Не си твојот грев


Отците на пустината велат нешто што на почетокот звучи парадоксално.
Кога демоните им ги напомнувале нивните гревови, тие не влегувале во расправа. Не се обидувале со вознемирена упорност да докажат дека не е така. Не се труделе да ја оправдаат или разубават својата слика.
Одговарале со едноставност што речиси изгледа соблазнителна:
„Да, грешен сум. Не ми кажуваш ништо што не го знам. Но, не се потпирам на своите добродетели. Мојата надеж е во Божјата милост.“
И светите Отци велат дека токму тоа ги победувало демоните.
Зошто?


Затоа што ѓаволот не се труди само да те убеди дека си згрешил. Тоа веќе го знаеш. Неговата вистинска цел е да те убеди дека твојот грев е твојот идентитет. Дека нема враќање. Дека нема иднина. Дека нема Бог доволно голем за повторно да те подигне.
Тоа е неговата најголема лага – очајот.
И можеби токму тука пустинските подвижници се посовремени отколку што мислиме.
И ние живееме во свет кој постојано нè осудува. Понекогаш тоа го прават другите луѓе. Понекогаш социјалните мрежи. А понекогаш и нашата сопствена совест. Но најопасниот миг не е кога ги слушаме тие гласови, туку кога ќе поверуваме дека тие се единствената вистина за нас.
Подвижниците не ја негирале вистината за својот пад. Но одбиле да го поистоветат падот со својата личност.
Затоа можеле мирно да речат:
„Да, грешен сум. Но не сум мојот грев. Мојата надеж не е во тоа што сум направил или не сум направил јас, туку во она што Бог може да направи.“
Во тоа се состои големата слобода на христијанинот.
Да ги гледа своите рани право во очи, без да ги негира. Да се кае, без да се мрази себеси. Да станува секогаш кога ќе падне, знаејќи дека Божјата љубов е секогаш поголема од секој негов пад.
Ѓаволот сака од гревот да те одведе во очај.
Христос, пак, те води од гревот кон покајание, а од покајанието кон Воскресение.
Тоа е она што го вознемирува мракот.
Не тоа што постојат безгрешни луѓе, туку што постојат луѓе кои, иако добро ги познаваат своите слабости и страсти, никогаш не престануваат да се надеваат на Бога.


— о. Ливиос

За Премин портал Симеон Стефковски

25.07.2026