Пред два дена во салата „Архиепископ Доситеј“ на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, академик проф. д-р Владета Јеротиќ одржа предавање на тема „Кога религиозноста станува психолошки проблем?“ На предавањето беа присутни Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, митрополитите г. Петар и г. Јосиф, голем број на свештеници, професори, студенти и верници. После предавањето, ја искористивме укажаната можност на ценетиот гостин да му поставиме неколку прашања.

  • Свети Исак Сирин вели, а вие го цитирате: „Оној кој се удостоил да се види себеси, подобар е од оној кој се удостоил да види ангели“1. Што е тоа што лежи во човекот, што може (и не може) да се созерца и види, а е повредно од видение на ангели?


Академик Владета Јеротиќ: Човекот е природно и духовно битие. Во тоа природно или биолошко битие се наоѓаат многу трули нешта што човекот не сака да ги спознае. Човекот има илузија дека се познава самиот себе. Спознавањето на самиот себе трае цел живот. Тоа го кажуваат и психолозите, психотерапевтите, духовниците, а уште повеќе и Исак Сирин, затоа што како светител, и како психолог (иако не бил психолог, секако) го разбирал сложеното човечко битие кое целиот живот се спознава, а никогаш до крај не може да се спознае. Затоа тој вели дека е полесно да се видат ангели, отколку [човек] да се спознае самиот себе.

Оттука, како заклучок би рекле дека човекот треба постојано да се спознава себеси. На различни начини: во дијалог со другите луѓе, преку соништата, препознавање на омашките2, преку интроспекција, симпатиите кон другиот пол, пријателството со истиот пол… сето тоа се начини за спознавање на самиот себе.

Владета Јеротиќ

  • Можете ли малку повеќе да ни проговорите за паралелата, доколку постои, меѓу индивидуацијата и обожувањето, за која стана збор и на денешното предавање? И уште повеќе, врската меѓу духовноста и душевноста, но и духовникот и психологот / психијатарот? И секако, меѓу страстите и болестите: унинието и депресијата? Може ли да стане збор за приближување на јазикот на Црквата и јазикот на психологијата?


Академик Владета Јеротиќ: Не би требало да постои толкава разлика во јазикот на психолозите и духовниците, односно теолозите. Во Европа одамна постои поголема соработка, и кај протестантите, и кај римо-католиците, иако не е постигнат договор меѓу психотерапевтите и духовниците. Во православието, ние сме на почеток, и овој процес е во повои, но треба да се трудиме.

Што се однесува на односот меѓу духовното и душевното, тоа е прашање за тричлената или двочлена поделба [на човекот]. Психолозите, а и многу духовници, велат дека постои тричлена поделба: тело, душа, дух. Но, нашите православни [автори] умеат да кажат: „Доста ни се телото и душата, а духот е благодатта Божја. Ако стекнеш уште и дух за време на животот, тоа значи дека си стекнал Божја благодат. Ако пак, не, тогаш негувај ја душата“.

Психотерапевтот, под душевен го подразбира психичкиот живот, сите можни внатрешни конфликти. Видете, Фројд говорел за „комплекси“. А Јунг рекол: „Сите луѓе имаат комплекси, затоа што имаат конфликти“. Затоа, човек не треба да зборува за „комплекси“, туку за конфликти. И тие конфликти треба да се препознаваат.

Значи, душевниот живот е психички живот. Тоа е душевно. Тогаш, духовниот живот би требало да биде поблизок до религијата како таква, а потоа и до одредена религија, на пр. христијанство, ислам, јудаизам итн. Во самото христијанство, пак, православието, римо-католицизмот и протестантизмот има разлики, некогаш многу големи, некогаш мали, околу тоа што е духот и што значи поимот „духовен живот“. Полека треба да се обидеме да ги изедначиме овие разлики, односно да разбереме што за римо-католикот, што за протестантот, а што за православниот претставува духот.

  • Премудриот Соломон вели: „Почеток на мудроста е стравот Господов3“. Како денес, кога човекот повеќе од било кога претходно се плаши, а истовремено живее бестрашно, да го разбереме стравот Божји кој, ете, велиме дека е почеток на мудроста? Дали постои добар страв, и дали можеби во него се крие излезот од оваа подвоеност во човекот?


