3.angeli.so.truba

Пред некој месец напишав колумна во која говорев за непознат човек, кој од книга за теорија на книжевноста со скалпел си го исекол поглавјето што му требало, зашто го мрзело да го фотокопира. Пред некоја седмица напишав колумна под наслов „Бриши го“, во која говорев за човековиот порив да брише други луѓе од списокот на живите. Вчера примив вест дека некој наставник, најверојатно партиски фанатик и приврзаник на НАТО и евроинтеграциите, на наставно ливче „ја скратил“ антологиската песна за Дениција на Петре М. Андреевски, бришејќи ја последната строфа, зашто во неа се споменува „македонската држава“: „Кога ја љубев Дениција, како да учествував во создавањето на првата македонска држава“.
Па си велам – сите овие нешта одат во прилог на она за што говорев минатиот пат: дека свеста кај човекот не се раѓа од способноста за размислување (како што обично се мисли), туку од способноста за чувствување (доживување) на светот и на ближните. Јасно е дека оној што го исекол поглавјето има способност за мислење: го интересира теоријата на книжевноста. И вториот има способност да мисли и говори, штом веќе е наставник. Свесното однесување, според тоа, подразбира чувствено однесување, доживување на светот и на другиот КАКО ДА СУМ ТОА ЈАС.

Овде тоа изостанало. Затоа примериве се морбидни. Ова време промовираше нов тип идиоти: сега идиотите можат да мислат, ама без чувства. Затоа се и поопасни од секој вирус. Кој (или подобро – ШТО) ги произведува тие Херострати, кои од егоизам (првиот да не плати фотокопија, вториот да не му забележи партијата) можат да запалат и храм, ако треба?
Замислете дека група од 100 луѓе, меѓу кои половината се жени и деца, е карантинирана во некој хотел. Возрасните мажи се страсни пушачи. И кажано им е – ако некој во следните 24 часа запали цигара, и децата и жените ќе бидат казнети со глад. Јасно е дека искушението е огромно, но предвидливо е и дека некој сепак ќе најде „безбеден“ начин „да запали“ и да ја задоволи својата потреба: ќе се скрие некаде и ќе „чурне“ без да биде виден.

Тој што ќе запали, очигледно има свест за казната и за можноста другите да бидат казнети поради него. Но нема ЧУВСТВО дека потребата за храна на другите е идентична со неговата потреба за цигара. Ако нема чувствен однос, мислењето нема да му помогне во борбата со искушението, туку напротив, ќе му „даде идеја“ како да ја задоволи потребата. Барањето дупки во законот бара мисловни способности, и затоа често велиме дека „расните“ криминалци се обично високоинтелигентни луѓе.
Но што се крие зад бесчувствителноста? Некаква потреба. А што се крие зад таа потреба? Сите што пушат, знаат дека ретко кога палат цигара од копнеж (благородно чувство на недостиг), туку или од НАВИКА (на пример, додека чекаат автобус), или од СТРАСТ (со кафе или ракија, кога цигарата „лепи“ на непцето).

За жал, нашите ПОТРЕБИ, наместо да бидат ЖЕЛБИ, сè повеќе стануваат или навика или страст. А ниту едното ниту другото се чувства, зашто нивните корени се надвор од нас.
Навиката се стекнува однадвор, од општеството: преку образовно-воспитен тренинг и дрил се добиваат луѓе што работат, јадат, пијат, гласаат (а еве веќе и цензурираат песни) – од навика. Навиката е непријател на чувството. Колку и да изгледа бенигна, таа е една од најголемите причини за „духовната смртност“ на човекот, смртност повисока и од онаа од вирусот. Навиката не само што целосно го исклучува копнежот, туку со време го исклучува и мислењето.

Тоталитаризмот во општествата е само „пандемија“ на навика: кога човек работи нешто од навика, не му е потребен голем мозок. Навиката е автоматизирано знаење, протокол: на пример, работник што мисли на обложувачница, додека на фабричката лента прави три рутинирани движења, склопувајќи компјутер. Имате и сè повеќе лекари што не размислуваат за поединечноста на пациентот (различно реагираме на иста болест), туку откако ќе постават дијагноза лекуваат според точно пропишани протоколи (навики). Дури и пилотите работат според протоколи (навики, обичаи), ЗА ДА НЕ ЗГРЕШАТ, но врз примерот на нивната професија добро е што е така, зашто при слетување на авионот не треба да се добиваат „креативни“ идеи.

