Митрополит Струмички Наум:
Свети Климент Охридски (08.08.2022 15:49)


Вистина, вистина ви велам: „Јас сум вратата на овците. Сите, колку што дојдоа пред Мене, крадци се и разбојници; но овците не ги послушаа. Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; и ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде. Крадецот доаѓа само да украде, да убие и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот вечен и да имаат изобилие“ (Јован 10, 7–10).
Христовите зборови Јас сум вратата имаат две значења. Едното значење, онтолошкото или суштинското или битијното, е дека треба најпрво да се соединиме со Бог, односно да се крстиме и облечеме во Христос, да учествуваме во смртта и воскресението Христово, да го примиме дарот на Светиот Дух, да се причестиме со Телото и Крвта Христови, да станеме Тело Христово, да станеме нова твар.
А второто значење на зборот врата е дека во духовниот живот постои духовен закон и духовен ред, и дека сите треба да го освестиме степенот на духовен развој на кој се наоѓаме и да го восогласиме начинот на нашиот живот и подвиг согласно степенот на кој се наоѓаме. Само на тој начин можеме да влеземе низ вратата, правилно духовно да растеме и да Го сведочиме Христос, без разлика на кој од степените се наоѓаме.
Едното без другото поминување низ Вратата не е можно. Светиот Климент Охридски, заедно со сите Свети отци на Црквата, е затоа свет, наш учител и просветител, наш добар пастир, затоа што поминал низ вратата, Христос, и во двете значења на поимот.
Крадци и разбојници се расколниците и еретиците; тие му се туѓи на стадото, и тие доаѓаат единствено за да украдат и погубат верни души. А волци се демоните, кои исто така, доаѓаат само за да убијат и да погубат човечки души.

Наемник е оној што има обличје на пастир, но нема влезено низ вратата на своето срце, односно го нема Божјиот дар на внатрешното, царско и есхатолошко свештенство; и таквиот, вообичаено, не е подготвен да си ја положи душата своја за овците свои. Како што вели светиот Апостол Павле: Ви зборувам вистина во името на Христос, не лажам – тоа го сведочи мојата совест преку Светиот Дух, дека ми е многу жал и срцето ме боли постојано; оти повеќе би сакал јас да бидам одвоен од Христос за браќата свои, моите сродници, по плот... (види: Рим. 9, 1–5).
Се подразбира дека истото важи и за сите што дошле после Христос, како и за сите што не доаѓаат преку Него: Вистина, вистина ви велам: кој не влегува низ вратата во овчото трло, а прескокнува од другата страна, крадец е и разбојник; а кој влегува низ вратата, пастир е на овците (Јован 10, 1–2).

