Со дедо Наум низ Евангелието
Monika Nikolova

http://www.mpc.org.mk/pouka.asp...
Коментар на денешното евангелско четиво:

            “Некои делови од Евангелието, бидејќи се толку јасни, немаат потреба од толкување. На пример, што е нејасно во: „нема ништо сокриено, а да не се открие, ни тајно – што не ќе се узнае“? Или, што е нејасно во: „не бојте се од оние што го убиваат телото и потоа не можат ништо повеќе да направат; но... бојте се од Оној Кој по убивањето има власт да фрли во пеколот“? Или, што е нејасно во: „а вам, и косата на главата ви е изброена. Па така, не бојте се: од многу врапчиња вие сте поскапи“?
             Јасно е тоа сѐ, но ни треба прво малку вера, а потоа и опит произлезен од спроведување на дело на тоа во коешто веруваме, за да достигнеме до јасност на духовните нешта, која произлегува од повеќепати проверен опит. Она што со години гледам дека не е ни теоретски јасно е признавањето, односно сведочењето на Богочовекот Исус Христос пред луѓето, како и одрекувањето од Него пред нив.
                Вистински можеме да Го сведочиме Христос само ако го восогласиме начинот на нашиот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме (очистување, просветлување или обожение), како и со местото и улогата што ги имаме во Црквата и во општеството; сѐ друго на крај, и покрај „добрите“ намери, ќе испадне одрекување.

Ова е посебно восогласување. Има и општо восогласување. На пример: „христијаните“ кои сѐ уште не ја отфрлиле темнината на поистоветувањето со државата, народот и партијата, наместо пастирскиот пристап кон истите, треба да знаат дека се наоѓаат во религиозно растројство на личноста и дека се главни носители на растројството на државата и народот, и на партијата со кои се поистоветиле; иако тие за себе мислат дека се најголеми патриоти и верници. Едноставно е: оној на кого Богочовекот Исус Христос не му е на прво место, пред кој било и пред што било, ниту е Христов, ниту е христијанин, ниту е спроводник на благодатта на Светиот Дух во овој свет. Напротив, тоа е таа хула на Светиот Дух.
               А оној што ќе достигне восогласеност, и да го „одведат во синагогите и пред властите и началствата“, не треба да се грижи како ќе одговори или што ќе каже; зашто Светиот Дух ќе го научи во истиот час што треба да каже.“

 

 

Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Лука 12:2-12

2. Нема ништо сокриено, а да не се открие, ни тајно – што не ќе се узнае;
3. па затоа, што сте рекле во темнина, ќе се чуе на видело; и што сте рекле на уво во скривница, ќе биде разгласено од покривите.
4. А вам, на Моите пријатели, ви велам: не бојте се од оние, што го убиваат телото и потоа не можат ништо повеќе да направат;
5. но ќе ви кажам од кого да се боите: бојте се од Оној, Кој по убивањето има власт да фрли во пеколот; да, ви велам, од Него бојте се!
6. Зар не се продаваат пет врапчиња за два асарија? И ниедно од нив не е заборавено од Бога.
7. А вам, и косата на главата ви е изброена. Па така, не бојте се: од многу врапчиња вие сте поскапи.
8. И ви велам: секој што Ме признае Мене пред луѓето, и Синот Човечки ќе го признае пред Божјите ангели;
9. а кој се одрече од Мене пред луѓето, и тој ќе биде одречен пред Божјите ангели.
10. На секој, што ќе каже збор против Синот Човечки, ќе му биде простено; но на оној, кој похули на Светиот Дух, нема да му се прости.
11. А кога ве одведат во синагогите и пред властите и началствата, не грижете се како ќе одговорите, или што ќе кажете;
12. зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час, што треба да кажете.” (МПЦ-ОА)