од Ерма

3.angeli.so.truba

Видение третo. Глави 3-6.

 

crkva.eg.jpg

Глава 3.
Откако ми го покажа тоа, Старицата посака да си замине, но јас ì реков:

- Госпоѓо, каква полза имам што го видов ова, ако не разбирам што значи таа градба?

Таа ми одговори:

- Љубопитен човек си, штом сакаш да го разбереш значењето на Кулата.

- Навистина, госпоѓо, би сакал да разберам и да им пренесам на браќата, за и тие да се зарадуваат кога ќе го слушнат тоа, и да го прослават Господа.

- Многумина ќе го слушнат ова, но откако ќе го слушнат, некои ќе се зарадуваат, а некои ќе заплачат; но и овие последните, ако се покајат откако ќе слушнат, исто така ќе се зарадуваат. Слушни го сега објаснувањето за Кулата, ќе ти откријам сè. И не задавај ми повеќе труд околу откровението. Зашто, овие откровенија се завршени, бидејќи имаат своја граница. А ти нема да престанеш да бараш откровение, зашто си упорен. И така, Кулата, чие што градење го гледаш, тоа сум јас – Црквата, којашто ти се јави сега, а ти се јавувала и порано. Во врска со Кулата, прашај што сакаш да разбереш, и јас ќе ти откријам, за да се зарадуваш заедно со светиите.

Јас ì реков:

- Госпоѓо, ако еднаш веќе си ме удостоила сè да ми откриеш, тогаш откриј ми и сега. 

А таа ми одговори:

- Сè што треба да ти се открие, ќе ти биде откриено, под услов твоето срце да биде со Господа, и да не се сомневаш во ништо, што и да видиш.

- Госпоѓо – ја прашав – зошто Кулата се гради на вода?
 
- И порано сум ти рекла – одговори таа – дека си љубопитен и дека усрдно бараш; барајќи, ќе ја најдеш вистината. Чуј, затоа, зошто Кулата се гради на вода: животот ваш преку вода е спасен и ќе биде спасен. А Кулата е втемелена со Словото на семоќното и преславно Име (Божјо), и ја одржува невидливата Сила Господова.

Глава 4.
На тоа ì реков:
 
- Величественое и прекрасно е ова дело! А кои се, госпоѓо, оние шест момчиња коишто ѕидаат?

- Тоа се првосоздадените ангели Божји, на коишто Господ им го доверил сето Свое создание, за тие да го умножуваат и изградуваат, и да управуваат со него: со нивни сили ќе биде завршено и градењето на Кулата.  

- А кои се останатите, коишто ги носат камењата?

- И тоа се свети ангели Господови, но првите се повисоки. Кога ќе заврши градењето на Кулата, тие сите заедно ќе се веселат околу Кулата и ќе Го прославуваат Господа, зашто завршило нејзиното градење.
 
- Би сакал да знам – реков – какво е значењето на камењата и во што се разликуваат тие.

А таа ми одговори:

- Дали си подобар од другите, за да ти се открие тоа? Има многу подостојни од тебе, на коишто би требало да им се открие ова видение. Но, за да се прослави Името Божјо, ова тебе ти се открива, и уште ќе ти се открива, заради оние коишто во своето срце се сомневаат дали сето ова ќе биде така или не. Кажи им дека сето тоа е вистина и дека ништо не е надвор од вистината, туку дека сè е силно и цврсто втемелено.

Глава 5.
Слушни сега за камењата коишто се вградуваат во зданието. Четвртастите и бели камења, коишто складно одговараат еден на друг со своите страни, се апостолите, епископите, учителите и ѓаконите, коишто оделе во светото учење Божје, надзирале и свето и непорочно им служеле на Божјите избраници. Некои од нив веќе се упокоени, а некои сè уште се живи. Тие меѓусебно секогаш биле во мир и во согласност и се слушале еден со друг. Затоа и при градењето на Кулата нивните страни толку добро налегнуваат една на друга. А камењата коишто ги извлекуваат од длабочините и ги вградуваат во зданието, и коишто се вклопуваат добро со другите камења, се оние коишто веќе пострадале заради Името Божјо.

- Госпоѓо, сакам да знам и што значат оние други камења, земени од земјата.

- Оние коишто се вградуваат во темелите на зданието без да се обработуваат, означуваат луѓе коишто Бог ги одобрил, зашто живееле праведно пред Господа и ги исполнувале Неговите заповеди. А оние што се донесуваат и се вградуваат во самото здание, тоа се новообратените во вера и верните. Тие од Ангелите се поучувани да прават добро, зашто во нив не се најде лукавство. 
 
- А оние камења коишто ги оставаат на страна покрај Кулата? 

Таа ми одговори:
 
- Тоа се оние коишто згрешиле и сакаат да се покајат; затоа се фрлени блиску до Кулата, зашто ќе бидат погодни за градење на зданието, доколку се покајат. Оние, значи, коишто сакаат да се покајат, доколку навистина се покајат додека се гради Кулата, ќе бидат цврсти во верата. Зашто, кога градењето ќе заврши, за нив веќе ќе нема место, и тие, отфрлени, ќе лежат до зданието.

Глава 6.
- А сакаш ли да знаеш за камењата што ги раскршуваат и ги отфрлаат далеку од Кулата?

- Да, сакам, госпоѓо.

