TVIT919

            Ангелите ги славиме,се присетуваме на нив, ги повикуваме на помош, но тоа што човекот го добил како достоинство и неговиот удел кај Бога е многу поголем од оној на ангелите. Човекот и да греши, и да се откаже од Бога, и да се откаже од сè што е човечко, може заради покајанието што Господ му го дал како дар, да се врати во Неговата прегратка и да застане до Него.Сите сметаат дека како луѓе не можеме да ги достигнеме ангелите, но всушност човечкото достоинство е издигнато на Божјото достоинство.

Ангелите не можат да го достигнат со ниту едно дејствие од нивна страна затоа што нивното место е веќе утврдено. Човечкото место е до Бога а ангелите се само служители Божји. Втората работа е што ние луѓето со Бога градиме однос. Молитвите што ги кажуваме кон ангелите не се тие да не штитат и да не пазат, туку ние да влеземе, гледајќи го нивниот пример во единство со Бога, да бидеме едно со Него. Како што и правиме кога доаѓаме на Светата Литургија, да се причестиме и да бидеме едно со Него, така и во молитвите секогаш го бараме единството со Бога, а не да не заштитува од некакви демони или зли сили. Бидејќи како што вели Христос, секое наше влакно е изброено, и нема да падне ниту едно влакно од нашата глава ако тоа Бог не го дозволи.

            Затоа, да не се понижуваме со помислите дека ние сме пониско од ангелите, или дека ние нема да можеме да бидеме во единство со Бога итн., туку дека ние можеме преку молитвата и Литургијата да дојдеме во единство со Бога.Но, секогаш треба да имаме соодветни дела и волја тоа да го правиме, да бидеме Христови,како што и рекол Он на седумдесетината апостоли – Не радувајте што ви се покоруваат духовите, туку радувајте се што вашите имиња се запишани на Небесата.


Светите

Архангели Михаил и Гаврил со сите небесни сили да бидат со сите нас!
Амин!


Игумен Фотиј Беровски