Академик Владета Јеротиќ: Христијанската црква отсекогаш говорела за стравот Божји. Истото го има и во јудаизмот. „Почеток на мудроста е стравот Божји“. Ова е добро прашање. Јас правам разлика меѓу страв и стравопочит. И правам паралела со семејството. Децата не треба да се плашат од родителите, туку да ги љубат. А ако ги љубат, тогаш ги почитуваат.

Страв и стравопочит не е исто. Кон Бога би требале да развиваме стравопочит. Истото се развива и кон родителите. Ако се плашиме од родителите, ќе се плашиме и од Бога. Така започнува психологијата, психопатологијата [кои ги поставуваат прашањата]: „Зошто се плашиш? Од што се плашиш?“ Тука се вмешува и психоанализата која вели „Плаши се од она што го посакуваш. [На тој начин] Желбата е забранета“.

Така што, треба да се разликува, иако не знам дали теолозите би се сложиле, стравот Божји од стравопочитувањето. Кога некого љубиш, тогаш и го почитуваш. Примерот со децата мислам дека е доволен. А замислете што велат антипедагозите4: „не е доволно да го љубиш своето дете, треба и да го почитуваш“ (се смее). Уште повеќе, би додал, не само да го почитуваш, туку и да учиш од него. Родителите имаат што да научат од детето. Јас немам деца, и не можам да коментирам тука, но ми се чини дека ова е правилно. Значи, да се љуби, значи и да се почитува. Но, да се почитува, не значи и да се љуби.

Нашите жени, во патријархатот, во најдобар случај ги почитувале нивните мажи. Не знам дали ги љубеле.

Па, не ги ни познавале, за да можат да ги љубат.


Академик Владета Јеротиќ:
Не ги ни знаеле, да, пред бракот. А за време на бракот, прашање е дали имале што да љубат. Па дури и да почитуваат. Некој не бил достоен ниту за почитување, секако. Така што, жените морале да бидат покорни и да слушаат. Но, тука не зборуваме за послушност, туку за покорност и страв.

  • Но, дали во таквата ситуација може да стане збор за вистински брак?


Академик Владета Јеротиќ: Секако, тоа бил вистински брак, таков е патријархалниот брак. Јас не сакам да го критикувам патријархатот, но патријархатот бил таков. Жената била покорна. Ако имала што да почитува, тогаш и го почитувала мажот. А тоа дека некоја жена во патријархатот го засакала својот маж… можно е.

Исклучок што само го потврдува правилото, така?


Академик Владета Јеротиќ: Да, и за тие примери би требало да се говори. (се смее) Таквите примери кои ги имало од раниот патријархат, до денес. Инаку, не е исто: да почитуваш, да се покоруваш, да имаш стравопочит. А послушни сме од љубов. Така што, треба да се прави разлика. Ова е најубавото прашање што денес ми ги поставивте. Мислам дека кон Бога треба да развиваме стравопочит.

На пример вака: таткото и мајката не сакаат да го казнат своето дете за некоја лошотија што ја сторил, туку се тажни. А детето кое ги љуби своите родители, ќе забележи дека тие се тажни, и нема веќе да ја прави таа лошотија. Е тоа е тоа.

Нашиот [српскиот] познат актер и уредник Небојша Дугалиќ ми го раскажа следново: неговото дете има три години. И сега, влегува Небојша во детската соба, и гледа дека детето извадило сѐ од фиоката. Татко му му вели „Врати сѐ внатре“. Детето одговара: „Нема“. Таткото повторно му вели: „Ти велам сѐ да вратиш внатре“. И повторно одговор: „Нема“. „Ќе добиеш ќотек“, вели Небојша. И пак: „Нема“. Тогаш благо го удира по ракичката, и детето пак вели: „Нема“. И тогаш Небојша му вели на синчето: „Ме растажи“, и оди во другата соба. После неколку минути детето доаѓа кај него, ја става својата глава во неговото крило, и му вели: „Тато, ти си добар. Те растажив“.

