3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Братот: Отче, разбрав дека смирението се раѓа од познавање на сопственото јас, од послушанието, од стравот Божји, од жестоката битка со природата, од искушенијата, тагата, од борбата што доаѓа од демоните и од многуте молитви. Но, бидејќи рековте дека никој нема да го достигне блаженството, ако не Го придобие Бога во својата душа, јас останувам збунет и сè уште не знам кој е вистинскиот родител на смирението?

Старецот: Кога светите отци ни рекле, брате Јоване, дека само оние што Го имаат Бога во душата можат да го познаат вистинскиот родител на смирението, тие сакаа да ни покажат дека само совршените можат да го постигнат тоа – познавајќи го вистинскиот родител на смирението, а не ние, кои имаме млечни заби по духовните прашања. За нас е доволно да ги слушаме учењата на светите отци и да ги применуваме со голема трпеливост во добродетелни дела, кои, како што гледаме, нè водат кон највисоките добродетели на смирение, а она што е повисоко од нас, треба да го оставиме на оние кои се постари од нас по духовна возраст.

Братот: Претходно рековте, отче, и од она што го кажавте досега, сум разбрал дека смирението е најголемата добродетел што нè спасува од гревот на гордоста. Но, има ли смирението друга полза за човекот?

Старецот: Знај, брате Joване, дека смирението носи толку голема полза што е невозможно да го раскажеме тоа со неколку зборови. Но, сепак, од она што го паметам, делумно ќе се обидам да одговорам на прашањето за твоето братство.

    Смирението е толку голема добродетел, што самото без други добродетели може да ни ги отвори вратите на Царството Небесно, како што е речено: „Покајанието ги подига паднатите, плаче пред небесните порти, а светото смирение ги отвора“. Смирението – тоа е единствената добродетел која не можат да ја подражаваат демоните. Тоа е источник на самопонижување што го штити човекот од паѓање. Смирението, брате Јоване, ја има силата да ги спаси луѓето од праведниот гнев на Бога, зашто е напишано: „Срце скрушено и смирено Бог не ќе презре“ (Псал. 50,19). Смирението има моќ да го научи нашето срце на страв од Бога и не му дозволува да се задуши од погубната гордост. Знај исто така, брате Јоване, дека од сите спасоносни дела што ги извршува човекот, смирението и љубовта се најугодните жртви за Бога. Ова го разбираме уште подобро од Божественото Писмо, кое гласи: „О човеку, Господ ти кажал што е добро и што очекува Тој од тебе: „О, човеку, речено ти е што е добро, и што бара од тебе Господ: да работиш праведно, да сакаш милосрдни дела и смирено да врвиш пред твојот Бог“ (Михеј 6,8).

Да не забораваме дека смирението и многуте солзи се многу потребни за оној кој живее во служба на Бога, како што нè учи нашиот голем апостол Павле: „служејќи Му на Господ со голема понизност и многу солзи, во искушенија, што ми се случуваа заради лошите замисли на Јудејците“ (Дела 20,19).

Исто така, знај, брате Јоване, дека смирението е избрана и скапоцена облека во која треба да се облечат светите и избраните од Бога (Колос. 3,12).

Понизноста е света и божествена скала по која Божјиот поглед се спушта врз човекот, како што е напишано: „А еве на кого ќе погледнам: на понизниот и скршениот по дух и на оној што трепери пред Моето слово“ (Иса. 66,2). Смирението има моќ да ги донесе нашите зборови пред Бога и да ни донесе простување на гревовите од Него. Ова го гледаме кај секој што згрешил пред Бога и затоа понизно се покајал, но најкрасноречиво сведоштво дава кралот Манасија, кој згреши повеќе од кој било друг човек во кое било дадено време и го оскверни домот Божји, а за време на светата служба која се извршува за слава на Бога, тој се потсмевал со поклонување на идолите! Дури и ако целиот свет постеше за него, тој, сепак, немаше да може да ги искупи своите беззаконија. Но, бидејќи многу се понизи пред Бога, Бог со внимание ја погледна неговата молитва и го послуша, го вратил од плен во Ерусалим (Дела 33,12-13).

 

 

 Избор и превод на текст: Наташа Наумоска

 

Извор:

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/shto-e-toa-smirenie-i-kako-se-ragja-vtor-del/