Aleksandar.N.Prochka

НЕДЕЛА СИРОПУСНА / СВ. АП-ЛИ АКИЛА И ПРИСКИЛА 26/02/2023

„ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен“

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ !!! АМИН!

  Браќа и сестри во Христа!!!
           Ете, нашиот Господ Исус Христос, во последниот ден од подготвителните денови на „Чесниот пост“, не потсетува на една од најголемите и највозвишени поуки која некогаш ни ја дал на нам грешните негови чеда, а тоа е поуката или науката за простувањето. На простувањето Христос не повика уште додека умираше на Крстот, гледајќи ја нашата неразумност, помрачена душа, сожалувајќи не го помоли Својот Отец небесен да ни прости - Оче, прости им, зашто не знаат што прават! Со оваа поука тој го запечати своето евангелие. Зашто „ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето, и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите.“ Имено, без простување ниту царевите можат да царуваат, ниту властите да владеат, ниту судиите да судат, ниту мудреците да мудруваат, ниту учителите да учат, ниту богаташите и сиромасите да живеат живот човечки, ниту пак можеме Евангелието Негово да го разбереме, а уште помалку да го исполниме.
Со зборовите за покајание Господ ја започна својата наука, а со зборовите на простување ја заврши. Покајанието е семе, простувањето е плод. Никакво покајание нема вредност без простување. Да не постојат зборовите: прости ми! и: нека ти е простено!, човечкиот живот би бил сосема неподнослив. Нема таква мудрост на земјата која би можела да основа ред и утврди мир меѓу луѓето, без простувањето. Ниту има такво училиште и такво воспитување, кое би можело да ги направи луѓето великодушни и племенити без простувањето.
За да би можел човек да прости, он најпрво би требало да се погледне себе си, да ги согледа своите грешки и истите да ги измие од себе преку покајанието во Светата тајна Исповед. Зашто каде што нема покајание, вели Светиот Јован Златоуст нема спасение. А да се покае човек, значи човекот да се преуми, да го преобрази сиот свој живот. Односно својот ум целосно да го пренасочи од злото и смртта кон доброто и вечниот живот. За да успее во тоа неопходно му е покајанието. Од внатрешното пак преобразување произлегува новозаветниот евангелски живот, неговата радосна вест за спасение на човекот и вечниот живот. Затоа покајте се и верувајте во Евангелието.
Нашиот отец, Светиот Климент Охридскиот Архиепископ и Чудотворец, на сите нас кои сакаме да си ги спасиме душите за вечен живот не повикува: „да ги оставиме лошите дела, лукавите помисли, и се што сме згрешиле во текот на годината, или во блуд, или во лага, или во клевета, или во пијанство, или во кое било лошо дело, сите нив сега на ѓаволот да му ги префрлиме, да појдеме во светиот храм и со топли солзи да си спомнеме пред Бога за своите гревови, за кои ќе одговараме во страшниот ден, кога сите ќе застанеме пред Господа Бога. И затоа не треба да го презираме бедниот, да даваме милостина, зашто таа многу ни помага: вратите на Царството ги отвора, во светиот рај не воведува, прошка на гревовите дава. Зашто и Христос прими образ на сиромав, за да не збогати сега и нас со Својата сиромаштија, давајќи ни Самиот Он пример за светиот пост. Исто така ни даде пример и преку Мојсеј, преку Илија, а најпосле и преку многу праведници. Исто така и Самиот Он, откако постеше четириесет дена, иако немаше потреба од постење, преку постот ни даде нам победа над враговите, очистувајќи ги нашите души и тела. Затоа, браќа, слушајќи да постиме и ние, за да бидеме победници со тој свет пост. Зашто постот ја возведува душата на небото, ги отвора вратите на Царството си во светиот рај воведува. Заради тоа, да не бидеме лицемери, и да не враќаме зло за зло. Да Му се молиме на Бога со чисто срце, и гнев да не држиме против своите непријатели. И Светото Писмо вели: Ако некој оди во светиот храм да Му се моли на Бога, а има гнев, тогаш не само што молитвата нема да му биде примена, туку ќе го разгневи и Бога. За таквите и Самиот Господ рече: Овие луѓе ме почитуваат само со устите, а нивното срце е далеку од Мене. Затоа е добро за нас, браќа, да се потрудиме во овој свет пост. Да се погрижиме со своите души за своите гревови, а не да бидеме скржави кон сиромасите, и да не се гневиме против своите браќа. Ако држиме гнев, тогаш целиот наш труд и поклоните ќе ги загубиме, и нашиот пост нема ништо да ни вреди пред Бога...
Затоа ве молам, браќа, да бидеме ревносни во правдата и да правиме богоугодни дела, та и ние да примиме добро и да бидеме учесници во небесните блага, кои се именуваат Царство небесно, во Христа Исуса, нашиот Господ. Нему слава во вековите! Амин!"