КАКО ДА СИ ГО ЗАПАЗИМЕ СПОКОЈСТВОТО ПРИ ЖИВОТНИТЕ БУРИ
„И кога влезе во коработ, по Него влегоа и учениците Негови. И ете, настана голема бура во морето, така што брановите го покриваа коработ, а Он спиеше. Тогаш се приближија учениците до Него, Го разбудија и рекоа: Господи, спаси нé, загинуваме!
А Он им рече: Зошто сте толку плашливи, маловерни? Потоа стана, им заповеда на ветровите и на морето, и настана голема тишина. А луѓето се зачудија и рекоа: Кој е Овој, та и ветровите и морето Му се покоруваат?”

Деца, од денешното евангелие можеме да извлечеме поука како да се однесуваме при некакви световни непогоди – како следбеници Христови; затоа што, море и бура на море, се користат како алегорија за животното море и несреќите што на него ни се случуваат.
Понекогаш Господ допушта, дали поради нашите гревови или поради наше духовно созревање и во слава Божја, да ни се случат одредени несреќи. И додека светот, што го познаваме, се расклатува околу нас – готов да падне, на лично, на семејно или на пошироко ниво, истовремено ни изгледа, дека Господ „спие“ и Го нема никаде да ни помогне.
Кога бурата се случува поради нашите гревови – вообичаено, паничиме; а кога е поради наше духовно растење – вообичаено, не покажуваме. Но, и во двата случаи треба да се молиме. Во првиот, тоа го правиме малку панично и надворешно – со покажување: „Господи, спаси нѐ, загинуваме!“, а во вториот, внатрешно и мирно – без покажување, но со истите зборови. Во вториот случај, плус и не забораваме да Му се заблагодариме за тоа што ни се случува.
Секако, притоа, нема да седиме со скрстени раце, туку сѐ што е до нас, ќе преземеме – со цел да ја стишаме „бурата“ околу нас, посебно кога не се однесува само лично на нас, туку и на нашето семејство или пошироката заедница.
Како и да е, внатрешниот мир не треба, повеќе од нормалното – за нашиот духовен развој, да го губиме. Господ се грижи за нас и треба да имаме барем толку вера дека, Он точно знае, што во дадениот момент, ни е потребно за наше спасение. Сѐ прифаќаме како дар Негов; Му благодариме за тоа; за сѐ – себеси се сметаме виновни; не покажуваме никому – освен на духовниот отец, што ни се случува; и продолжуваме со молитвата во новонастанатите услови. Па, дури и ако таквите услови се готова смрт.
Боже, Ти благодарам за сѐ!
Митрополит Струмички Наум
10.06.2026