БЕСЕДА 43


За напредувањето на човекот христијанин, чијашто сила целосно зависи од срцето, што и се опишува овде во разни црти.


Crkva.zime.nok3.jpg1. Како што со оган се запалуваат многубројни светилки (ламби) и свеќи, и сите свеќи и светилки се запалуваат и светат со она што по својата природа е едно исто, така и христијаните се разгоруваат и светат со според природата едниот ист божествен оган на Синот Божји, па во своите срца имаат запалени свеќи и уште додека се на земјата светат пред Него, слично на Него самиот. Зашто речено е: „Затоа, Боже, Твојот Бог Те помаза со елеј на радоста” (Псал. 44, 8). Затоа е и наречен Тој Христос (Помазаник), па и ние, откако ќе се помажеме со истиот елеј со кој е помазан Тој, да станеме помазаници и да бидеме едно, така да кажеме, битие со Него и едно тело, како што е уште кажано: „Оној, што осветува, и оние, што се осветуваат, сите се од Еден” (Евр. 2, 11).
2. Значи, христијаните се делумно слични на светилки, кои во себе имаат елеј, т. е. плодови на правдата. А ако светилката во нив не е запалена со светилката на Божеството, тогаш тие не се ништо. Господ бил запалено светило, според Духот на Божеството, Кој суштински престојувал во Него и го разгорувал Неговото срце според човечката природа. Слично на дотраена вреќа полна со бисери, и христијаните, коишто се должни според надворешниот човек да бидат смирени и потценети, во себе, во внатрешниот човек, имаат скапоцен бисер. Другите, пак, се слични на варосани гробови: однадвор украсени и средени, а внатре полни со мртовечки коски, голема смрдеа и нечисти духови, мртви пред Бога и покриени со срамот, нечистотата и темнината на противникот.
3. Апостолот вели дека младенецот, додека е сè уште малечок, е под настојници и чувари (Гал. 4, 1) на лукавите духови. А овие духови не сакаат младенецот да порасне. Инаку, кога ќе стане зрел човек, ќе почне да навлегува во своите домашни работи и ќе го преземе управувањето. Христијанинот, пак, е должен секогаш да се сеќава на Бога, зашто напишано е: „Сакај Го Господа, твојот Бог, од сè срце” (5. Мој. 6, 5), т. е. сакај Го Господа не само кога влегуваш во молитвениот дом, туку и кога се наоѓаш на пат, и кога разговараш, и кога јадеш сеќавај се на Бога и имај љубов и приврзаност кон Него. Зашто Тој вели: „Каде што е твојот ум, таму е и твоето богатство” (Мат. 6, 21). Кон што е приврзано срцето на човекот и кон што го тера неговата желба, тоа е за него бог. Ако срцето секогаш Го посакува Бога, тогаш Бог е Господ (Господар) на неговото срце. Дури и оној кој се одрекол од светот, се откажал од стекнување имот, нема свое засолниште, пости, сè уште е приврзан кон самиот себе или кон световните работи, или кон домот, или кон родителската љубов. А кон што е приврзано неговото срце и од што е пленет неговиот ум, тоа е и негов бог. И се покажува дека тој излегол од светот преку широка врата, а влегува и попаѓа во светот преку тесна врата. Како што прачките, фрлени в оган, не можат да ñ се спротистават на силата на огнот, но во истиот час изгоруваат, така и демоните, кога сакаат да нападнат на човек кој се удостоил за даровите на Духот, ги истребува и изгорува божествената огнена сила, само човекот да биде постојано прилепен кон Господа и од Него да очекува и на Него да се надева. Па и ако се демоните силни како цврсти планини, сепак ги изгорува молитвата, како огнот восокот. Меѓутоа, на душата ñ претстои голема борба и битка со нив. Таму има змијски реки и лавовски челусти и оган кој ја гори душата. Како што оној, кој се усовршил во злото, опиен од духот на прелеста, убива ли, прави ли прељуба, не знае за наситка во лошите дела, така христијаните, крстени со Духот Свет, не се опитни во злото. Но оние коишто имаат благодат, а и сè уште се приврзани кон гревот, остануваат во страв и одат по страшен пат.
 

Издавач: ЃаконијА

Превод: о. Игор Калпаковски

Друго:

  • sv.Makarij.Veliki.jpg

Beseda36.jpgСв. Макариј Велики - БЕСЕДА 36