50 Б Е С Е Д И
ЗА СОВРШЕНСТВОТО



 Beseda1.jpg 

БЕСЕДА 2

За царството на темнината, т. е. гревот, и за тоа дека само Бог може да нè оттргне од гревот и да нè избави од ропството на лукавиот кнез

1. Лукавиот кнез - царството на темнината, откако во почетокот го зароби човекот, ја обложи и облече неговата душа со власта на темнината, исто како што кога го облекуваат човекот за да го направат цар му ги даваат сите царски облеки, така што сè што носи на себе, од главата до петиците, да биде царско. Така лукавиот кнез ја облекол душата во грев, го облекол целото нејзино суштество и целата ја осквернил, целата ја заробил во своето царство, не оставил слободен од неговата власт ниту еден нејзин член, не ги оставил слободни ниту помислите, ниту умот, ниту телото, туку ја облекол во порфирата на темнината. Како што во телото не страда само еден негов дел, односно само еден негов член, туку целото подлегнува на страдањата, така и душата целата пострадала од раните на порокот и гревот. Лукавиот ја облекол целата душа, тој неопходен дел од човекот, тој неопходен негов член, во својата злоба, т. е. во гревот; и, на тој начин, телото станало страдално и распадливо.
2. Кога апостолот вели: соблечете го „стариот човек” (Кол. 3, 9), пред очите го има совршениот човек, кај кого на очите одговараат свои очи, на главата - своја глава, на ушите - свои уши, на рацете - свои раце и на нозете - свои нозе. Зашто лукавиот го осквернил и го привлекол кон себе целиот човек, душата и телото, и го облекол во стариот човек, осквернет, нечист, богоборен, непокорен на Божјиот закон, го облекол во самиот грев, за да не гледа веќе што е пожелно за него, а и за да гледа и слуша лукаво, и неговите нозе да итаат на злодејство, и рацете да прават беззаконие, и срцето да го замислува лукавото. Затоа, и ние да го молиме Бога од нас да го слече стариот човек; зашто само Бог може од нас да го одземе гревот. Оние што нè заробиле и нè држат под својата власт се посилни од нас; но Бог дал ветување - да нè ослободи од ова ропство. Кога сонцето свети и кога дува ветар, и кај сонцето има посебно тело и посебна природа, и кај ветрот посебна природа и посебно тело, и никој не може да го одвои ветрот од сонцето, освен ако Бог не го прекрати ветрот, па тој веќе да не дува. Исто така и гревот се помешал со душата. Но и гревот има своја сопствена природа, а и душата има своја сопствена посебна природа.
3. Затоа, невозможно е душата да се раздели од гревот ако Бог не го прекрати и не го запре овој лукав ветар, што престојува во душата и телото. И уште, како што некој ќе ја види птицата како лета, па сака и самиот да лета, но бидејќи нема крилја не може да лета, така и во човекот постои желба да биде чист, беспрекорен, неосквернет, да нема во себе порок, а секогаш да живее заедно со Бога, но сила за тоа во него нема. Тој сака да полета во божествениот воздух, во слободата на Светиот Дух; но не може, додека не добие крилја. Затоа, да Го молиме Бога да ни даде „крилја гулабови” на Светиот Дух за да полетаме кон Него и да си отпочинеме (Псал. 54, 6), да го одземе од нас, од душата и телото, и да го прекрати во нас лукавиот ветар - самиот грев, што живее во членовите на душата и телото. Зашто само Тој може да го направи ова. Речено е: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!” (Јован 1, 29) Единствено Тој им ја укажал на луѓето што веруваат во Него милоста да ги избавува од гревот. Тој го извршува ова неискажливо спасение за оние коишто секогаш очекуваат, се надеваат и непрестајно го бараат истото.
4. Како што, кога во некоја темна и длабока ноќ ќе задува жесток ветар, ќе ги раздвижи и растресе сите растенија и семиња, така и човекот кој потпаднал под власта на темната ноќ - ѓаволот, престојува во ноќта и темнината, па ветрот на гревот, кој страшно дува, го расклатува, растресува и движи, кај него е збркана целата природа, душата, неговите помисли и умот, растресени се сите телесни членови. Ниту еден член на душата и телото не е слободен и не може да не страда од гревот што живее во нас. Сличен е и денот на светлината и божествениот ветар на Светиот Дух, којшто вее и ја оживотворува душата што престојува во денот на божествената светлина и го проникнува целото суштество на душата, и помислите, и целата суштина, и сите телесни членови ги разладува и успокојува со божественото и неописливо спокојство. Ова, пак, го изразил апостолот: „Не сте (деца) на темнината, бидејќи сите вие сте синови на светлината, синови на денот” (1. Сол. 5, 4 и 5). И како што таму стариот човек, наоѓајќи се во соблазна, од себе си го соблекол совршениот човек и ја носи облеката на царството на темнината, облеката на хулата, неверието, немањето страв, суетата, гордоста, среброљубието, похотата, а слично на тоа и другите облеки на царството на темнината, нечистите и скверни груби алишта: така и тука, пак, оние што од себе го слекле стариот и земен човек, и од коишто Исус ги слекол облеките на царството на темнината, се облекле во новиот и небесниот човек - во Исуса Христа, и наместо очите имаат сега свои очи, и наместо ушите - свои уши, и наместо главата - своја глава, за целиот човек да биде чист и на себе да го носи небесниот образ.
5. И Господ ги облекол во облеките на царството на неописливата светлина, во облеките на верата, надежта, љубовта, радоста, мирот, милосрдието, благоста, а слично на тоа и во сите останати божествени, животворни облеки на светлината, животот, неописливото спокојство, па како што Бог е љубов, радост, мир, благост, милосрдие, така и новиот човек да стане таков по благодат. И како што царството на темнината и гревот се сокриени во душата до денот на воскресението, кога темнината, сега сокриена во душата, ќе го покрие и самото тело на грешниците: така и царството на светлината и небесниот образ - Исус Христос, сега таинствено ја озаруваат душата и царуваат во душите на светите, но остануваат сокриени од очите на луѓето, Христос е реално видлив само за душевните очи сè до денот на воскресението, кога и самото тело ќе се прекрие и ќе биде прославено со истата светлина Господова, којашто уште сега ја има во душата на човекот, па тогаш и телото да царува заедно со душата, којашто уште сега во себе го прима царството Христово и се успокојува и озарува од вечната светлина. Слава на Неговата штедрост и благоутробност! Ги милува Тој Своите слуги, и ги просветлува и ги избавува од царството на темнината, и им ја дарува Својата светлина и Своето царство. Нему слава и држава во вековите! Амин.

 Издавач: ЃаконијА

Превод: о. Игор Калпаковски

Друго:

  • sv.Makarij.Veliki.jpg

Beseda36.jpg