  • Уште само едно прашање. Во едно интервју, дадено по повод промоцијата на една од вашите книги5, ќе речете: „Би плачел над Европа, како и Достоевски“. А зошто не би плачеле над Балканот? И зошто да плачеме над Европа, а не над Балканот?


Академик Владета Јеротиќ: Па, во право сте. Над Балканот треба да се тажи (се смее). Горко да се плаче, да кажеме подобро. А за Европа, како што вели Достоевски, „одам на гробје, во милата Европа“. Значи, „милата Европа“ е гробје, и тоа што таму го доживеал, го доживеал на тој начин. И ова е добро прашање. Над Балканот треба горко да се плаче, но не само да се плаче, туку и да се обиде да се промени нешто.

Видете, плачењето е добро, а во патријархатот нема плачење. Убаво е ова прашање. Значи, во патријархатот нема плачење, а мислам дека беше авва Доротеј, рекол: „Плачејќи, се искупуваме од гревот“. Светителите плачеле, а балканскиот човек не смее да плаче. Јас во Европа имам видено образовани Европејци како плачат пред жената и децата, и нема никаква реакција. Овде мажите треба да почнат да учат да плачат. Науката започнува да открива отрови во солзите – па ве молам, уште ако има и отрови во солзите, плачете. Но, не по секоја цена (се смее). Кога ви се плаче, плачете.

  • Професоре, за крај, доколку има нешто што пропуштивме, а сакате да им го порачате на нашите читатели?


Академик Владета Јеротиќ: Истото со коешто го затворив и денешното предавање: спознавајте се себеси сѐ повеќе, подобрувајте се, восовршувајте се, Бог на сите живи битија им дал (не само на човекот, но на човекот најмногу) да се восовршуваат. „Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец на небесата“. Спознавајте се себеси, и не вообразувајте дека се познавате. Во текот на животот спознавајте се, а и кажав како: преку водење дневник, анализа на соништата, анализа на односите со пријателите, анализа на љубовните односи со партнерот, сето тоа е дел од запознавањето со себеси. Спознавање на грешките. Увидете кои грешки постојано ги повторувате. А бидејќи има седум христијански гревови, таман кога си помислил дека нешто си направил околу едниот од нив, те чека вториот, па третиот, итн… Не мора човек да ги направи сите гревови, но тие се тука, чекаат погоден момент.

Тука е седмиот грев, очајанието, кој воопшто не е лесен. Но, Серен Кјеркегор6 вели: „Очајувајте“. Така тој сакал да каже дека од очајанието ќе се роди вистинската вера. Сјајно! Философот Кјеркегор, голем човек, зачетник на егзистенцијализмот во Европа. „Очајувајте“. Дали е тоа христијански, кога е очајанието е грев? Па, не. Очајанието завршува со самоубиство, депресија. А Кјеркегор вели: „Очајувај, за да направиш скок, како што вели Јасперс7, „во егзистенција. Скок во егзистенција“.

Интервјуто го водеше Милан Јаковчевски

Фото: Калина Трпеска – Премин Портал

1 Се мисли на воведниот цитат во книгата „Учењето на свети Исаак Сирин и нашето време“
2 Омашки, неволни и навидум случајни, несвени грешки во говорот, читањето, помнењето, кои според Фројд, имаат длабоко значење за разбирањето на потсвесните желби, конфликти и комплекси (за повеќе, прочитај во книгата на Сингмунд Фројд „Психопатологија на секојдневниот живот“).
3 Изрек. 1, 7
4 Антипедагогија, реакција на позитивното организираното одгледување на деца, со барање за здраво, природно, слободно и неавторитативно воспитување, и извесна, но ограничена автономија на самото дете. Се појавува во седумдесетите години од минатиот век во Европа.
5 Се мисли на промоцијата на книгата „Записи од патувањата – Европа и Европеjците“ во 1999 година.
6 Дански философ од XIX век, се смета за воспоставувач на основите на eгзистенцијализмот, персоналист, постмодернист, хуманист, идеалист и христијански мислител.
7 Германски психијатар и философ, живеел во XIX/XX век, претставник на христијанскиот егзистенцијализам. Извршил големо влијание врз теологијата, психијатријата и философијата.

 Извор: Агапи