Христос се роди!

Навистина, на земјата се родил Бог како човек!

Зошто? – „За да добиеме живот преку него“ (1 Јован 4:9). Зашто, без Богочовекот Господ Исус Христос човечкиот живот – во целосна смисла на зборот – е самоубиствена бесмислица, смрт, во вистинска смисла најочигледна и најужасна бесмислица на светот. Да се осмисли смртта – тоа значи да се осмисли животот во сите негови длабочини, височини, бесконечности. А тоа го прави само Човекољубивиот Господ, Кој по Својата неизмерна љубов станал човек и засекогаш останува Богочовек во човечкиот свет. Човечкиот живот само како Бого-живот, живот во Бога, ја добива својата вечна смисла. А надвор од Бога животот е – најглупавата бесмислица, преполна со навреда и горчина. Твојот живот, човеку, само во Бога ја добива својата единствено разумна, единствено логосна, единствено логична смисла. И твојата мисла, брате, твојата човечка мисла ја добива својата божествена и бесмртна смисла само во Бога, само како Бого-мисла. Мислата човечка само во Богочовекот Господ Исус Христос станува Бого-мисла. И твоите чувства, човеку, само во Бога ја наоѓаат својата божествена, бесмртна смисла. Без тоа твоите чувства – тоа е твојот најбезмилостив измачувач кој постојано те распнува на вечниот крст, после кој нема воскресение. А совеста? Од каде тој суров туѓинец во нас, луѓето? И совеста само како Бого-совест се соединува со својата божествена и вечна смисла. Без тоа, и совеста човечка е сурова и ужасна бесмислица. А смртта моја и твоја, и на сите луѓа воопшто, не ли е најсуровото измачување на човечкото суштество, во целата Вселена? Да, тоа навистина е така. Но и таа, само како смрт на Богочовекот, ја достигнува својата вечна смисла преку воскресението на Богочовекот Господ Исус Христос, зашто преку Него, само преку Него, се остварува победата над смрта и се осмислува смртта во човековиот свет. Така и се што е човечко, целиот човек со сите свои безбројни бесконечности, само како благодатен Богочовек во обожувачкото и сеоживувачкото Тело на Богочовекот Христос – Црквата – ја добива својата божествена, својата вечна, својата богочовечка повисока смисла.

Со Своето воплотување, вочовечување и очовечување, самиот Бог на очигледен начин влегол во самата утроба, во недрата на човековиот живот. Влегол во крвта, во срцето, во центарот на сето сушто. Истиснат со доброволниот човечки грев од светот, од телото, од душата човечка, Бог преку воплотувањето, преку вочовечувањето се враќа во светот, во телото, во душата. Сиот станува човек, и како тело, се залага за човекот, се вселува во светот и среде материјата, ја осветува, ја спасува, ја преобразува, ја обожува. Воплотувањето на Бога – тоа е најголемиот потрес и напромислениот настан, како на Земјата, така и на небото, зашто тука се случило чудо над чудата. Ако дотогаш создавањето на светот од ништо било најголемото чудо, воплотувањето на Бога во човекот, несомнено, го надминало со својата чудесност. Ако при создавањето на светот словата Божји се облекле во твар, при воплотувањето на нашиот Господ Исус Христос самиот Бог се облекол во тело, во твар, во плот. Затоа воплотувањето на Бог станало најголема придобивка во сета Вселена: за секоја личност, за секое битие, за секоја твар.   
И ти живеј преку Него, живеј како Богочовек и ќе се исцелиш од секоја смрт, од сите гревови, од сите страсти, од секоја ѓаволштина. Твојот живот нека стане Бого-живот. Во тоа е сета твоја небоземна тајна, о човеку, само треба да станеш член на Црквата, член на Богочовечкото Тело Христово. А како да се живее во Црквата Христова? Да се живее со светите таинства и со светите добродетели. Затоа пред Рождеството е – постот. Постот како прва добродетел, а со неа секогаш и молитвата. Овие две основни добродетели го водат човека кон Богочовекот и богомудро го учат како да живеат со Него и во Него. Што да правиш со телото што ти е дадено од Бога?  – Очисти го, ослободи го од секоја нечистотија, од секоја страст, од секое зло, од секој демон. А што значи тоа? – Тоа значи да го очистиш од секој грев, зашто во секој грев се крие ѓаволот, во секој грев ѓаволот работи против твојата слободна волја. Во големиот грев е – кнезот демонски, во малиот – демонче. И тебе, и мене, и на секој човек му се дадени средства да ги победи тие демони, сите страсти, сите гревови, секоја смрт во нас и во светот што нè опкружува. На прво место се молитвата и постот. Севистинската уста на Севистинскиот Господ Исус Христос ја изговориле и оваа живототворна вистина: „Овој род се истерува само со молитва и пост“ (Матеј 17:21) – род на сите видови гревови, сите видови страсти, сите видови демони.  
Рождеството е пред тебе, пред мене, пред сите нас, браќа и сестри: Бог се раѓа како човек, „за да добиеме живот преку Него“ да ги исполниме со Бог и душата и телото. А тоа најдобро се постигнува со пост и молитва. Тие очистуваат, ги очистуваат телото и душата, за да во нив радосно се всели чудесниот и преслаткиот Богомладенец Господ Исус и со Бог го исполни сето наше човечко битие, сите негови безбројни бесконечности. Зашто, затоа и се создадени, човеку, и твоето тело и твојата душа, за да се исполнат со Бог и да живеат со Бог во горниот Божји свет. Како наши од Бога дадени учители во тоа се смирената молитва и смирениот пост – тие свети и основни евангелски добродетели. Нека тие летаат со нас, пушти ги да нè предводат и на сите луѓе во сета Вселена постојано да им ја возвестуваат сеспасителната и серадосната благовест:


ХРИСТОС СЕ РОДИ!