Проф. д-р АЦО ГИРЕВСКИ, протопрезвитер

 

Godishnina.Arhiepiskop.GAVRIL3

МАКЕДОНСКИОТ ПРЕВОД НА СВЕТОТО ЕВАНГЕЛИЕ1


        Основните податоци за преводот на светите Евангелија од богослужбен карактер ги црпиме од сочуваниот библиски материјал, односно од самиот превод, потоа од преписката на Милошев со Иницијативниот одбор за основање на Македонска православна црква како и од неговата преписка со Британското и инострано библиско друштво, од сведочењето на редакторите на преводот на библискиот текст на современ македонски јазик, од делата пишувани за животот и делото на архиепископот Гаврил
(Милошев) како и од други извори2.
        На преведувачот o. Ѓорги Милошев (подоцна архиепископ Гаврил) преводот на Новиот завет претставува почеток на неговата книжевна дејност. Уште како млад свештеник, а воедно и професор почувствувал потреба од внесување на разбирлив збор
како во редовите на интелектуалците, така и во Црквата. Со преводот започнал при крајот на 1942 година, а прифаќајќи ја идејата на светиот апостол Павле и неговите зборови во Првото посланието до Коринтјаните, глава 14, каде што тој зборува за дарот од разбирливиот збор. „А сега, ако дојдам при вас, браќа, и ви зборувам на разни јазици,каква полза ќе имате од мене. Така и вие, ако со јазикот свој не изговорите разбирливи зборови, како ќе се разбере она што го зборувате? Ќе зборувате во ветер. Ако, пак, не
го разбирам значењето на тие гласови, тогаш на оној што зборува ќе бидам странец,

_________________________________
1 По повод 110 години од раѓањето на Архиепископот Гаврил; 70 години од печатењето на
Престолното евангелие.

2Ацо Гиревски, Македонскиот превод на Библијата, со посебен осврт врз неговата улога во современата мисија на Црквата, Православен богословски факултет, Скопје, 2004. (Забелешка: Цитатите во текстот ги исфрлив, но можат да се најдат во книгата).


а и тој за мене туѓинец. Но в црква повеќе сакам да кажам пет зборови разбирливи, за да поучам и други, отколку илјадници зборови на непознат јазик“ (1. Кор 14, 6-19)


