Aleksandar.Nestor.Pretpraznenstvo

 

26-ТА НЕДЕЛА ПО ПЕДЕСТНИЦА 03/121203

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!!!

       Добрата од овој свет, сами по себе не се погубни за човекот. Бидејќи сите нив Бог ни ги дава за наша полза и потреба. Она што е погубно е нашиот однос кон тие добра, од начинот и причината на нивното стекнување, до начинот и целта на нивното користење. Ако на патот до стекнувањето на богатсвото не нарушиме ниту една Божја заповед и не повредиме ниту еден наш брат во Христа, и ако справедливо го користиме не само за задоволување на сопствените страсти, какви и да се, а напротив за добри дела, тогаш тоа е Благословено и е од, и по Бога. Додека пак, ако е во се спритвно на ова, тогаш повеќе од сигурно дека тоа е бесовско и погубно за нашите души. Бидејќи како што вели и самиот Христос: а каде е богатството ваше таму е и срцето ваше (Лука 12,34) Уште во Рајот човекот тежнеел да се постави себеси на местото од Бога, да постане бог, но не по благодатта на Спасителот, туку според наговорот на нечестивиот, и тој негов порив не престанува до ден денес. Едноставно, човекот продолжува да ја живее мислата дека иако е богат и моќен, секогаш може да стане уште побогат и помоќен. Добрата, за кои ни говори Христос во денешната парабола, не се однесуваат само на материјалните, опипливи добра, туку и на страстите од овој свет, како претепувањето од работа за пара повеќе, за да би можеле секој викенд да бидеме надвор од дома, кафето со пријателите да го испиеме во што е можно поесклузивно кафуле, да отидеме што е можно повеќе пати на море а и што подалеку тоа подобро, да купиме поголема и поубава кола, поубав мобилен, поскапа облека и тн., иако знаеме дека повеќето од тие работи само во еден момент не прават исполнети или како би рекле ние луѓето среќни, и штом помине тој момент, веднаш се раѓа нова страст и така до недоглед, или пак до смртниот час. Не сфаќаме дека колку повеќе неблагословено богатства натрупуваме, толку повеќе му робуваме на сопствено "јас". Сепак, колку и да мислиме дека тоа е смислата на животов, само се залажуваме и залудно се трудиме, бидејќи не знаеме кога Бог ќе ни рече: "Безумниче, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја" (Лука 12,20). Односно, никогаш нема да можеме да избегаме од рацете на живиот Бог. И токму тогаш, кога ќе помислиме дека сме завладеале со светот, токму тогаш над нас ќе се исполнат зборовите од Откровението: "Богат сум, и се збогатив, и ништо не ми треба, а не знаеш дека си беден и проколнат, сиромав, слеп и гол" (Откр. 3: 17). Затоа, најпрво мораме вистински да веруваме дека Бог не создаде и дека при Бога еден ден мора да се вратиме, треба брзо да се освестиме дека се во овој свет е минливо, распадливо и трулежно, треба да се свестиме дека сепак и како што животот ни е дар од Бога, така и сите наши успеси се дар од Него, а од нас зависи дали сите тие дарови ќе ги искористиме за вечен живот или пак за вечни маки.
Светиите се доказ дека Црквата не е од светот и светот не ја познава, но Таа го победува светот, однсно гревот, ѓаволот и смртта. Едни од нив се и Светиот Григориј Палама со своето семејство, чиј што спомен денес го празнуваме. А тој пак вака не поучува:
"Секогаш сеќавај се на Исус за секогаш да го пронаоѓаш соодветниот лек за своите слабости. Те боли ли нешто? Ако Го повикаш Исус, ќе најдеш утеха и просветлување. Тажен си? Повикај Го Исус и гледај, утехата ќе блесне во сферата на твоето срце. Те надвладеало обесхрабрување? Не заборавај своите надежи да ги положиш на Христа и твојата душа ќе се исполни со храброст и со сила. Те мачат плотски помисли и те привлекуваат кон чувствени наслади? Приграби го согорувачкиот оган на името Исусово и фрли го врз плевелот. Да не те мачи некоја световна работа? Речи: "Просветли ме, Исусе, како да се соочам со проблемот што е пред мене. Нека се разреши согласно со Твојата Света волја". И види,ќе бидеш мирен и ќе чекориш со надеж."
За поврзаноста и нераскинливата врска на духовиот и телесниот пост ни вели:
"Постот претставува корен на секоја добродетел и почеток на исполнувањето на Божјите заповеди... Постот и воздржанието им користат не само на добродетелите, туку и на побожноста; бидејќи постот мора да е проследен со воздржанието. Зошто? Затоа што, заситеноста од јадењата е пречка за очистителната жал и тага по Бога и смирението на срцето,коишто несклоноста за покајание ја преобратуваат во спасоносно покајание. Ограничувањата во храната и сонот, како и воздржувањето на сетилата, го смируваат срцето и го тераат да жали за гревовите. "
И за крај поука за родителите:
"Вашите деца ќе бидат секогаш доволно богати ако добијат добро воспитување од вас, кое ќе биде во можност да го опитоми нивниот карактер и да му даде правец на нивното однесување. И затоа грижете се Не да ги направите богати, туку да ги направите побожни, господари над своите страсти, богати во добродетелите. Придонесете да не го бараат она што им е непотребно, и земните богатства да ги ценат онолку колку што и вредат. Внимателно гледајте ги нивните постапки, нивното друштво, врски, и не очекувајте од Бога никаква милост доколку не ја исполнувате оваа должност. "
Ајде, благочестиви, ајде искрено да се покаеме и да се зацврстиме во нашата вера. Ајде, да ги очистиме нашите срца од лукавите, среброљубивите, егоистичките помисли, та обожени да поживееме богоугоден живот, правејќи добри дела. Ајде да се потрудиме тие добри дела да станат наш секојдневен подвиг и да ги имаме постојано во глава помислите: "Прави добрина, одбегнувај го злото и ќе се спасиш". По молитвите на Светиот Григориј со неговото свето семејство Господи помилуј не нас грешните. Амин!