3.angeli.so.truba

ЗА ПРОСТУВАЊЕТО


Да го оставиме разумот на неговата арогантнoст и збунетост, да го оставиме и моралот со неговите објаснувања и оправдувања. Да ја послушаме нашата совест, таму внатре, длабоко во нас, каде тивкиот, но и строгиот и немилосрден глас ни зборува: виновен си! Но, во што се состои мојата вина? Не, таа не е во ниту една навреда и расправија што ја имав со моите ближни, бидејќи тоа е неизбежно во животот на човекот. Таа вина не е ниту во моите површни препирки со другите, ниту во мојот безначаен гнев. Не! Тоа е една сосема поинаква вина за која одеднаш почнувам да станувам свесен, сфаќајќи дека станува збор за обично самољубие кое ги опфаќа самите темели на мојот живот, и кое целосно е проникнато во мојата внатрешност, и поради кое станав отуѓен и оддалечен од „другиот“, од „другите“, па почнав да ги доживувам сите „други“ исклучиво како средство.
Дури и кога некого го љубам, таа љубов е затруена и одвнатре осакатена со мојата егоцентричност: дури, како во љубовта да посакувам да се љубам единствено самиот себе. Совеста, и единствено совеста, со немилосрдна и беспоштедна јасност, е способна да му го покаже на човекот светот, како свет во кој секој се бори против секого, како свет во кој важат само правилата за „напад“ и „одбрана“, како арена за немилосрдна борба за животен опстанок. Постојано мислиме дека другите се оние кои прават неправда, кои мразат и пролеваат крв. Други земји, други народи, други влади. Но, да погледнеме малку во себе и ќе разбереме дека во нас е главниот извор на таа отуѓеност и на тие поделби, на таа борба на сите против секого, во која го поминуваме целиот свој живот и врз која всушност и почива целиот наш живот. И кога тоа во себе ќе го почувствуваме, кога тоа ќе го разбереме, ќе можеме, со нашиот внатрешен слух, да ја чуеме вистината во зборовите на Ф.М. Достоевски: „Секој пред секого е виновен за сè“, како и вистината во зборовите на св. Серафим Саровски, кој вели: „Смири се и илјадници околу тебе ќе бидат спасени“.
Смири се! А тоа пред сè значи – спаси се од таа твоја исконска заробеност од отуѓувањето, спаси се од таа твоја внатрешна отуѓеност од вистинскиот живот и од другите луѓе, спаси се од заробеност и војување на секој против секого во кои реално живееме.
Прости му на другиот, прими прошка од некој друг! Тоа е вистинското враќање од отуѓувањето кон единството, од омразата кон љубовта, од поделбата кон соединувањето. Да му се прости на другиот воопшто не е лесно и едноставно. Ние честопати, со поголемо внимание зборуваме за „недостатоците на другите луѓе“ и – уште полошо – велиме дека сме се откажале од другите луѓе. Па зарем тоа не е рамнодушност, не е ли тоа презир, зарем не е тоа цинизам? Само оној, што со целото свое срце го почувствувал и разбрал целиот ужас од отсуството на љубовта во светот, целата бездна и тага на човечката осаменост на која се осудил со своето себељубие и со својата гордост, ќе може да прости и да прими прошка од другиот. Сето ова е содржано во молитвата што Црквата му ја упатува на Бога во Неделата на простувањето: „Не свртувај го лицето Свое од мене, зашто тагувам…“.
И ете, овде е скриена таа светла тага, таа единствена тага, преку која можеме да го разбереме самиот корен, самата суштина и самата моќ на злото, а тоа е – студеното срце, недостатокот на љубов, триумфот на осамената и на осама осудена човечка гордост. Се молиме да им простиме на другите, имаме копнеж и нам да ни биде простено… Исто како малото дете што жали кога нешто крие од својата мајка, зашто тоа го гледа својот престап како можна загуба на рајот на мајчината љубов, така и секој од нас разбира дека од таквата преобразба на душата, од таквото раскрварување на срцето, од тој копнеж да се помириме и опростиме со другите, започнува уништувањето на секое зло кое се крие во нас.
И затоа, колку и да е туѓо сето ова на духот на времето и колку и да е далеку од нашиот студен и груб живот во кој наметнатиот „колективизам“ на човекот не само не му ја носи ветената среќа туку и уште повеќе ја зајакнува неговата осаменост, сосема е јасно дека во силата на совеста, во копнежот за простување, во покајничкото преобразување на душата, се наоѓа почетокот на нашата духовна обнова.


Протоереј Александар Шмеман


______________________________________________________________________

Велиш дека постиш. Убеди ме во тоа со делата. А кои дела се тоа? Ако здогледаш сиромав, подај му милостина. Ако се најдеш со својот непријател, смири се со него. Ако здогледаш на улица убаво лице, одврати го својот поглед од него. Значи, не само да постиш со стомакот, туку и со очите, слухот, и со рацете и нозете, и со сите членови на своето тело. Рацете нека постат воздржувајќи се од секаква алчност и кражба. Нозете нека постат така што нема да одат по патеките на гревот. Очите нека постат така што нема страсно да се загледуваат во убавите лица, ниту, пак, со завист ќе гледаат на добрата кај другите луѓе. Велиш дека не јадеш месо. Но, чувај се со похотливите очи за да не го голташ она што го гледаш околу себе. Пости и со слухот, не слушајќи оговарања и сплетки. Со своите усни и јазик пости, воздржувај се од грди зборови и шеги. Каква ни е ползата ако не јадеме месо и риба, а ги гриземе и јадеме своите ближни.


Свети Јован Златоуст


Изор - Тивериопол.мк

 

Избор од фб профил на

Simeon Stefkovski