено е нашето благодарствено писмо, па на роденденот на Црквата, на Педесетница, ќе сослужуваме во храмот на Вселенската Патријаршија во Фанар.



Дај Боже да биде вечно делото на љубовта, како што, впрочем, се молеше Господ Христос: да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе, па така и тие да бидат едно во Нас[7].  Амин! Христос воскресе!

Stefan.tv2

Слово на Божествената Литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, на денот на Сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј, на 24.5.2022 г.

[2] Молитва од Литургијата на свети Василиј Велики.

[3] Песна 4, 7.

[4] Кол 1, 18.

[5] Сп. Ефес 5, 30.

[6] Рим 8, 14.

[7] Јн 17, 20-21.



 

СТЕФАН,

Архиепископ Охридски и Македонски

 Stefan.tv3

Друго:

http://www.mpc.org.mk/vest.asp?id=7630