Но ужасно е кога човековата зависност од навиката ќе биде злоупотребена од власта, за владеење со луѓето, па ПАНДЕМИЧНО се шири не само врз определени професии каде што е нужна, туку и врз сите луѓе. Тогаш општеството станува корпорација за производство на ЛУЃЕ ШТО НЕ МИСЛАТ, ЗА ДА НЕ ЗГРЕШАТ. А потоа почнуваат И ДА НЕ ЧУВСТВУВААТ, ЗА ДА НЕ ЗГРЕШАТ. Вториве се вистински општествени идиоти. Зошто само такви, кои не мислат, не чувствуваат и кои нема да згрешат (пред власта) се ПОТРЕБНИ. Таков идиот ја скратил песната на Петре, за да не згреши, не дај боже, пред власта. За луѓе што ЧУВСТВУВААТ, пак, – нема ни збор дека ќе бидат општествено прифатени: општествата многу добро знаат дека чувството раѓа свест за другиот, а собирање или чувствено групирање на повеќе од двајца, во секој тоталитаризам (како и при пандемиите) може да биде ЗАРАЗНО и опасно.

Неколку збора и за другиот „блокатор“ на чувствата – страста. Страста, исто така, се предизвикува од надворешни дразби (убава и провокативно облечена жена поминува покрај мене и буди страст). И додека страста може да се предизвика однадвор, чувството не може – тоа секогаш се раѓа изворно, во мене. Чувството е МОЈ опит, за разлика од страста, која може да биде и колективна: убавата жена што поминува може да предизвика страст кај десетина мажи, ама не и љубовно чувство кај сите нив.
Страста се дефинира како состојба на ускратеност (од убава жена, во случајов). Тоа е состојба во која човекот чувствува дека му е ускратена полнотијата на битието.

Секој острастен човек длабоко верува дека „ускратеното“ со право му припаѓа. На пример, мрзлив човек, кој знае да отвори лименка пиво ама не знае како се отвора книга, вели: „Треба да се убијам, оној дипломира, а јас останав без диплома!“ Острастеноста, исто како и навиката, не е само „лична мана“: таа е и многу важно гориво на тоталитарните режими. Секој тоталитарен режим работи внимателно на разгорување на страстите (потрошувачко општество, социјални мрежи), на тоа чувство дека нешто неправедно ми е ускратено, зашто само незадоволните и „ускратените“ се горивото што ја движи крвавата машина на револуцијата. Колку повеќе незадоволни, толку поголема шанса јас да дојдам на власт. Кога велам „на власт“, не мислам само на политичарите, кои посакуваат моќ и власт. Мислам и на „неполитичарите“, зашто човекот е животно што сака моќ, без разлика што е по професија.

Никогаш нема да заборавам една (за човековиот род) тажна сцена: еден професор замина во пензија, а неговиот наследник (асистент), веќе следниот ден дојде со шрафцигер во рака, ја симна плочката со името на пензионираниот професор и ја постави својата. Очигледно, долго го криел чувството дека нешто неправедно му е ускратено: страдал од својата страст да биде „калиф наместо калифот“.
Според тоа: страста и навиката не се само субјективни слабости на една личност; тие се и предмет на масовна манипулација од страна на општествената моќ и на тоталитарните режими. Затоа, кога во овие скици велам – загледајте се во себе, станете подобри луѓе, искоренете ги страста и суетата, не робувајте им на навиките, почнете да чувствувате пред да мислите – јас не го велам тоа сакајќи ви само вам среќа и напредок. Мислам и на општествата.

Ниедна институција, ниеден колективитет нема да станат подобри додека во нив не влезат добри луѓе. Тоа е и мотото на овој серијал. И ако и може да се прогледа низ прсти на она „Човек сум, од страсти сум составен“ или „Пушач сум по навика“, на она – „Човек сум по навика“, не може. Зашто, како што се навикнавте на цигара, со време ќе навикнете да бидете и идиоти што со ножици го сечат Петрета. Мртов.
А зошто го сечат ако е мртов?

10.04.2020 г.

Извор:

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/%d0%bf%d0%b5%d1%82%d1%80%d0%b5-%d0%b8-%d0%b8%d0%b4%d0%b8%d0%be%d1%82%d0%b8%d1%82%d0%b5/?fbclid=IwAR2_QFe1S1xulmp4fRHNdj6GXQhTDqY5z0dCTEluUWFiOqUUsfa5jumysKk