        Прифаќајќи ја оваа мисла забележана во Библијата, тој во почетокот не можел да претпостави дека на преводот ќе работи речиси цели 50 години, завршувајќи го својот труд во својата длабока старост. Притоа преведувачот на македонската Библија не очекувал дека неговиот библиски превод ќе биде оценет како „јазичен темел“ на Македонската православна црква и на нејзината автокефалност. Всушност, со право е речено дека со тоа негово дело „ јазичниот круг на словенското христијанство се заврши и се затвори: старомакедонските дијалекти, основата на писмениот јазик на светите Кирил, Методиј, Климент и Наум, го добија својот завршен акорд - македонскиот убав превод на Библијата“ (Илија Милчин).
         Архиепископот Михаил оценува дека:„Архиепоскопот Гаврил уште во почетокот на нашата народна слобода, пристапувајќи кон преведување на Светото Евангелие и посланијата од Новиот Завет уште како да сакаше Господ „овој човек да даде голем придонес за нашата богословска теолошка наука“. И уште повеќе дека тој ќе влезе во историјата и културата на македонскиот народ „која не ќе може да ја избрише ниту времето ниту луѓето“.
      Несомнено дека првите преведувани библиски текстови односно новозаветни евангелија, од страна на професорот Ѓорги Милошев, на современ литературен јазик ќе станат Textus Receptus за сите идни преводи на македонски јазик. Кон ова може да се додаде дека преведувањето на Библијата започнало со преводот на Евангелијата, поаѓајќи од основната потреба на богослужбата во Црквата, од една страна и од друга, веќе се наметнувала потребата, покрај литургиската употреба, Евангелието да му се доближи, но и разбере од обичниот македонски човек.
        Отстранувајќи ги првите тешкотии сврзани со техничкото подготвување на материјалот, откако била извршена нова редакција на текстовите, примопредавањето на готовиот материјал на Евангелијата се случува на 14. јули 1948 година со предавањето на послениот од преводите на евангелските текстови по Лука од глава 11, стих 16 па до крајот и Евангелието по Јована, заедно со копиите од сите четири Евангелија.
       Милошев во својот извештај посебно нагласил дека неговиот превод се базира исклучиво врз основа на „црковнословенскиот текст“ (мислејќи на московското издание од 1890 година), при што особено внимавал на реченичката фразеологија. Меѓутоа, имајќи го влијанието на преводот од страна на другите јазици со коишто се користел Милошев, станува јасно дека во исто време тој постојано правел споредби со бугарскиот превод на Библијата. Тоа е и разбирливо, бидејќи преводот на Евангелијата ги вршел за време на бугарската окупација, кога сите книги од богослужбен карактер, вклучително Евангелието и Апостолот биле заменети со бугарски изданија и тие значително му помогнале при преводот од црковнословенската Библија.
         При ова треба да се додаде дека при преводот на Евагелието за богослужбеи цели Милошев не го вршел според грчкиот апракос (избрани четива од евангелијата), кој се употребувал во богослуженијата. Во словенските апракоси текстот започнува со Евангелието на Велигден (Јн 1, 1-17), а продолжува со делови од четвороевангелието,подредени според годишниот циклус на црковните празници: прво, подвижните христијански празници што почнуваат со четива на Пасха и завршуваат во саботата пред Пасха; а во втората половина на апракосот се евангелски текстови за неподвижните празници, распоредени според определени датуми, почнувајќи од 1 септември и завршувајќи до 31 август. Вториот деле е наречен и месецослов, бидејќи четивата се распоредени според месеците. Во апракосот има и единаесет утрински неделни евангелија, кои се повторуваат повеќепати во годината.
        До ваков заклучок се дојде, имајќи го предвид фактот дека текстот на Евангелието на македонски јазик не е поставен на таков ред да одговатра на неделното четиво во текот на годината, почнувајќи од Велигден со првата глава на Евангелието според Јован, како што некогаш „тоа го правеле св. браќа Кирил и Методиј и подоцна по примерот на светите Браќа и некои од современите Православни Цркви. Иако Милошев во времето на преведувањето на св. Евагелие ги имал при рака и бугарските изданија во апракос и тоа солунското од 1910 и софиското од 1925 година и се служел со нив, сепак, нив не ги зел за прототипови на македонското престолно Евангелие. Напротив за него ќе остане меродавен образец за идното македонско престолно Евангелие само руското црковнословенско издание на Библијата од 1890 година, коешто всушност му служело како Textus Receptus при преведувањето. Имено, таму Евангеијата се подредени целосно според четирите канонски евангелија по Матеј, Марко, Лука и Јован; четивата се редат, почнувајќу од првата глава и првиот стих, т.е. се поделени само на глави и зачела. На тој начин ваквиот превод на св. Евагелие на Милошев му ја олеснило работата за подоцнежното докомплетирање на четвороевангелието и подоцна на целиот Нов завет. Таква му била и замислата на Милошев: да се создаде таков превод, во тоа време главно за богослужба, но и за поука, за коешто како образец послужило токму московското издание на црковнословенската Библија од 1890 година, иако во тоа време имало и други вакви примери.

