29 август 2018 година
Свети свештеномаченик Атиноген и други
(9 Недела по Педесетница)
Евангелие: Мт. 14, 22-34; зачало 59
---
ЗА ВЕРАТА И НЕВЕРИЕТО
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Благочестиви христијани,
Светиот пророк Исаија напишал:
„Тешко им на оние, кои злото го нарекуваат добро и доброто — зло, темнината ја сметаат за светлина, и светлината — за темнина, горчливото за слатко, а слаткото — за горчливо! Тешко им на оние, кои се мудри во своите очи и разумни пред самите себеси!“ (Исаија 5, 20-21)
Многу добро ја разбрал светиот пророк трагедијата на гревопаднатиот човек кој, откако потпаднал под проклетството на Живиот Бог, го следи патоказот обележан од таткото на лагата — ѓаволот, и го гради својот живот врз слаби и разнишани основи. До овоплотувањето на Синот Божји, до доаѓањето на Ветениот, до Богочовекот, Господ Исус Христос, животот човечки се одвивал по конецот на верата и неверието, односно секое човечко движење направено без Бога, без верата во Бога, било неостварена замисла, било безживотна идеја.
Сите идеи, философии, морални учења, култури и цивилизации биле привидно големи сили сè до појавата на Богочовекот Исус Христос. Со Него човекот, од индивидуа, се претвора во богочовечка личност и човештвото во богочовечки организам. Личноста на човекот неслиено се соединува со богочовечката Личност на Синот Божји и човекот веќе не е делче во огромната мафиниерија наречена општество или колектив, туку, врз темелот на верата, жива клетка во богочовечкото Тело — Црквата.
Но, што е верата? Одговорот на ова прашање ни го дава светиот апостол Павле во своето Послание до Евреите:
„Верата е жива претстава за она, на кое се надеваме, и докажување на она, што не се гледа.“ (Евр. 11, 1)
Буквално, верата значи да напуштиш нешто, но и на нешто да му се подредиш или предадеш. Верата е комплетна доверба.
Меѓутоа, не станува збор воопшто дали човекот верува или не, туку дека треба да обрне внимание во што верува. Познато е дека човек без вера не постои, односно дека човекот е битие што неизоставно верува во нешто — било тоа вистинито, било лажно.
Истинската вера е вера во Живиот Бог, Кој ни се откри во Личноста на Господ Исус Христос. Неверие е кога човекот својата доверба ја полага во нешто друго освен во Него. Таквото неверие не е ништо друго туку обожување на лажни идоли, било тоа пари, слава, власт или нешто друго.
Верувањето во Бога не е само интелектуално прифаќање дека Бог постои, туку живо предавање на својот живот во Неговите раце, доверба дека Тој знае и го води нашиот пат, дури и кога не го разбираме.
Неверникот постојано бара знаци и докази, а верникот живее со сознание и чувство дека Господ е со него во секој миг. Затоа, верата е темел на христијанскиот живот, а неверието е темел на духовната смрт.
Да се молиме на Господ да ни ја зацврсти верата, да не се поколебаме во искушенија, туку со надеж и љубов да го следиме Христа, Кој е Патот, Вистината и Животот.
Амин.
Preminportal (k.t.)
2025