Beseda47.jpg


БЕСЕДА 47

Алегорично толкување на тоа што се случувало во времето на законот.

1. Славата што ја имал Мојсеј на лицето била слика (образ) на вистинската слава. Како што таму јудејците не можеле да го гледаат Мојсеевото лице, така и сега, кога христијаните ќе ја примат во душата онаа слава на светлината, тогаш темнината, не можејќи да го издржи сјајот на оваа светлина, ослепена, се дава во бегство. Јудејците давале на знаење дека се Божји народ преку обрезанието. Овде, пак, „народот” Божји „избран” (Тит 2, 14) го прима во своето срце белегот на обрезанието: затоа што небесниот меч го отсекува она што е излишно во умот, т. е. нечистото делче на гревот. Првите имаат крштение (потопување, миење) што ја осветува плотта; ние, пак, имаме крштение со Дух Свет и оган. Зашто вака проповедал Јован: „Он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган” (Мат. 3, 11).
2. Таму имало скинија надворешна и скинија внатрешна: „Во првиот дел од скинијата секогаш влегуваа свештениците и извршуваа служба Божја; а во вториот дел влегуваше по еднаш во годината првосвештеникот и тоа не без крв... Преку ова Светиот Дух покажуваше дека уште не е отворен патот за Светилиштето” (Евр. 9, 6-8). А овде удостоените влегуваат во неракотворената скинија, „каде што Исус за нас влезе најнапред” (Евр. 6, 20). Во Законот било пропишано жрецот да земе два гулаба: едниот да го заколе, а другиот да го попрска со крвта од другиот и да го пушти да лета на слобода. Оваа постапка била слика и сенка на вистината. Зашто Христос беше заклан и Неговата крв, со којашто бевме попрскани, нè окрили, затоа што ни ги даде крилата на Светиот Дух непречено да лебдиме во воздухот на Божеството.
3. На јудејците им бил даден закон напишан на камени плочи; а нам ни се дадени духовни закони, напишани на плотните (телесните) плочи на срцето. Зашто кажано е: „Ќе го вложам Мојот закон во утробата нивна и ќе го напишам во срцата нивни” (Јерем. 31, 33). И сето тоа требало да се укине и било привремено. Сега, пак, реално сè се случува во внатрешниот човек, затоа што заветот е внатре и, со еден збор: „сето тоа стануваше” и беше слика, „а беше напишано за поука на нас” (1. Кор. 10, 11). Бог му ја претскажа иднината на Авраам: „Знај дека потомците твои ќе бидат придојдени во туѓа земја, ќе робуваат и ќе ги мачат четиристотини години” (1. Мој. 15, 13). И ова исто така било слика на сенката. Народот бил преселен, поробен од Египќаните и принудуван да прави тули од кал. Фараонот над Израилците поставил надзорници и контролори за да ги принуди да работат. А кога синовите Израилеви во својата мака заофкале пред Бога, Тој ги посетил преку Мојсеја, ги поразил Египќаните со многу казни, во месецот на цветовите, кога, по поминувањето на суровоста на зимата, само што се појавува пријатната пролет, и ги изведува од Египет.
4. Бог му заповедил на Мојсеј да земе јагне без недостаток, да го заколе и со неговата крв да ги намачка довратниците и праговите, па погубителот на египетските првенци да не се допира до нив. Испратениот ангел од далеку ќе го видел знакот направен со крв, па заминувал, а влегувал само во домовите каде што немало знак и го убивал секој првенец. Освен тоа, заповедил од секој дом да се отстрани квасот, а закланото јагне да се изеде со пресен леб и со горчливо зелје. А Израилците требале да го јадат јагнето препојасани, со облечени обувки на нозете и со стаповите за патување во рацете. Така, било заповедено највнимателно да се јаде пасхата Господова до утрината и да не се скрши ниту една коска од Јагнето.
5. Ги извел, пак, со многу сребро и злато, бидејќи заповедил секој од својот сосед Египќанец да ги земе златните и сребрените садови. И тие излегле од Египет кога Египќаните ги погребувале своите првенци. Едните се радувале поради ослободувањето од тешкото ропство, а другите плачеле и тажеле поради смртта на децата. Затоа Мојсеј вели: Ете ја ноќта во којашто Бог вети дека ќе нè ослободи. А пак сето ова е тајната на душата, ослободена со Христовото доаѓање. Зашто зборот Израил го означува умот што Го гледа Бога, и тој се ослободува од ропството на темнината, од египетските духови.
