Дедо Наум - ПАТОТ НА МНОГУ ХРИСТИЈАНИ, ТУКА НЕГДЕ И ЗАВРШУВА...
...
(Видови пројави на благодатта Божја)

TviTER1014.dedo.Naum


        Читајќи ги Светото Евангелие и Светите отци и учители на Црквата, забележуваме дека тие ни говорат за пројавување на едната благодат Божја во повеќе видови – согласно потребите за нашето спасение.
Така, тие ни говорат за почетничка благодат, за редовна благодат, за вонредна благодат, за лично усвоена благодат, но и за криење на благодатта.
Истите нѐ поучуваат дека, на секој од степените на духовниот развој, благодатта се јавува како очистувачка, просветлувачка и обожувачка благодат.
         Но, исто така, на секој од степените на духовниот развој, Божјата благодат, ги повторува своите пројави; значи, истата може да се појави како почетничка, редовна, вонредна, скриена и лично усвоена за степенот од очистување на срцето од страстите.
Истото се случува и при просветлувањето на умот, како и при обожението на личноста; со тоа што интензитетот на овие пројави е различен за секој степен посебно.
Битно е да се знае дека благодатта се крие од нас поради две причини:
прво, за духовно да растеме
и второ, ако нешто згрешиме – ако самите се одречеме од неа.
          Духовното растење се случува само при прикривање на благодатта и тоа, ако функционираме како деца Божји – во ниеден друг случај.
Со редовната благодат – редовно функционираме, а вонредната благодат ги покрива нашите недостатоци во вонредни ситуации – таа најчесто и повеќе видливо ја добиваат свештените лица за редовно да функционира самата Црква, но и сите останати.
          Ако свештеникот не внимава, дејството на вонредната благодат може да го погордее.Почетничката, т.е. првата, благодат нѐ привлекува кон Црквата, но кратко трае.
Кога таа благодат доаѓа сите стануваме малку еуфорични и занесени, дури се чудиме како другите луѓе не веруваат во Господ; и тогаш често правиме грешки со кои повеќе ги одбиваме луѓето од верата, отколку што ги привлекуваме.
        Не дека самата благодат е таква, туку ние, бидејќи острастени и неподготвени, не знаеме што да правиме со неа.
Оваа благодат најмногу потсеќа на состојбата на народот што го виде Лазаревото враќање од мртвите и Христовото влегување во Ерусалим.
За од почетничка благодат да поминеме на првиот степен од духовниот развој потребно е да си најдеме духовен отец или духовник; да го ставиме умот во процес на исцеление преку послушание на духовниот отец; да ја насочиме енергијата на нашиот ум кон нашето срце, кое е извор на нашето внатрешно слово – на кое му ги наложуваме зборовите на Исусовата молитва; и треба редовно да се причестуваме.
      Ако не влеземе сериозно на првиот степен од духовниот развој, засекогаш ќе останеме во една падни-стани состојба од предворјето на духовниот живот;во еуфоријата на Лазаревото враќање од мртвите и Христовиот дочек во Ерусалим, но и во очајот на Неговото предавство и одрекувањето од Него – при најмали страдања.


Патот на многу христијани тука негде и завршува.


Господи прости и помилуј!

 

 

04.04.2026-Лазарово воскресение