ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ
ГЛАВА ДВАЕСЕТТА
За постот
Во твоето духовно бдеење ќе ти помогне постот – ниту над, ниту под мерката на твоите сили. За Божествените нешта не се размислува со прејаден стомак, велат подвижниците. Дури и наједноставните тајни на Света Троица остануваат сокриени за оној што е телесно наситен. Сам Христос ни даде пример со Својот долг пост: пред да го победи искушението на ѓаволот, постеше четириесет дена. Дали ние сме подобри од Него? И, ете, ангелите пристапија и Му служеа (Мат. 4:11). Ангелите го чекаат и твоето смирување за да ти пристапат.
Св. Јован Лествичник вели дека постот ја раслабува многуговорливоста. Постот ослободува и дава крилја на сострадалната љубов, тој е чувар на послушноста, ги уништува злите помисли и ја искоренува скаменетоста на срцето. Постот е рајска врата: со лишување на стомакот, срцето се смирува. Оној што пости се моли со трезвен ум, а умот на оној што не се воздржува е исполнет со нечисти мечтаења и помисли.
Постот е израз на љубов и вера, во кој заради небесното се принесуваат жртви од земните добрини. Голем дел од нашите мисли се врзани за преживување и за задоволување на телесните потреби, а ние копнееме да се ослободиме од таквите мисли. Постот е пат кон ослободување од себичните желби и неопходна потпора во борбата против нив. Заедно со молитвата, постот е еден од најбогатите дарови за човечкиот род, кој внимателно го чуваат оние што барем еднаш ја вкусиле неговата благодат.
Кога постиме, во нас расте благодарноста кон Оној што им го дарувал постот на луѓето. Постот ги отвора вратите кон предели кои дотогаш едвај сме ги насетиле: животот и сè што се случува околу нас се гледа во нова светлина, а времето што брза добива нов, восхитувачки и богат смисол. Бдеењето што порано беше темно тапкање низ сопствените мисли, сега станува бдеење на просветленоста; мачното трагање се заменува со тивко прифаќање, благодарност и смирение. Проблемите што изгледаа огромни и нерешливи се отвораат како зрели цветни пупки: со молитва, пост и бдеење можеме да тропнеме на секоја врата.
Во ова го наоѓаме и одговорот зошто Светите Отци го земаат постот како мерка: оној што многу пости – голема љубов има; а оној што голема љубов има – нему му се простуваат многу гревови (Лк. 7:47). Оној што многу пости – многу и добива.
Светите Отци препорачуваат „умерен“ пост: телото не треба прекумерно да се измачува, за да не пострада и душата. Ниту пак треба нагло да се започнува – за сè е потребна духовна вежба, а секој треба да ја има предвид својата природа и работата што ја извршува. Оној што пребира храна си прави осуда, бидејќи сè што е дадено е Божји дар; но сепак е добро да се избегнува храна што го разгорува апетитот и ја зголемува телесната тежина: силни зачини, месо, опојни пијалаци и секое угодување на стомакот. Во останатото, велат Отците, може да се јаде сè што е евтино и пристапно. Под „умерен пост“ тие подразбираат еден лесен дневен оброк, за стомакот да не биде исполнет до презаситување.
Тит Колиандер
Подготвил С.Стефковски