6. Со оглед на тоа што човекот со непослушноста умрел со страшна духовна смрт и добил клетва на клетва: „трње и троскот ќе ти раѓа” земјата (1. Мој. 3, 18); и уште: обработувај ја земјата и таа нема да ти ги даде своите плодови ‡ на земјата на неговото срце никнале и израснале трње и троскот. Непријателите на измама му ја грабнале славата и го облекле во срам. Грабната му е неговата светлина и тој е облечен во темнина. Ја убиле неговата душа, ги расејале и разделиле неговите мисли, го симнале умот од неговата височина и човекот ‡ Израилот, станал роб на вистинскиот фараон, кој поставил над човекот надзорници и контролори ‡ лукавите духови, кои го принудуваат човекот, сакал тој или не, да ги врши неговите лукави дела, да прави тули од кал. Оние што го оттргнале човекот од небесниот образ на мислите, го турнале долу да се занимава со лукави материјални, земни и калливи дела, со суетни зборови, мисли и размислувања. Затоа што душата, откако паднала од својата височина, наишла на човекомразно царство и жестоки господари, коишто ја принудуваат да им гради гревовни градови на порокот.
7. А ако душата воздивне и повика кон Бога, тогаш Тој ќе í го испрати духовниот Мојсеј, којшто ја ослободува од египетското ропство. Но претходно потребно е да вика и да офка, и тогаш ќе го забележи почетокот на ослободувањето. И таа бива ослободена во месецот на новите цветови, во пролет, кога душевната нива може да потера прекрасни цветни растенија на правдата, откако ја поминала жестоката зима на мрачното незнаење и големата слепост, којашто е последица од срамните дела и гревови. Тогаш Бог заповеда од секој дом да се изнесе секој стар квасец, да се отфрлат, колку што е можно, делата и мудрувањата на стариот расипан човек, лукавите помисли и нечистите умувања.
8. Треба да се заколе и да се принесе како жртва јагнето и со неговата крв да се намачкаат вратите, затоа што Христос, вистинското, благо јагне без мана, е заклано и со Неговата крв се намачкани праговите на срцето, со цел Христовата крв, пролеана на крстот, на душата да í биде за живот и ослободување, а на Египќаните, т. е. демоните, за плач и смрт. Затоа што навистина крвта на Јагнето без мана ним им предизвикува плач, а на душата радост и веселба. Потоа, по помазувањето, Бог заповеда до утрината да се изеде јагнето и пресните лебови со горчливите треви, да се стави појасот, да се обујат обувките и да се земе во рацете патничкиот стап. Зашто ако душата не биде претходно подготвена најдобро што може преку добрите дела, тогаш не í се дозволува да јаде од Јагнето. А ако јагнето е слатко и пресните лебови вкусни, тогаш зелјето е горчливо и тврдо, затоа што душата јаде од Јагнето и од добрите пресни лебови со голема мака и горчина, жалејќи поради гревот што живее во неа.
9. И заповедано е јагнето да се изеде до утрината, а вечерното време претставува средина меѓу светлината и темнината. Така и душата пред ова ослободување се наоѓа меѓу светлина и темнина, затоа што силата Божја, којашто е тогаш крај неа, не í допушта на темнината да влезе во душата и да ја проголта. И вака рекол Мојсеј: Ова е ноќта на Божјото ветување. Така и Христос, кога во синагогата му била дадена книгата, го нарекол ова, според напишаното, „благопријатна година Господова” и ден на ослободувањето (Лука 4, 18). Таму ноќ на одмазда, овде ден на ослободување. И со право, затоа што таму сè било слика и сенка на вистината и таинствено, преку праслики, го навестувало вистинското спасение на душата, којашто била затворена в затвор, окована и скриена во најдлабоката дупка, затворена со бронзени врати, и не можела да се ослободи без избавувањето преку Христа.
