Zarko.Gorg.nedel

25. јануари 2026 година
Недела по Богојавление

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Благочестиви христијани,


Во деновите што изминаа ги прославивме големите празници: Крштението на Господ наш Исус Христос - Богојавление и си спомнавме за животот и делото на свети Јован Крстителот и Претеча. Не случајно овие празнувања се сместени едно до друго - тие меѓусебно се поврзуваат, испреплетуваат и надополнуваат.
Празникот Богојавление се однесува на настанот на Христовото крштевање во реката Јордан од страна на свети Јован Крстител, кој се нарекува и Претеча - Претходник. Овој настан се случил кога Исус Христос бил на триесетгодишна возраст, а пред започнувањето на Неговата јавна проповед во народот и конечно Неговите страдања, крсната смрт и славното Воскресение. Токму оваа возраст во израилскиот народ тогаш била сметана за врв на телесна и интелектуална подобност за поучување и проповед.
Немаме многу податоци за животот на Исуса Христа од неговата рана младост до почетокот на Неговата проповед. Од евангелските текстови дознаваме за бегањето на светото семејстов во Египет и враќањето од таму, како и за доаѓањето Христово во ерусалимскиот храмот на дванаесетгодишна возраст. Евангелијата не се биографски текст за личноста и делото на Исуса Христа, но се поучни книги и затоа немало потреба од опишување на историските факти на Христовиот живот, ниту на описи на Неговата детска возраст. Неговото доаѓање во храмот било вметнато во Евангелието затоа што тоа било најрано објавување дека
Он е Син Божји. Одсуството на настаните од Неговата младост не значи дека Христос бил надвор од Јудеја; токму спротивно, во Евангелијата постојат неколку сведоштва кои покажуваат дека кога Христос ја започнал Својата проповед бил познат кај Своите сограѓани, а тоа што било за чудење била Неговата мудрост. Христос се развивал нормално, како и секое човечко битие и не примал премудрост со телесниот развој, туку веќе постоечката во Себе премудрост ја пројавувал и им ја покажувал на луѓето.
Самиот збор „Богојавление“ произлегува од апостолскиот цитат кој вели: „Бог се јави во тело, посведочен беше од Духот, се покажа на ангелите, беше проповедан од народите, светот Му поверува и се вознесе во слава“ (1. Тим. 3, 16), и има повеќе врска со раѓањето Христово. А, зборот „епифанија“ - односно јавување произлегува од апостолскиот цитат кој вели: „се јави Божјата благодат, спасителна за сите луѓе...“ (Тит 2, 11) и се однесува повеќе на крштевањето Христово, затоа што тогаш луѓето ја познале благодатта на Божеството. Во секој случај, факт е дека на денот на Христовото крштение, со јавувањето на Света Троица и со исповедањето на чесниот Претеча, го имаме официјалното исповедање дека Синот Божји е „Еден од Троица“, Кој се вочовечил за спасението на човечкиот род од гревот, смртта и ѓаволот.
Зборот „крштение“ значи потопување - потопувам, и според тоа крштението се поврзува со вода. Светите оци прават разлика помеѓу јудејското и христијанското крштевање. Јудејското не очистувало од гревови, туку ја очистувало само нечистотијата на телото. Црковното, пак (христијанското) крштевање, е неспоредливо повозвишено, зашто го ослободува човекот од гревовите, ја очистува душата и Го дава Светиот Дух. Помеѓу овие две крштевања е крштевањето на свети Јован Претеча и како такво е мост помеѓу јудејското и христијанското. Јовановото крштевање било повозвишено од јудејското, но помало од нашето, христијанското.
Бог, преку Својот претходник, свети Јован Претеча ни пружил неизмерно благо - покајание за гревовите. При средбата на Богочовекот Христос и Јован Крстителот се отворени портите на покајанието, а духовниот суд веќе не е страшен, но праведен за сите кои со покајанието ќе ја очистат својата душа.
Пред неколку дена си спомнавме за голем праведник. Ете, тој, плодот на бездетноста го објавил доаѓањето Христово, најпрво како Спасител, а потоа и како Сеправеден Судија. Свети Јован Претеча и Крстител станал прв пример за пустиножителство и прва поткрепа за мачеништво - прв пример за исповедништво во овој новозаветен свет. Храбар како лав, како херувим во тело - таков е првиот исповедник Христов, а по него и роеви славни исповедници Господови. Свети Јован Крстител е првоначалник на пустиножителите, мачениците и исповедниците Христови кои пред целиот свет исповедале дека Господ Исус Христос е единствениот вистински Бог за сите светови и во сите векови.
Чесниот Претеча, Крстителот Јован е личност која одиграла главна улога при крштевањето Христово. Се работи за една голема појава, за еден голем пророк, којшто се наоѓа на границата помеѓу Стариот и Новиот Завет. Тој е последниот од пророците на Стариот и првиот од пророците на Новиот Завет. Проповедта за покајанието била подготовка на народот за дочекувањето на Месијата. Неговото смирение е навистина величествено; неговата проповед е безвремена - валидна и тогаш и денес, актуелна за секое време и за секое општество. Тој повикува на покајание - не повикува некого, туку секого; подготвува за Спасителот и спасителната наука и го рамни патот по кој Пастирот оди кон чедата Свои. Светиот Крстител Јован зборува за моралот и моралните вредности и некогаш и сега - укорува за подмитливоста на цариниците, за развратот на управителите, за блудот на царот... Се појавува и блеснува како совест на избраниот народ, најпрво богоизбраниот, а потоа и новокрстениот. Сето ова го зборува човек од пустината, по ништо посебен, освен по својата праведност и чесност; ова го проповеда човек кој што во еден момент ја премостува историја од стариот и новиот век - кој што
станува мост помеѓу старозаветното одмаздничко „око за око“ и новозаветното братољубиво „вртење на другиот образ“.
„Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!“ - со овие зборови ја започнал својата проповед Богочовекот Христос. Овие зборови можеме да ги кажеме секогаш и во секое време; нема да погрешиме било која проповед да ја започнеме со овој свет повик. Покајанието било лек и тогаш и низ времето и во денешен ден. Без покајание и лично и народно не сме способни да го прифатиме Спасителот - премногу земни мудрувања го окупираат човечкото срце денес, што само покајанието е лек и можност земните грижи да се тргнат на страна и да му допуштиме на Бога да се всели во целото наше битие.
Амин.