- Тоа се синовите на беззаконието, коишто верувале лицемерно, и од коишто не отстапило ниту едно лукавство; затоа тие и немаат спасение, зашто се непогодни за градење поради својата неправедност – нив ги раскршуваат и ги отфрлаат далеку, заради гневот Божји, зашто Го навредиле. А значењето на другите камења коишто ги виде како лежат наоколу и не бидуваат вградувани во здаднието, е следно. Оние, врз коишто се налепила мувла, се луѓе коишто ја спознале вистината, но не останале во неа и не се во општење со светиите – затоа и не се погодни за градба. Камењата со пукнатини – се луѓе коишто во своите срца имаат нешто едни против други и немаат мир меѓу себе; додека се заедно, тие се мирољубиви, но кога ќе се оддалечат еден од друг, ја задржуваат злобата во срцето. Таа злоба е – пукнатината во камењата. А оние што се помали – тоа се луѓе коишто, макар што поверувале и имаат поголем дел во правда, сепак имаат уште беззаконие во себе, и затоа се помали.

- А кои се, госпоѓо, белите и тркалезни камења, коишто исто така се непогодни за градење?   

Таа ми одговори:

- До кога ќе бидеш глупав и неразумен? Ти за сè прашуваш, а ништо не разбираш. Белите и тркалезни камења – тоа се луѓе коишто имаат вера, но имаат и богатства на овој век, па кога ќе наиде неволја (прогонување), заради своето богатство и заради своите грижи тие се откажуваат од Господа.

- А кога тие ќе бидат погодни за зданието?

- Кога ќе им биде ускратено нивото богатство, коешто им дава утеха, тогаш ќе Му бидат од полза на Господа за зданието. Зашто, како што тркалезен камен, додека не биде обработен и лишен од некои свои делови, не може да стане четвртаст, така и богатите во овој век, доколку не бидат лишени од своите богатства, не можат да му станат угодни на Бога. Тоа самиот треба да го знаеш по себе: кога беше богат, беше бесполезен; а сега си полезен и погоден за живот; и ти самиот беше дел од таквите камења. 

 

+++

Ерма бил по потекло од Рим. Апостолски  ученик, еден од седумдесетмината. Апостол Павле го споменува на крајот од посланието до Римјаните.
Делото Пастир Ерма го напишал во Рим, во периодот од 140 до 155 година, на грчки јазик. Сè до средината на XIX века, ова дело било познато само во превод на латински, а од 1857 година стана достапен и еден сочуван ракопис на грчки јазик, од XIV века, и еден препис во Синајскиот кодекс.
Св. Иринеј во делото Против ересите наведува дека делото на Ерма Пастир има авторитет на библиска книга. Св. Атанасиј, во Пасхалното писмо (373), во кое говори за новозаветниот канон, го вбројува меѓу книгите коишто ги прифатила Црквата. Сепак, Пастирот на Ерма не бил вброен во новозаветните книги. Ерма бил епископ во Филипопол во Тракија
Судејќи според делото Пастир, Ерма бил роб (христијанин) когошто во Рим го откупила некоја христијанка по име Рода и така го ослободила од ропство. Кога станал слободен, почнал да се занимава со земјоделие и со трговија, и стекнал големо богатство. Но, го занемарил моралното воспитување на своето семејство, така што неговите деца за време на прогонувањето на христијаните отпаднале од верата, додека, пак, тој со својата жена останале цврсти во верата. Како последица од тоа, тој го изгубил своето богатство: му останал само еден мал имот, доволен за неговите потреби. Тој се покајал и од мал христијанин станал голем поборник на христијанската наука.

Делото Пастир, чија цел е да ги привлече грешниците на покајание, изобилува со морални поуки.

Самиот автор го поделил делото на три дела:


- Пет виденија (добиени преку ангелот на покајанието)
- Дванаесет заповеди (диктирани од ангелот на покајанието)
- Десет сличности или раскази (зборуваат за услови за покајание)

 Подготви: д-р Драган Михајловиќ

 

 Тропар на светиот
Христов Апостол Ерма
31 мај / 13 јуни
Како огнот што го загрева железото,
така благодатта срцето човеково,
за да го покаже сето она кое е нечисто,
о Ермо велики,
Бог те ослободи од робувањето на овој свет,
за да Ангел ти испрати.
Пастиру Божји, дванаесет заповеди како на круна бисери,
објави на оние кои стојат на молитва,
да бидат светилници по патот на спасението.

 

Ангелот му даде дванаесет заповеди:

1) да верува во Бога;

2) да живее во простота и невиност, да не злослови и да му дава милостиња на секого што проси;

3) да ја љуби вистината и да ја одбегнува лагата;

4) да го чува целомудрието во помислите;

5) да се учи на трпение и великодушност;

6) да знае дека покрај секој човек е поставен еден добар и еден зол дух;

7) да се плаши од Бога и да не се плаши од ѓаволот;

8) да прави секакво добро и да се воздржува од секое зло;

9) да Му се моли на Бога од длабочината на душата со вера;

10) да се чува од тагата, која е сестра на сомнежот и гневот;

11) да ги испитува вистинитите и лажните пророштва;

12) да се чува од секоја зла желба.

 

  „ПАСТИР“ (Видение III) 

„ПАСТИР“ (Видение II) 

„ПАСТИР“ ( Видение I - Глава 2) 

„ПАСТИР“ 

 

 

 

 

Посети:{moshits}