10. Значи, ја изведува душата од Египет и од египетското робување, во времето на исходот испотепувајќи ги првенците египетски; затоа што еден дел од силата на вистинскиот фараон се губи. Египќаните плачат и офкаат, нажалени од спасението на плениците. Бог заповеда од Египќаните да се земат златните и сребрените садови и потоа да се замине од Египет; затоа што душата, исходејќи од темнината, ги зема со себе сребрените и златните садови, т. е. своите сопствени добри помисли, седумпати претопени, и Бог дозволува истите да бидат употребени за служење Нему, и почива врз нив. А демоните, претходно соседи на душата, ги расејувале нејзините помисли, владееле со нив, ги растурале. Блажена е душата којашто се ослободила од темнината и тешко на душата, којашто не воздивнува и не повикува кон Моќниот да ја избави од оние сурови и жестоки надзорници!
11. Израилевите синови, откако ја извршиле пасхата, тргнуваат на пат. Напредува душата којашто го примила животот на Духот Свет, којашто јала од Јагнето, се помазала со Неговата крв и се храни со вистинскиот леб ‡ живото Слово. Бранејќи ги, пред Израилците одат огнениот и облачниот столб: Духот Свети ги крепи христијаните, поддржувајќи ја и раководејќи ја душата во чувството. Фараонот и Египќаните, кога дознале за бегството на народот, за тоа дека се лишиле од робувањето на Израилците, и покрај избивањето на првенците, се осмелиле да тргнат по нив. Фараонот веднаш ја впрегнува својата борна кола и со сиот народ ита да ги истреби. И кога веќе бил готов да се втурне меѓу нив, меѓу него и Израилците застанал облак, задржувајќи ги и помрачувајќи ги едните, а осветлувајќи ги и бранејќи ги другите. А за да не го продолжувам многу словото, прераскажувајќи ја историјата, самиот ти најди како сево ова може да се примени кон духовното.
12. Штом душата ќе избега од Египќаните, доаѓа силата Божја и помага, покажувајќи ñ го патот кон вистината. Духовниот фараон, царот на гревовната темнина, дознава дека душата отстапува од него, бега од неговото царство, ги отфрла помислите преку кои тој одамна ја владеел ‡ тоа е неговото наследство ‡ но жестокиот претпоставува и се надева дека душата повторно ќе му се врати. Заклучувајќи од избивањето на првенците и отфрлањето на помислите дека душата сосема ќе избега од неговата власт, тргнува на неа со голема безочност, исплашен дека, ако му избега душата, тогаш воопшто не ќе се најде ниту еден исполнител на неговата волја и неговото дело. Затоа тој ја гони душата со маки, искушенија и невидливи борби. Некаде се искушува, некаде се испитува, а некаде се пројавува љубовта на душата кон Оној што ја изведе од Египет, зашто таа бива предадена на испитувања и искушенија од секаков вид.
13. Душата забележува дека непријателската сила е подготвена да ја нападне и да ја убие, но нема сила за тоа, затоа што меѓу неа и египетските духови стои Господ. Исто така, го гледа пред себе и морето јадови, маки и очајанија, ама нема сили ниту да се врати назад, гледајќи ги подготвените непријатели, ниту да тргне напред, затоа што стравувањето од смртта и страшните и разновидни маки што ја опкружуваат ја натеруваат да ја види пред себе смртта. Затоа душата нема надеж за себе, осудена на смрт, поради ројот лукави духови кои ја опкружуваат. И кога ќе види Бог дека душата паѓа од стравувањето од смртта и непријателот е подготвен да ја прождере, тогаш ñ дава малечка помош, снисходејќи кон душата и испитувајќи ја дали е цврста во верата, има ли љубов кон Него. Зашто Бог определил таков да биде патот што води во живот ‡ со мака, со тегоба, со многу испитувања, со најгорчливи искушенија. И ако уште овде го заврши душата овој пат, во голема мака, имајќи ја пред очите смртта, тогаш таа, со помош на силната рака и високата мишка, осветлена од Светиот Дух, ја разбива силата на темнината, поминува страшни места, го преминува морето на темнината и сеапсорбирачкиот оган.