        Очигледно дека работите околу преводот на библиските текстови на македонски јазик не се одвивале според предвиденото во договорот (Дел бр. 852/47) помеѓу преведувачот и црковните власти, за што сведочат дополнителните интервенции. Како причина за доцнењето на преводот на Евангелијата, покрај другото, се наведува тоа дека работењето со библискиот текст е сериозна работа, којашто бара многу труд и големо стручно знаење, но и правилен пристап кон дело, како вели самиот преведувач, од „голема важност за Црквата“.
        Кои биле вистинските причини Милошев да побара да му се даде повеќе време за преводот и подготовката на Евангелието? Потпишувајќи го договорот со црковните органи, Милошев ја сфатил сериозноста на работата и донел неколку одлуки. Имено, да не им го предава ракописот веднаш (иако некои од потписниците на договорот знаеле дека тој е готов со преводот), туку тоа да го направи отако ќе го пречука на машина самиот, потоа да го среди и лекторира пречуканиот текст и на крајот заедно со описот на работата да им го достави. За таа работа навистина било потребно време. Преведувачот со својата дополнителна интервенција успеал да го сочува оригиналот од ракописот на Евангелијата. А од пречуканиот материјал од Евангелијата сочувани се копија од Евангелието по Матеј првите десет глави; од глава 19, 28, 29 и 30 стих; 20, 1-16; 24, 43-51; 25, 1-11; и од глава 26, 25-45 (оригиналот на кој се вршени интервенции).Од евангелието по Лука, глава 19, 44-48; 20, 1-18; 22, 54-71; 23, 1-3. Од евангелието по Јована, глава 8, 49-59; 9, 1-8; 11, 11-32. Другиот материјал од Светото писмо на Новиот завет во ракопис не е сочуван и има индиции дека навистина е уништен со поплавата и земјотресот во Скопје (1962-63).
        Што се однесува до задачата да го лекторира пречуканиот материјал, Милошев и тоа го направил лично, секако, пред да го предаде на одговорните луѓе од ИО за натамошна работа врз текстот. На тој податок нѐ наведува сочуваниот материјал од евангелието од Матеј глава 26, 25-45 стих, каде се има интервенирано скоро во секој ред од реченицата, заради буквата „ј“, која била намерно изоставана при пречукувањето затоа што машината за чукање била со бугарско потекло па требало да се отчукува туѓото „‘и “. Освен тоа, буквите љ, ќ и некои други, што ги немало во бугарската машина за чукање, Милошев ги одбележувал со л и к, а потоа лекторирал. Поголеми интервенции извршил на стиховите: 35 каде еднаш превел: „Петар му рече: дури и да умрам со Тебе. Тоа истото го рекоа и сите ученици“, а потоа редактирал: „Петар му рече: „Ако затреба дури и да умрам со Тебе, нема да се откажам од Тебе. Истото го рекоа и сите ученици“. И во стихот 38 еднаш превел: „Тогаш им рече Исус: Нажалена е душата Моја до смрт; останете тука со Мене и бидете будни. За да подоцна во пречуканиот текст поправи:„Тогаш им рече Исус: Смртно е нажалена Мојата душа; останете тука и бидете будни со Мене!“. Дека Милошев навистина извршил лекторирање на ракописот потврдува самиот во еден од неговите извештаи, кога вели: „Веднаш по ослободувањето текстот го средив,а нешто подоцна извршив и нова редакција, и дури тогаш им го предадов на Иницијативниот одбор за организирање Македонска православна црква“. Отакако текстот од четирите св. Евангелија бил подготвен за печат тој бил отпечатен во 1952 година.
        Интересно е да се забележи дека во ракописниот текст на преводот нема воведни забелешки, освен што е даден кус текст кој гласи: „Во слава и чест на Оца, Сина и Светиот Дух, а за црковните потреби на православниот македонски народ, Иницијативниот одбор за организирање Православна црква во НРМ го издаде ова СВЕТО ЕВАНГЕЛИЕ во Скопје, главен град на народна Република Македонија, во 1952 година“, при што првиот егземлар во тврд повест со големи втиснати златни букви „Свето Евангелие“, му бил предаден на отецот Ѓорги Милошев со посвета на внатрешната насловна страница со следниот текст: „Иницијативниот одбор за
организирање на МПЦ го дава ова Св. Евангелие на свештеникот Ѓорѓи Милошев во знак на признание за вложениот труд околу преведувањето на ова историско дело, во Скопје, 14. 03. 1953 година, претседател свештеник Нестор Поповски“.
        Со ова издание Македонската православна црква — Охридска архиепископија ја доби првата печатена богослужбена книга на современ македонски јазик. Во тоа време тоа беше смел потег на луѓето од Црквата, со оглед на тоа што Црквата сѐ уште не бешe дефинитивно осамостоена како помесна црква на македонскиот народ.