TVIT448


И потоа, наместо во САД, се случи ужасниот масакр во основното училиште „Владислав Рибникар“ (елитно училиште), среде Белград, во кој загинаа осум ученици и еден чувар. И првата реченица на адвокатите беше: „Оружјето било легално набавено“.
Кој стрелаше во учениците во Белград? Малолетникот К.К.? Тешко. По сè изгледа, тој само го држел пиштолот. Чкрапалото го повлече цела една цивилизација, сите ние, „поданици на Нејзиното височество сликата“. Но, да не збунувам, да одам со ред.
Први се огласија психијатрите. Се фатија за онаа реченица што самиот формален сторител ѝ ја кажал на полицијата – дека е психопат. Поплитко размислување – здравје. Психопатот е најчесто социопат. Општеството го раѓа психопатот. Многу се ретки примерите на роден психопат, и симптомите лесно се детектираат. И веќе со тоа „психопат“, психијатрите први воспоставија одбранбен гард: вината не е „општествена“.
Потоа следуваа и неколку налудничави текстови на црковните српски сајтови, кои треба да се сметаат за инквизициски. Според нив, тоа недело го сторил безбожник, велат тие, а некои дури го видоа и материјализиран сатана. Тоа се опасни генерализации. Јас имам повеќе пријатели атеисти одошто верници. И од искуство знам дека има атеисти што се подобри луѓе од оние верници што редовно палат свеќа, а не се добри луѓе.
Трети се јавија стручњаците за оружје и правниците. Тие го обвинија таткото, тврдејќи дека тој е виновен, затоа што дозволил детето да ја знае шифрата од сефот каде што го чувал оружјето, и второ – го водел на стрелиште, каде што го учел да пука во хартиена мета на човек (хартијата нема крв, освен за писателите). Според правниците, детето не е виновно (поточно – не може законски да одговара за масовното убиство), туку родителот. Со тоа, повторно го одбранија општеството: семејството е виновно.
И сега, со право ќе речете: па, што сака Андоновски? Кое општество треба да одговара, кога некој конкретно треба да биде казнет? Но, не е така. Општеството сме сите ние, високогенерализиран поим како „овошје“. Кога купувате овошје, вие не велите „Дајте ми килограм овошје“, туку кажувате: толку банани, толку јаболка, толку портокали. Значи, кога велиме општество, ние мислиме на една висока генерализација на многу посебности, персоналитети, кои сепак имаат нешто заедничко, за да може да бидат генерализирани. И затоа, јас вината ја лоцирам не само во една таква општост какво што е општеството, туку и уште поопшто: во една ЦИВИЛИЗАЦИЈА НА СЛИКАТА. Вината ја лоцирам во тоа што СЕКОЈ од нас ја усвоил со ништо проверената хипотеза дека ВИЗУЕЛНИТЕ ОПШТЕСТВА, или поточно ВИЗУЕЛНАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА е најдоброто нешто што може да му се случи на човештвото. Во технолошка смисла – да, но во морална смисла тоа води кон катастрофи.
Веќе со децении семиолозите и психолозите пишуваат дека живеењето во галаксија на иконичното зема сериозни даноци: уривање на границата меѓу сликата и стварноста. Поимот „виртуелна реалност“ стана конкурентен со контингентноста на она што филозофите го именуваат како искуствена стварност. Ние веќе не пушиме цигари, туку слики на цигари, напиша срамежливо уште во шеесеттите години на минатиот век Пјер Гиро. Пренесено на ваквите масовни убиства, тоа значи дека сторителите на вакви дела веќе убиваат „слики на луѓе“, а не луѓе од крв и месо. Пред некој ден, детето на еден мој пријател (предучилишна возраст), кое дента играло агресивна игра со тркање автомобили „повистинити од вистинските“, му предложило на таткото со своето возило да „шутне“ друго возило пред нив, зашто го забавувал сообраќајот на улицата. Пријателот го прашал – а што ќе се случи со тој што ќе го „шутнам“ од улицата? Одговорот што следувал беше уште пострашен: „Зависи уште колку животи има“. Кога се вратиле дома, пријателот ја „реквирирал“ играта. Поарно тоа дете да плаче, одошто други.

Сликата, се разбира, не е штетна сама по себе, но нејзината злоупотреба е страшна. Сликата има една лесна за злоупотреба семиотичка особина што другите знаци ја немаат: таа има визуелна, просторна синтакса и се прима СИМУЛТАНО, во еден миг. Човековиот говор, пак, ако е жив (беседа), нема просторна, туку временска синтакса, и не се прима симултано, туку СУКЦЕСИВНО, низ времето. За да го разбереш говорот, треба да ЧЕКАШ. За да ја разбереш сликата, доволно е само да ѕирнеш една секунда – и добиваш информација на подавалник. Некои слики, особено ако се со веристички елементи на кинење делови од телото, се врежуваат засекогаш во потсвеста како шок-слики. Говорот, пак, дури и кога е пишан (а не жив), кога добива просторна синтакса (ги читате редовите од лево кон десно), сепак е ТЕМПОРАЛЕН СЕМИОЗИС: потребно е време да ја прочитате реченицата докрај, за да создадете од неа слика, претстава, порака. Дури и да пренесува веристички слики на кинење тела, ВИЕ ја создавате сликата според вашиот праг на толеранција: кога добивате „жива слика“ од нечија декапитација, некој друг ја креирал сликата за вас, најчесто со хипердетали кои како шајки се забиваат во вашата свест и потсвест, без да водат сметка колкав е прагот на вашата издржливост. Затоа и многумина ги затвораат очите кога гледаат таква видеосодржина „што вознемирува“ (како што стои божем како предупреда на ваквите видеа, а всушност е мамец да видите!).

Чаре? Глупаво би било во ера на технолошки до совршенство доведена визуелна цивилизација (погледнете колку има „поубави“ пива на рекламите одошто во стварноста!) да изигруваме Амиши. Но, можно е барем да се спротивставиме на тиранијата на сликата-означител, со пружање каква таква рамнотежа – преку читање. Да, да, со обично читање: темпорална синтакса. Притоа, најдобро е книгата да биде класична, печатена, опиплива со раце (достапна на сетилото за допир), иако и електронската врши работа, зашто и таа СЕ ЧИТА. Тоа значи – се чека на целината која се создава низ времето: спојувајќи гласови добивате зборови, спојувајќи зборови добивате реченици, спојувајќи реченици – добивате поголеми смисловни и графички ЦЕЛИНИ (пасуси). Кој одеднаш ќе ја види целината (како кај сликата), тој e во улога на обичен реципиент кој не учествува во создавањето на целината и не може да изгради КРИТИЧКИ однос кон сликата. Ниту да си „ја приспособи“ кон сопствениот вкус, мера, издржливост. А оној што чита – учествува и допишува во „пукнатините“ на текстот, оставен како партитура од писателот. Тоа е крупната разлика меѓу гледањето слики и читањето. Настрана што сликите се подложни на монтажа, при што можат да се „прескокнуваат“, а читањето подразбира одење од ред на ред. Кој чита, не само што учи да биде трпелив за целината, не само што УЧЕСТВУВА во создавањето на целината, туку добива смисла и за РЕД и ПОРЕДОК.
Затоа, да се вратиме на читање. Убеден сум дека помалку ќе се убиваме.

Извор:

https://novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/chitajte-pomalku-kje-se-ubivame/