Но, што значи тоа дека некој ќе влезе и ќе излезе и дека пасиште ќе најде?
Тргнувајќи секогаш од персоналното начело на македонско-светогорската исихастичка школа (наспроти антиохиската историска и александриската алегориска школа), како основно при толкувањето на Евангелието, зборовите ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде го означуваат токму духовниот развој и восовршување на човекот, а пред сè, сочувувањето и остварувањето на нашата личност, нашата лична слобода и љубов.
Ќе влезе го означува воцрковувањето и ставањето на умот во процес на исцеление – под духовно раководство на духовен отец, т.е. првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите. И ќе излезе го означува дарот на аскетската умно-срдечна молитва и просветлувањето на умот, после кое веќе нема послушание кон духовен отец, т.е. вториот степен од духовниот развој – просветлување на умот, со дарот на умно-срдечната молитва. А, и пасиште ќе најде е обожението на личноста преку постојаното молитвено чистење на суштината на својот ум, сѐ до добивањето на дарот на непрестајната умно-срдечна молитва и гледањето на несоздадената Божествена светлина, т.е. третиот степен од духовниот развој.
Треба да се нагласи уште дека нашиот личен однос со Господ е вечен и дека е единствен и неповторлив, дури и за Самиот Него. Јас дојдов за да имаат живот вечен и да имаат изобилие. Тој личносен однос ни е даден како дар уште во Предвечниот Совет и е запечатен во нас како образ и подобие Божјо, така што, ако не поради чистотата на срцето, тогаш барем поради добрата намера интуитивно го препознаваме гласот на нашиот Пастир и одиме по него: И кога ќе ги изведе овците свои, оди пред нив, и овците одат по него, бидејќи му го познаваат гласот негов; а по туѓ човек не одат, туку бегаат од него, оти гласот на туѓиот не го познаваат (Јован 10, 4–5).
Јас сум добриот Пастир: и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене. Како Мене што Ме познава Отецот, така и Јас Го познавам Отецот; и душата Своја ја полагам за овците Свои. И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир (Јован 10, 14–16). Ова последново нема да го толкувам; нека остане Тајна.
На ова место чувствувам потреба да ја објаснам тајната на првата светлина, како дел од второто значење на зборот врата, т.е. да објаснам зошто оној што ја има добиено само првата светлина – светлината која произлегува од чистењето на енергијата на умот, не може да ја запали светлината во срцето на другиот; и зошто треба да продолжи со подвигот.
Затоа што првата светлина, како дар Божји, ни е дадена за согледување на сопствените гревови и страсти, да се видиме себеси, а не другите. Таа светлина ни е доволна и ни се дава во онаа мера во која ни е потребна на почетокот на нашиот православен духовен живот – на првиот степен од духовниот развој, на степенот од очистување на срцето од страстите. Значи, таа светлина ни е дадена нам, и силна е само кога е насочена кон нас, а својата сила ја губи кога ја пренасочуваме кон другиот.
Првата светлина е дар Божји, кој често го пренасочуваме и злоупотребуваме, односно наместо да ја насочиме да го осветлува патот пред нас, ние ја насочуваме кон патот на другите, и поради тоа се сопнуваме, паѓаме. Всушност, не можеме да ја злоупотребиме самата светлина, туку го злоупотребуваме само интелектуалното знаење што зад неа останува запамтено. Го злоупотребуваме во две насоки: за судење и осудување, како и за подучување на другите. Тоа е последица од нашата гордост. Ваквото постапување е почеток и крај на нашиот духовен развој.
Како ќе допреме или како ќе ја запалиме светлината во срцето на ближниот кога ни самите ја немаме во срцето? Првата светлина нема таква сила. Оваа светлина не допира до другиот, бидејќи не допрела до нашето срце и не извира од него. Ние ништо јасно не можеме да согледаме кај другите – да ги согледаме однатре, освен да им судиме и да ги осудуваме според нашите страсти.
Тајната на човековата личност е многу длабока и сокриена е во Бог, и не можеме да ја согледаме со првата светлина, дури и најдобронамерно да сакаме да ја употребиме во таа насока. Само таа светлина што произлегува од чистењето на суштината на умот (која се наоѓа во срцето) – на степенот од просветлување на умот, може да допре до срцето на ближниот и да го познае, да ја запали светлината во неговото срце, да го крепи и да му помага да чекори по патот на Вистината.
Тоа е патот на свети Климент Охридски, кој сака да го следи.
Благодарение на Бог и благодарение на Пресвета Богородица и Секогашдева Марија, Која во Свој дел ја добила Македонија како место за мисија, и благодарение на светиот апостол Павле, кој проповедал тука и на сите светии – низ вековите, па преку светите браќа Методиј и Кирил и нивните ученици, светите браќа Климент и Наум, благодарение на цврстите врски со монашките заедници од Света Гора – кои мора да ги негуваме, и благодарение на сите новомаченици, на територијата на нашата Татковина постои организиран и континуиран православен духовен живот од почетокот на христијанството па до денес.
Но, она што е најважно за нас и за нашиот посебен духовен, па и национален идентитет, а за што посебно му благодариме и на светиот цар Јустинијан, е фактот што овој духовен живот многу векови е раководен од еден домашен црковен центар. Најпрво тоа е Помесната Црква Јустинијана Прима (535 г.), а потоа и Охридската Архиепископија – до нејзиното укинување. Овој факт не треба да го превидува ниту нашата црковна, ниту нашата световна историја.
После неоправдан прекин од два века ова дело го продолжува возобновената Охридска Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква.
Непрекинатиот православен духовен живот, од своја страна, се одразил и врз севкупниот светоглед и карактер на македонскиот верен човек низ вековите. Влијанието на православната духовност во сите области на световната и на црковната култура, во текот на историјата, се пројавува како постојан израз на богопреобразениот личен творечки гениј изнедрен од овие простори. За ова најдобро ни говори културното и духовно наследство на нашата Помесна црква воглавно преку нејзиниот иконопис, нејзината поетско-богослужбена и дидактичка книжевност, нејзината архитектура, нејзиното светопреданиско црковно пеење, т.е. преку сите сочувани естетски форми, кои како длабоко вкоренети и постојано плодни, силно се пројавуваат и денес, во нашиот современ начин на изразување и бивствување – не само во Црквата, туку и надвор од неа.
И на крај, во Црквата нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски; зашто сите вие сте едно во Христос Исус (Гал. 3, 28). Затоа, Црквата не може да биде само српска или македонска, или пак само грчка, руска, бугарска, романска итн.; Црквата е само Христова.
Исто така, многу важно: Браќа, ве молам, во името на нашиот Господ Исус Христос, сите вие да зборувате едно и исто, и помеѓу вас да нема делење, туку да бидете соединети во еден дух и во една мисла. Оти... чув за вас, браќа мои, дека помеѓу вас имало карање. А ова ви го велам, затоа што еден од вас вели: „Јас сум Павлов”, друг: „А јас сум Аполосов”, трет: „Јас сум на Кифа”, а друг: „Јас, пак, Христов”. Па зар Христос да се раздели? Дали Павле беше распнат за вас? Или пак во името Павлово се крстивте? (1 Кор. 1, 10–13). Така, Црквата е Христова и не може да биде светопавлова или светопетрова, или светосавска или светоклиментова итн.
Кога Црквата користи такви некои имиња, ги користи од пастирски – што е многу важно, и поетско-реторички – што е помалку важно, а не од некакви етнофилетистички причини; но, тоа е снисходење за почетници, а сите ние треба побрзо да пораснеме, во Христос.
Не треба да мешаме етнофилетизам и Црква. Етнофилетизмот е осуден од Црквата како ерес. Црквата е Една, Света, Соборна и Апостолска – тоа го исповедаме во Симболот на верата, така веруваме и така живееме. Имињата на административно поделените Помесни цркви треба да ги изразуваат нивните јурисдикции и единството на Црквата. Ова истово го имам објаснувано многупати и гледам дека уште има потреба.


Оче свети Клименте, заедно со сите светии, моли Го Бог за нас!


Митрополит Струмички Наум

Извор: МПЦ-ОА