Fotij.beseda23

Запомнете што сме зборувале, што препорачуваме за сите овие големи празници  - Велигден, Божиќ, Успение на Пресвета Богородица: Поставете си нов почеток, причестете се и продолжете да живеете духовно како што треба. Не бара никој од нас да правиме некакви  огромни чуда, туку се бара од нас да се ставиме во ред. Дали ќе е тоа со пиење вода, пиење алкохол, јадење. Дали ќе е од поважното, од духовниот пост,  да не осудуваме, да не озборуваме, да ги истрпиме недостатоците кај другиот, да се молиме за сите. Зашто ако не се причестуваме на овие празници, т.е. ако не се причестуваме воопшто на Литургијата  ние имаме проблем. Доаѓаме како набљудувачи во Црквата. Ние не доаѓаме  да бидеме “набљудувачи” туку директни учесници, бидејќи сме крстени, на нас почива печатот на дарот на Светиот Дух,  благодатта е запечатена врз нас. Со самото тоа ние ги добиваме Светите дарови од Бога во изобилство, но ние тие дарови не ги развиваме, не ги покажуваме, не ги живееме.
Доаѓате во Црква и делувате  збунето. Да, треба да се причестите. Па требало да се пости.  Постот е пост, треба да се пости, треба да се молиме. Ние не постиме само за време на постите, ние постиме целиот наш живот. Да не правиме зло, да правиме добро – и тоа е пост.
             Светите прародители Адам и Ева биле одделени од дрвото на познанието на доброто и злото, не дека ќе познаеле што е добро а што е зло,туку требало да го послушаат зборот Божји.
А ние сега правиме ‘’баук’’ од некакви правила и прописи – јас постев, јас не постев, јас ова, јас она сл. Човекот секогаш има потреба да се исповеда но се чека да ја пројави својата слободна волја да дојде и  да се исповеда. Доаѓаш и кажуваш со што си погрешил пред лицето на Бога. Ние сме пред лицето на Бога во секој миг од животот. Мислите ако згрешите и ако се скриете некаде Тој не ве гледа?
Доаѓаш на Литургија и таму слушаш – “Со страв Божји ,вера и љубов пристапете”. Свештеникот не вели само тие што постеа да дојдат да се причестат. Нема такво нешто. Служебникот води извор од апостолско време. “Со страв Божји ,вера и љубов пристапете”...сите што сте тука, што сте останале после “Верувам…”
Символот на верата сте го кажале и вие имате обврска како учесници на Литургијата да се причестите. Ако имате некаков застој, некаква блокада, некаков проблем, одете кај својот духовник и разрешете го тоа. Некогаш е само и минута и пол разговор. Разрешете го проблемот и дојдете пак и причестете се. Зошто се служи Литургијата ако не се причестуваме, ако не сме причесници на Христовото Тело и Крв?
Тој кажал „Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него“.

Fotij.beseda23a


              Кој и да има некаков проблем, некаков застој, треба да го реши со духовникот. Кој и да е, не е толку важно. Духовникот не е важен. Вие сте важни и Господ е важен, вие да имате нормален однос кон Бог. Тој пак во секое време има супернормален и суперакцентиран однос кон вас (нас) и се што ќе побараме ни дава.
Се што имаме овде на земјата е дар од Бога, а најголемиот Негов дар е што Тој се дал себеси за нашето спасение. Преку Неговото тело и Неговата крв.
И сега кога доаѓате на Литургија, зошто доаѓате? Да запалите свеќичка? Па и утре запалете,  задутре запалете и кога не е празник запалете свеќичка.  Ама првенството на Литургијата е да се причестиме. Ќе слушнеме проповед, ќе слушнеме совет за некакви си наши неволји, ќе слушнеме како да се избориме со тоа, ќе слушнеме како да гледаме на работите. Ако не знаеме, ќе прашаме. Доволно е пет до десет минути  муабет за да може да се разбере поентата на нештата.
Литургијата не е сложена, наједноставна, напроста работа е – се молиме за сите и за се, Му благодариме на Бога за сè, за сите и за сè, за цел свет и се создадено, за се што имаме. Тоа е Литургијата.
Затоа, променете го вашето однесување во однос на причеста. Не е причестувањето само за старите, не е причестувањето само за тие што постеле, не е причестувањето само за децата, туку причестувањето е за сите православни христијани. За сите тие што го следат Христос, за сите што го исполнуваат неговиот збор. Разберете дека имате многу поголема цена, за вас Христос умре, воскресна, беше распанат, а вие му велите – чекај сега јас да ти кажам...да те поправам малку, јас не сум за до толку...
           Да, ние никогаш нема да бидеме достојни за тоа што Он ни го дал и тоа да го оправдаме, но сепак да се потрудиме барем една буква од Неговото име да оправдаме со нашиот живот. Ако се нарекувате христијани оправдајте се со тоа што се причестувате, редовно се молите, постите ( секој со своја можност и благослов ). Проблемот не секогаш е во однос на храната, проблемот е духовен, да не озборуваш, да не осудуваш, да не завидуваш, да  не лажеш, да не крадеш...Сите овие работи, кога ќе ги ставите на едно место ќе видите дека тоа е всушност нормален живот, нормално живеење, кое се бара од сите нас..и пред се трпение кон сите. Смирение пред сите дека колку повеќе правите зло кон другиот толку повеќе се убивате себеси. Тоа е веќе препрека за Светата причест. Не е препреката во тоа дека сте изеле кроасан или сте испиле кафе со млеко, но дека сте го изеле братот свој и сестрата своја, е тоа е вистинска препрека за пристапување кон Светата причест. Христос не може да содејствува во вашите гревови, но помага преку причестувањето да го преминете прагот од грешноста кон праведноста, совршенството и кон светоста.

Fotij.beseda23b
            Може да ги знаеме сите значења на празниците но тие значења се губат ако не се причестиме. Значењето на празникот останува незабележано ако човекот не се причести, не дојде во Црква на Литургија.
На Божиќ и на Велигден да дојдеш за да запалиш свеќа, а да не влезеш во Црква, да се помолиш, да кажеш „фала“ на Господа за се што имаш е целосно промашување и не можеме да кажеме ни дека е христијанин тој човек, ама тоа не можеш да му го кажеш туку така... Но затоа се молиме за сите луѓе, и за оние што од оправдани причини не се овде со нас и за тие што од неоправдани причини не се на Божествената литургија. За сите нив се молиме, за сите да дојдат во Црквата, да се развеселат со сите нас заедно, да се развеселиме заедно во Христа.
Затоа се сите овие празници...


ХРИСТОС СЕ РОДИ!

Fotij.beseda23v


Отец Фотиј Беровски Игумен на Манастирот Успение на Пресвета Богородица – Берово


07.01.2023 Рождество Христово