Beseda49.jpg


БЕСЕДА 49

Ако човек не добие учество во блаженството на еден друг свет, нема доволна причина да се откаже од насладата на овој свет.

1. Ако некој ги оставил своите, се одрекол од овој свет, се откажал од световните наслади, од имотот, таткото, мајката, се распнал самиот себе, станал туѓинец, беден и безимотен заради Господа, и ако наместо световното спокојство не го пронајде во себе божествениот мир, наместо привремената наслада не ја сети во својата душа духовната наслада, наместо во пропадливи облеки не се облече во ризата на божествената светлина според внатрешниот човек, наместо ова претходно и плотско општење не го познае со несомненост во својата душа општењето со небесното, наместо видливата радост на овој свет не ја има внатре во себе радоста на духот и утехата на небесната благодат, и не ја прими во душата, според напишаното, божествената наситка, „кога ќе” му „се покаже славата” Господова (Псал. 16, 15), со еден збор, ако наместо оваа привремена наслада не ја стекне уште сега во својата душа посакуваната непропадлива наслада, тогаш тој станал сол што облуткавела, за жалење е повеќе од сите луѓе, и од овдешното е лишен и со божественото не се насладил, во својот внатрешен човек не ги запознал божествените тајни по дејството на Духот.
2. Човекот се отуѓува од светот со цел неговата душа со мислите, според апостолот, да се пресели во другиот свет и век. Зашто вели: „Нашето живеалиште е на небесата” (Филип. 3, 20), и уште: „иако во тело одиме, телесно не се бориме” (2. Кор. 10, 3). Според тоа, оној што се одрекол од овој свет треба цврсто да верува дека уште сега, во содејство со Духот, треба со мислите да премине во другиот век и таму да живее, да се весели и да се насладува со духовните блага и, според внатрешниот човек, да се роди од Духот, како што рекол Господ: оној кој верува во Мене, „преминал од смрт во живот” (Јован 5, 24). Зашто постои друга смрт, освен видливата, и друг живот, освен видливиот. Писмото вели дека: „онаа... што живее распуштено, таа уште при животот умрела” (1. Тим. 5, 6), и: „остави ги мртвите да ги закопуваат своите мртовци (Лука 9, 60), „не мрвтите ќе Те слават, Господи... туку ние живите ќе” Те „благословуваме” (Псал. 113, 25).
Како што кога сонцето ќе се издигне над земјата, сите негови зраци се на земјата, а кога се наоѓа на запад, тогаш, заминувајќи си во својот дом, си ги собира назад сите свои зраци, така душата којашто не е родена одозгора од Духот сета е на земјата со нејзините помисли и нејзините мисли се простираат до краиштата на земјата, но штом ќе се удостои да се здобие со небесно раѓање и општење од Духот, собирајќи ги во едно сите свои помисли и задржувајќи ги при себе, влегува кај Господа во неракотвореното живеалиште на небесата и сите нејзини мисли, влегувајќи во божествениот воздух, стануваат небесни, чисти и свети. Душата, ослободена од мрачниот затвор на лукавиот кнез ‡ духот на светот, пронаоѓа чисти и божествени мисли, бидејќи Бог благоволил да го направи човекот учесник во божествената природа.
4. Значи, ако се оддалечиш од сè што е земно и истрајно престојуваш во својата молитва, наскоро ќе забележиш дека овој труд е исполнет со мир и ќе сфатиш дека малечката мака и тешкотија се полни со голема радост и утеха. Дури и ако твоето тело и твојата душа во текот на целиот живот секој миг се исцрпуваат заради толкави богатства, какво значење би имало тоа? О, неискажливо Божјо мислосрдие! Бог дарум му се дава Себе си на оној што верува, за кратко време човекот станува наследник Божји, Бог се вселува во телото на човекот и Господ си има прекрасно живеалиште ‡ човекот! Како што небото и земјата Бог ги створил како живеалиште за човекот, така ги создал телото и душата на човекот како живелиште за Себе, за да се всели и отпочине во телото негово како во Свој дом, имајќи ја како прекрасна невеста возљубената душа, створена според Неговиот образ, „зашто ве обручив,” говори апостолот, „за маж, за да ве претставам пред Христа како чиста девица” (2. Кор. 11, 2), и уште: „негов дом, пак, сме ние” (Евр. 3, 6). Како што мажот во својот дом грижливо собира секакви блага, така и Господ во Својот дом ‡ душата и телото, го собира и внесува небесното богатство на духот. Ни мудрите со својата мудрост, ни разумните со својот разум не можеле да ја сфатат суптилноста на душата или да кажат што е душата, а само во содејство со Духот Свет се открива и се стекнува сознание и точно знаење за душата. Но притоа набљудувај, размислувај и разбирај како тоа бива и слушај: Тој е Бог, а таа ‡ не е Бог; Тој е Господ, а таа ‡ слугинка; Тој е Творец, а таа ‡ твар; Тој е Создател, а таа ‡ создание; во Неговата и нејзината природа нема ништо заедничко, но само поради бесконечната, неискажлива и несфатлива Негова љубов и според Неговото милосрдие Тој благоволил да се всели во ова создание, во оваа разумна твар, во ова за чест достојно избрано Негово дело, за да бидеме, вели Писмото, некаков почеток на Неговото создание, Негова мудрост и друштво, Негово сопствено живеалиште, Негова чиста невеста.
5. А кога ни се подготвени такви богатства, дадени такви ветувања и такво е благоволението на Господа кон нас, да не нè фаќа мрзеливост и да не отромавиме, деца, туку да поитаме кон вечниот живот и целосно да се посветиме на тоа да Му благоугодуваме на Господа. Да Го молиме Господа со Својата божествена сила да нè ослободи од мрачниот затвор на срамните страсти, да се одмазди за Својот сопствен образ и за Своето создание, да му ја врати светлината, оздравувајќи ја и очистувајќи ја душата. И на тој начин ќе се удостоиме за заедничарење со Духот, прославувајќи Го Отецот и Синот и Светиот дух во вековите. Амин.

 Издавач: ЃаконијА

Превод: о. Игор Калпаковски

Друго:

  • sv.Makarij.Veliki.jpg

Beseda36.jpg