14. Такви душевни тајни реално се случуваат во човекот што се труди да влезе во ветениот живот, ослободен од царството на смртта примил залог од Бога и заедничи со Духот Свет. Потоа душата, спасена од своите непријатели, којашто со помош на Божјата сила го поминала горчливото море и гледа како пред нејзини очи погинуваат непријателите на кои порано им служела, се радува со неискажлива радост и прославена, бива утешена од Бога и отпочинува во Господа. Тогаш Духот, Когошто таа Го примила во себе, Му пее нова песна на Бога со тимпанот, т. е. телото,  и со гуслите, т. е. душата, на нејзините словесни струни ‡ најистенчените помисли, со гудалото на Божјата благодат, и Му вознесува пофалби на Оживотворителот Христос. Зашто, исто како што здивот, кога поминува низ свиралото, испушта глас, и Духот Свет во чистото срце на светите и духоносни луѓе песнослови и Му се моли на Бога: Слава на Оној, што ја спаси душата од робувањето на фараонот, ја направи Свој престол, дом, храм и чиста невеста, и ја воведува во царството на вечниот живот уште додека таа се наоѓа во овој свет!
15. Во времето на Законот, како жртва биле принесувани неразумни животни. И ако не ги заколеле, тогаш приносите не биле благопријатни. И сега, ако не се заколе гревот, приносот не Му е пријатен на Бога и не е вистински. Дошол народот во Мара, каде што имало извор со горчлива вода, непогодна за пиење. Затоа Бог му заповеда на збунетиот Мојсеј да фрли дрво во горчливата вода. И штом тој ќе го фрли дрвото, водата ќе стане слатка, ќе ја загуби горкоста и ќе стане погодна за пиење за народот Божји. Така е горчлива и душата којашто го пие змијското вино, слична е на горката природа на змијата, и станала грешна. Затоа Бог го фрла дрвото на животот во најгорчливиот извор на срцето и душата станува слатка, ја загубува својата горчина и се соединува со Духот Христов, па станувајќи на тој начин корисна, се употребува за служење на својот Владика, затоа што станува плотоносен дух. Слава на Оној што ја променува нашата горчина во сладост и добрина на духот! Тешко на оној во кого не е фрлено дрвото на животот! Нему не може да му се случи никаква добра промена.
16. Мојсеевиот жезол се јавувал во два вида: на непријателите им се претставувал како змија што каса и убива, а на Израилците како палица на којашто се потпирале. Така и вистинското крсно дрво, т. е. Христос, за непријателите, духовите на злобата, е смрт, а за нашите души ‡ палица, цврста потпора и живот, во кој душата се смирува. Сите работи што биле порано, биле слики и сенки на овие вистински нешта. Зашто и старозаветното богослужение било слика и сенка на сегашното богослужение. И обрезанието, и скинијата, и ковчегот, и садот за маната, и маната, и свештенството, и темјанот, и миењето, воопшто сè што било кај Израилците и во законот Мојсеев, или кај пророците ‡ било заради оваа душа, создадена според образот Божји, врз којашто паднал товарот на ропството, којашто пропаднала во царството на горката темнина.
17. Токму со неа посакал Бог да влезе во општење, токму неа ја подготвил за Своја царска невеста, токму неа ја очистува од нечистотата и, измивајќи ја од црнилата и од нејзиниот срам, ја прави светла, ја оживотворува од мртвилото, ја лекува од пропаѓањето и, прекратувајќи го нејзиното непријателство, ја смирува. Иако твар, таа се подготвува да биде невеста на Синот на Царот. Бог ја прифаќа, постепено изменувајќи ја со Својата сопствена сила, сè додека таа не израсне до Неговата возраст, ја раширува и возвишува до безграничниот и безмерен раст, сè додека не стане невеста непорочна и достојна за Него. Отпрвин ја раѓа во Себе, и Самиот ја расте, додека таа не ја восприеми целата мера на љубовта кон Него, затоа што Самиот, како совршен Младоженец, и нејзе како совршена невеста ќе ја  прими во светата, таинствена и чиста заедница на бракот, и тогаш таа ќе се зацари заедно со Него во бесконечните векови. Амин.

Друго:

  • sv.Makarij.Veliki.jpg

Beseda36.jpg