Сето она што води кон ладење на верата и отуѓување од Црквата, што води кон нарушување на нејзините типици (устави) и бара нивна промена, сето она што води кон заборавање на богослужбеното устројство на нештата, не треба да се смета за плод на вистинско усовршување и преуспевање (прогрес), туку обратно, назадување (регрес), намалување и погубност. (Св. Теофан Затворник- Слова к Владимирской пастве, 1869 г.)

Човеку! Не го сметаш ли за безначајно, тоа што излегуваш надвор од учењата на отците, востановени одозгора? Не, нема ништо неважно во Црквата на великиот Бог и Спасител наш Исус Христос, и ништо во неа не се дозволува без значење, бидејќи Таа е Црква на Самото живо Слово. Тука сè има подлабоко значење. Како се дрзнуваш по сопствената волја потполно да ги презреш типиците и самиот себе да се правиш законодавец, отфрлајќи ги. Зар ти не знаеш дека поредокот се чува врз основа на сето тоа како е запишано? Бог, говори богоглаголивиот Павле, не е Бог на безредието, туку на мирот (1. Кор 14:33) и поредокот. Не знаеш ли дека во Црквата се чува поредокот кој е востановен на Небесата. Не го нарушувај небесниот поредок, поддржувај го и ревнувај за него, колку што имаш сили. Труди се не само да го сочуваш она што си го примил, туку и да го умножиш применото со светите правила и да го украсиш, како што правеле нашите отци. Подвизувај се за светите типици, па така љубејќи го благолепието на домот Господов и чувајќи го светиот чин, да добиете разнообразна награда од Бога. (Св. Симеон Солунски- Премудрость нашего спасения)

Христијанинот, член на Црквата, треба да живее црковно, како што на пример, војникот живее војнички. Сега постои особена потреба често да се напомене за тоа, бидејќи мнозина христијани, занесени од бесполезно умување (суемудрие), не го почитуваат црковниот типик, сметајќи дека тој е со понизок ранг од нив, а тие се над него. Не, црковниот типик произлегува од самиот Бог. Кој не му се покорува на типикот, тој му се противи на самиот Бог. Светите апостоли, маченици и сите свети, кои поживеале со овој чин на Црквата, и го вложиле својот живот во него – се сведоци за тоа дека во него нема ништо произволно и суемудрено, туку сè е воспоставено со мудро балансирање и со сознавање на потребите и им дадено на сите, како долг. (Св. Теофан Затворник- Домашняя беседа, 1872 г.)

Некои може да кажат, дека нарушавањето на типикот не претставува тежок грев, затоа што во тоа нема отстапување од догматите. Но, нели и во зборовите на Христа: “Ако не ја послуша и црквата, нека ти биде како јазичник и митар” (Мат. 18:17), не се говори конкретно за нарушување на едни или други догматски вистини на нашата вера. И покрај тоа, како што сведочат тие Божествени слова, ако некој од нас не укаже послушание кон Црквата, се отсекува од неа и спаѓа во бројот на тешките грешници, затоа што во дадениот случај му се наметнува (согласно со Мат. 18:17) најстрогата казна- одлачување од Црквата.

Од гледна точка на православната вера небрежниот однос на чедата на светата Црква кон типикот е недопустив, како што е недопустиво и отстапувањето од догматите и каноните. И тоа е јасно. Затоа што како што занемарувањето на догматските и канонските опредби води до отстапување од православието, така и занемарувањето на типикот води до такво отстапување. …

Типикот за нас е свештен закон, којшто нè раководи во нашето православно богоугодување, преку богослужби, празници и пости. Типикот е света книга, поврзана со името на прекрасниот сад на Божјата благодат преп. Сава Осветен и е примена од Православната Црква како една од основоположителните книги. Типикот не е ништо друго, освен гласот на нашата Мајка – Црквата. И кон тој глас ние треба да се однесуваме не со небрежност, туку со безусловно и неизменето послушание, ако сакаме да бидеме верни и посветени на Светата Црква и на сите Нејзини православни уредби. … Типикот е создаден од Православната Црква, таа Црква, во која како во богата ризница апостолите го положиле сето тоа, што ѝ припаѓа на вистината. (Св. Серафим Софиски- О новом и старом стиле, 1948 г.)

Нашиот Црковен устав, не е зборник од мртви правила и не е плод на кабинетски труд. Тој го запечатил духовниот опит на светите подвижници, кои до совршенство ги познавале длабочините на човечкиот дух и законите на духовниот живот. Светите отци врз себе ја искусиле борбата со немоќите на духот и телото, како и средствата за нивното лекување, го изучиле патот на молитвениот подвиг и силата на молитвата. …

Богослужението во својот состав ја содржи целата полнота на догматското учење на Црквата и го изложува патот кон спасението. Тоа претставува непроценливо духовно богатство. Колку поцелосно и поточно се совршува, толку поголема е ползата за оние кои земаат учество во него. Со небрежното вршење на богослужбите, или скратувањето или своеволното изменување, свештенослужителите ја ограбуваат својата паства, лишувајќи ја од насуштниот леб и заробувајќи ја најскапоцената ризница. Скратувањата, заради телесна немоќ, треба да бидат разумни и да се вршат внимателно, за да не се исфрли она што не смее. …

Секој кој ги совршува богослужбите е должен да ревнува за нивно поточно и подобро исполнување, па, принесувајќи им ја нивната духовна полза на другите, и самиот во Денот на Судот да се уподоби на слугата кој принел десет таланти, и да чуе: “Убаво, добар и верен слуго! Во малку беше верен”. (Св. Јован Шангајски- Единообразие в богослужении, 1951 г.)

 

https://orthodul.wordpress.com/2013/10/01/%d1%81%d0%b2%d0%b5%d1%82%d0%b8%d1%82%d0%b5-%d0%be%d1%82%d1%86%d0%b8-%d0%b7%d0%b0-%d0%bd%d0%b0%d1%80%d1%83%d1%88%d1%83%d0%b2%d0%b0%d1%9a%d0%b5%d1%82%d0%be-%d0%bd%d0%b0-%d0%b1%d0%be%d0%b3%d0%be%d1%81/

 

 26ти септември 2019 лето Господово